
Да се влезе во војна е лесно, но тешко е да се излезе од нејзината прегратка. Оваа аксиома посебно важи за денешните САД, бидејќи се справуваат со три војни од кои две се наметнати (Авганистан и „војната против тероризмот“), додека третата (Ирак) непотребно ја започна американската администрација која беше заслепена од идеологијата и суетата.
САД немаат изгледи да однесат воена победа во Авганистан или Ирак; трошоците на овие војни едвај се издржуваат, а политичката поддршка на домашната јавност опаѓа. Америка мора да се повлече, но цената која треба ја платат САД, нивните сојузници во регионот и на Запад, и понатаму останува отворено прашање.
Последните борбени трупи на САД се повлекоа од Ирак. Наспроти фактот дека ги употреби сите средства кои ги имаше на располагање, најголемата воена сила во светот успеа само да воспостави лабава стабилност на домашен терен. Денес никој не носи транспаренти со натпис: „Завршена мисија!“. Ниеден од итните политички проблеми предизвикани со интервенцијата на САД, односно прашањето на поделба на моќта меѓу шиитите и сунитите, Курдите и Арапите, и Багдад и регионот, всушност, не е решен.
Ирак и понатаму е држава без единствен народ. Всушност, постои опасност да стане „фронт“ на кој соседите ќе се борат за различни интереси. Поради борбата меѓу водечките сунитски сили, Саудиска Арабија и шиитскиот Иран за воспоставување превласт во Персискиот залив, постои опасноста Ирак повторно да се претвори во боиште, вклучувајќи уште една рунда граѓанска војна. Во еден таков судир веројатно веднаш би биле вовлечени соседна Сирија и Турција. Останува само надежта дека вакуумот создаден по американското повлекување нема да премине во насилство.
Ситуацијата во Авганистан е уште посложена. Авганистан е одраз на Ирак во огледалото – додека Ирак е држава без народ, Авганистан е народ без држава. Таму никогаш не се заканувала опасноста од сепаратизам, но уште од советската инвазија во 1979 г. земјата беше упориште на војната поради глобалните и регионалните конфликти.
Она што го гледаме во Авганистан не е само граѓанска војна. Преку своите авганистански сојузници, посебно Пакистан, но и Саудиска Арабија, Иран, Индија и земјите од централна Азија се заплеткани во борбата за влијание.
Војната во Авганистан најпрвин беше ослободителна војна против Црвената армија, а потоа прерасна во граѓанска војна, додека од средината на 1990-те беше вклучена и во индиско-пакистанскиот судир, бидејќи Пакистан настојуваше да постигне регионално влијание преку Талибанците, „изум“ на пакистанската тајна служба ИСИ.
Терористичкиот напад од 11 септември 2001 го претворија Авганистан во упориште на глобалната војна. Но што ќе следува сега? Враќање во регионалната војна и исламистичкиот терор, или настаните ќе имаат непредвидлив пресврт? САД и НАТО се во недоумица кога се работи за Авганистан. Ниту можат да останат неограничено време во оваа земја, ниту да се повлечат.
Всушност, пречесто се заборава дека САД веќе еднаш се повлекоа од оваа земја, по советското повлекување во февруари 1989 г. Дванаесет години подоцна, по терористичките напади 2001, САД и нивните западни сојузници мораа да се вратат за да се борат против Ал Каеда и Талибанците, кои го претворија Авганистан во плодна почва за исламскиот тероризам.
Лекциите научени од 1990-те не се тешки за разбирање и се премногу важни за да се занемарат. Сепак, одредени западни официјални лица несомнено се обидуваат да го сторат токму тоа. Европејците сакаат да се повлечат што е можно побрзо, а САД веројатно ќе тргнат по нивните стапки. Стана јасно колкава грешка направија САД бидејќи никогаш не развија соодветна политичка стратегија за Авганистан и наместо тоа, тие се потпираа исклучиво на воените средства. Стратегијата за „авганизација“ на конфликтот преку обука на локалните сили за безбедност – за што е постигната спогодба на почетокот на годинава на конференцијата во Лондон – главно е заснована на американскиот и европскиот распоред за повлекување, а не на ситуацијата во земјата и регионот.
Доколку САД и НАТО го остават Авганистан на неговите сопствени замисли, а претходно не создадат минимална регионална стабилност, извесно е дека опасноста наречена „исламски терористи“ многу брзо повторно ќе се појави и ќе биде поголема од онаа во 1990-те. Меѓутоа, за воспоставување на регионална стабилност, пред сè, треба да се искристализира улогата на Пакистан во Авганистан.
Истиот предизвик се крие зад формулата за „инклузија на Талибанците“, бидејќи Талибанците без Пакистан немаат сили за напади. Клучот за решение на Авганистан лежи во Исламабад, а не во Кабул, што значи дека Ричард Холбрук, специјалниот пратеник за Авганистан и Пакистан на претседателот на САД, Барак Обама, сега е поважен од генералот Дејвид Петреус, воениот командант во Авганистан.
Западот сака да се повлече од Авганистан и тоа сигурно ќе го стори. Меѓутоа, иронијата лежи во фактот дека повлекувањето може да одведе во нова, многу поопасна регионална војна, бидејќи Иран продолжува да се стреми кон својата цел, односно кон производството на нуклеарно оружје.
Авторот е поранешен германски шеф на дипломатијата и вицеканцелар од 1998 до 2005 г.