
Во август Wired објави: „Вебот е мртoв“. Но сепак, еволуцијата, а не изумирањето, отсекогаш била главното правило на медиумската екологија. Новите медиумски предатори стануваат доминантни, но другите медиумски видови не исчезнуваат, туку се приспособуваат на новата ситуација.
Тоа е поука како од историјата, така и порака на водечките медиумски теоретичари како Маршал МекЛуан и Нил Постман. На пример, на почетокот се сметаше дека телевизијата е закана за радиото и за киното, а потoа и двата медиуми еволуираа и преживеаја.
Иако одреден еволуциски примерок останува недопрен, стручњаците се согласуваат дека постои многу важна разлика во современата медиумска екологија. Тргнете ги преувеличувањата поврзани со предвидувањата за смртта на ова или она, објаснуваат, и она што главно останува се коментарите за влијанието врз забрзаното темпо на промени и натрупаните иновации во полето на медиумите во ерата на интернетот. Резултат од ова е порастот на бројот на разните облици на дигитални медиуми и брзото менување на обрасците за консумација на овие медиуми. Така еволуциската машина работи побрзо од кога било порано и ја отвора вратата за новите и често непредвидени можности.
„Самата промена квалитативно се промени“, вели Жанет Стернберг, професорка на Универзитетот Фордам и претседателка на истражувачката установа Здружение за екологија на медиумите. На пример, брзо никнуваат мрежи како Фејсбук, Твитер итн. Овие мрежи се хибриди од комуникација, медиумска размена и сирово самоизразување. Новите разновидни дигитални апарати како што се умните телефони ај-фоун или Андроид, ај-подовите и ај-падовите го поттикнуваат продолжувањето на иновациите и експериментирањето.
Приспособувањето веќе се случува. Студентите од прва година на факултет веќе не носат рачни часовници зашто мобилните им го покажуваат времето, а ретко ја користат и електронската пошта, пишува во анализата на мисловниот систем на Универзитетот Белот објавен во средината на август. (Овој попис кој се објавува секоја година, а го имаат создадено два професори од овој факултет во 1998 година, треба да служи како преглед на ставовите и однесувањата на новите студенти.) Наместо електронска пошта младите повеќе ја сакаат комуникацијата преку социјалните мрежи, пораки во реално време или смс пораки зашто е поверојатно дека на таквата порака пријателите побрзо ќе реагираат.
Американците сè помалку разговараат по телефон, а кога и разговараат, разговорите се пократки, ни кажуваат податоците од оваа индустриска гранка. Делумно тоа се одразува врз промената во користењето на мобилните, кои сега повеќе се користат како мобилни компјутери на кои се комуницира преку пишани пораки. Но, стручњаците тврдат дека тоа се одразува и на посуптилна промена во бонтонот. Луѓето сè повеќе ги користат смс пораките и пораките на електронската пошта за да договорат телефонски повици кои сега се резервирани за поважни и посложени разговори. Во блогосферата големи пустоши стојат неискористени и напуштени. Но, сепак, и тоа е знак за приспособливо однесување. Поголемиот дел од комуникацијата на личните блогови се однесуваше на „социјалноста“ која се пренесе од социјалните мрежи како Фејсбук, смета Џон Кели, водечки научник во истражувачката компанија Морнингсајд Аналитикс од Њујорк. Но, професионалните блогови наменети за јавноста, кои се занимаваат со теми како што се политика или вести, доживуваат процут, забележува Кели.
Ширењето на мобилните медиумски апарати како умните телефони доведе до создавање софтверски апликации кои го олеснуваат читањето на текстовите и гледањето видео снимки на мали екрани. Така корисниците не ги прегледуваат овие медиуми преку интернет пребарувачи како што се Интернет експлорер или Фајрфокс, што е и централната точка на текстот „Вебот е мртов“ на списанието Wired. Меѓутоа, книгите, списанијата и филмовите кои се гледаат, на пример, на ај-под се преземаат на интернет. И Wired го препознаа тоа, па го додаде поднасловот „Да живее интернетот“. Слично на ова, веројатноста за крахот на Фејсбук лежи во фактот што тоа е едно пренатрупано Веб суштество, а мобилните апарати бараат елегантен и едноставен дизајн.
Медиумската еволуција, секако, има и свои жртви. Но, најчесто тоа се начините на дистрибуција и зачувување. Фотографскиот филм е истиснат од употреба, но луѓето фотографираат повеќе од кога било порано. Цедеата не се веќе доминантни зашто музиката сè повеќе се дистрибуира на интернет.
„Книгите, списанијата и весниците се на ред“, предвидува Николас Негропонте, основач на Медиумската лабораторија на МИТ. „Текстот не е на заминување, како ни читањето. Всушност, хартијата нè напушта.“ Технологијата никако не е единствениот придвижник на промените. Културните вкусови понекогаш предизвикуваат необични движења во еволуциониот танц. Се чини дека грамофоните и винилните плочи целосно изумреа, а потоа повторно ги оживеаја аудиофилите, вклучително и диџеите кои создадоа нов звук и ритам – уметноста на грамофонот.
Денес аналогните апарати често се поврзуваат со компјутери заради дополнително уредување на звукот. „Тоа никој никогаш не го предвиде, но сепак се случува“, вели Лиза Гителман, историчарка на медиумите од Факултетот Њујорк. „Кога ќе погледнеме како медиумите еволуираа, јасно е дека нема јасна линија кон напред.“
Во педесеттите години телевизијата стана предизвик за радиото и филмовите. Денес традиционалните медиумски компании се соочуваат со предизвикот што им го постави интернетот. Предизвикот не лежи само во технологијата, туку и на начинот на кој се променија навиките на корисниците на медиумите.
Извршувањето повеќе задачи истовремено, во смисла дека една личност е навистина способна да се сосредоточи на повеќе од една когнитивна задача истовремено, можеби е мит, сметаат стручњаците. Но, се чини дека тоа е точен опис на однесувањето на поголем број луѓе; гледаат телевизија додека пребаруваат на интернет и одговараат на смс пораки.
„Потрошувачите стануваат повешти при истовремената консумација на два или три медиумски облици“, смета Стив Хаскер, управник на медиумскиот оддел во Нилсен, компанија за истражување на глобалниот пазар.
И концентрацијата еволуираше, односно се скуси. „Го сакам ај-подот“, признава Негропонте, „но мојата можност за читање на какви било подолги текстови повеќе или помалку исчезна, а додека читам, постојано сум во искушение да ја проверам електронската пошта, да го проверам значењето на некои зборови или да ги прескокнам деловите што не ме интересираат.“ Луѓето ја обликуваат разбрануваната медиумска екологија во иста мерка како и технологијата.
Извор: Њујорк тајмс
И концентрацијата еволуираше,
Испратено на 31 август 2010 од АнонимeнИ концентрацијата еволуираше, односно се скуси
so true... го видов насловот, меклуан и скролав до долу