Шармот и стапиците на напредокот

01.09.2010 16:05
climatechange.jpg

Август во Европа не е време за сериозна политика, бидејќи на Европејците им изгледа дека ништо во светот не се случува додека тие одмараат. Овој месец обично со семејството го поминувам во нашата стара реновирана куќа на село во југозападна Франција. Додека го пишувам ова седнат под виновата лоза во градината, ги гледам ридовите обраснати со шума од кои не се гледаат другите објекти.

Нашето село се состои од мали фарми, неколку вили со соби за изнајмување и десетина други куќи. Пред еден век ова било заедница во која живееле повеќе од 50 луѓе, додека денес само фармерот и неговата мајка во поодминати години се постојаните жители, а другите доаѓаат за време на одморот. Напредокот кој го оствари Франција беше проследен со миграцијата од село во град. Пред неколку години локалниот фармер ме праша зошто луѓето кои живеат на село сакаат да се отселат, додека жителите на градовите од северот на Европа доаѓаат да југот од Франција и купуваат стари куќи Претпоставувам дека одговорот делумно се крие во сонот на припадниците на средната класа кои живеат во северните градови – потрага по сонце во текот на денот и желбата за тишина ноќе.

Напредокот остави трага и во текот на изминативе 15 години, откако сме сопственици на куќава. Во нашето село некогаш постоеја по две продавници од секој вид – месарници, пекарници, железара, додека сега овој број е преполовен. Супермаркетите во околните градови ги потиснаа помалите продавници, веројатно бидејќи имаат подобар избор на производи и се поевтини.

Вториот показател за напредокот е доаѓањето на интернет приклучоците, така што сега можам да го користам лаптопот како да сум дома во Лондон, а благодарение на сателитската антена ги следам странските ТВ програми и радио-станици, што претставува значителен чекор напред. Сепак, некогаш бев во состојба да се „исклучам“ од светот кога сум на одмор, како и да ја заборавам технологијата. Денес немам изговор за да го направам тоа и секогаш сум на должност.

Благодарение на телевизијата, станавме сведоци и на лошите страни од напредокот ширум светот. Можеби ужасните поплави што ги погодија Пакистан и Кина не претставуваат директна последица од климатските промени, но се добива впечаток дека има многу докази дека варијациите во климатските услови стануваат сè поголеми и зачестени. Знаеме дека седумнаесет пати поголемото ниво на јаглен диоксид во атмосферата за време на минатиот век е цената на напредокот, како и дека жителите на најсиромашните делови од светот ќе ја платат најголемата сметка.

Да се дефинира напредокот на начин кој би подразбирал дека таквата состојба е одржлива, што би значело и задржување на она најдоброто од минатото, не е лесно. Изразите како „давање отпор кон глобализацијата и силите на пазарот“ често се употребуваат кога станува збор за идеализираните погледи на некогашниот живот, што претставува парадокс во Франција, бидејќи наспроти антиглобалистичката реторика Мекдоналдс рестораните се попопуларни отколку во другите делови од Европа. Истовремено, француските компании одлично работат на глобалниот пазар, за разлика од малите произведувачи во оваа држава. Производителите на сирење и на слатки, како и сопствениците на ресторани се погодени од високите даноци и другите трошоци, додека во супермаркетите се продаваат производи од Азија.

Затоа, останува прашањето како на најдобар начин да ги зачуваме вредностите кои претставуваат дел од идентитетот на одредени региони, а истовремено да ги прифатиме промените кои нашиот живот го прават подобар? Како да направиме пазарот и технологијата навистина да им користат на луѓето, а не обратно? Овој проблем делумно може да се надмине доколку се обидеме појасно да ја одредиме цената на она што го нарекуваме напредок. Како пример, треба да се прашаме која е сметката што ја плаќаме ако секогаш купуваме во трговските центри надвор од градот, зашто на тој начин се губат зелените површини и се зголемува интензитетот на сообраќајот? Не смееме да заборавиме дека она што има смисла на огромните пространства на Тексас не мора нужно да биде ефикасно и во француските и британските села.

Исто така, мораме да се погрижиме технологијата да ги задоволи потребите и на посиромашните луѓе, а да не биде користена за да се продлабочи јазот меѓу жителите на западните држави и остатокот од светот. Конечно, треба да разгледаме колкави се штетите и која е користа од енергијата што ја користиме, особено од употребата на јаглерод диоксидот, бидејќи цената за нашите пропусти ќе ја платат жртвите на поплави во Азија, фармерите во Русија и во Африка, како и сите наши внуци, меѓу кои и моите пет, со кои го поминувам ова лето. Какво завештание им оставаме благодарение на таканаречениот напредок? Склони сме да поверуваме во тоа дека постарите генерации секогаш оставаат подобар свет за потомците, но дали таквото стојалиште сè уште е точно?

Авторот е поранешен британски гувернер на Хонг Конг и комесар на ЕУ за надворешни односи. Моментално е декан на Универзитетот Оксфорд.

Слични статии

Живот

ОкоБоли главаВицФото