
А сега една чудна приказна со додолски елементи; ми ја има раскажано Иван Додовски.
Дејствието се случува во дворот на семејството Додовски, во Битола.
Била голема суша. Во дворот на семејството се собрала група додолци. Неочекувано, од небото, наместо дожд, се спуштила птицата додо и почнала да го задева семејниот доберман. Истренираниот доберман ја грабнал додо птицата и додека доитал докторот - довикан од вџашените додолци - птицата веќе била дотепана, на голема жалост и на додолците и на целото семејство Додовски.
Дедото на Иван, колку што помни Иван Додовски, тогаш ја добил неблагодарната задача да го додере доберманот, кој бил малку подизгребан, „да не речам одран“, како што се изрази Иван подоцна, „од дрската, сега покојна, птица додо“.
Додека дедото го додерувал доберманот се слушнало дерењето на средниот внук, Ване, кој внатре гледал телевизија. Тука го имаме првиот елемент дека работава била халуцинација, т.е., според Фројд, лажно сеќавање, се сеќавам дека ми кажа Иван Додовски, инаку дипломиран компаратист, чија приказна прераскажувам, или дораскажувам, до раска, со мали измени тук-таму, кои на апокрифите им даваат палимпсестност, и обратно.
Значи, Ване се дерел: „Дедо, Ева (постарата сестра, т.е. дода, на Иван Додовски) си игра додолка на начин што ми додава вода во вратот со што не само што ми додева туку и ми придодава непотребна тензија на веќе постојната додека го гледам кловнот Доде парчосан од еден питбул териер на телевизија. Башка мама се нервира што не може да го додои и довие Иван, ниту пак да ги додипли пелените. Многу и’ е тешко, дедо, а питбулов е страшен!", се пожалил внукот Ване.
„Додрнкај уште малку, синко, колку да го додерам кучево. Потоа додлаби ги до крај приговорите, остај ја Ева да се догрева од нашите стари обичаи, а после причекај да ти додојдат сите срања комплет, па прати список. И можеби најважно од сè, почни да го делкаш телевизорот, за да ги додржиш нервите, а и приказнава за да добие соодветен крај", рекол дедото и прво што направил, го фрлил додраниот доберман.
Халуцинацијата може да биде заразна, ми има еднаш речено Иван Додовски, додавајќи: можеби во тоа се крие тајната и на додолците?!
Нејсе, дедото конечно направил продор во (хипер)реалноста и почнал да го доделкува телевизорот, дотогаш сосема малку делнат од постариот брат на Иван, Ване. „Дедо ми уште тогаш се досети дека додолскиот концепт се доизарчува, но и дека додевањето од етерот ќе биде долевање врз ионака донаполнетата чаша на нашето лудило, семејно и општо", се сеќавам дека ми има речено Иван Додовски, дека му рекол дедо му.
Како и да е, досадната телевизија со недозреаните метеоролози ги доистера додолците од нашите фантазии, а семејството на Иван се пресели во Скопје. Дали фактот што раскажувачот на приказнава, Иван Додовски, во времето на случувањето бил токму недодоениот и недовиениот во пелени, значајно влијае на нејзината веродостојност - не би знаел да доумам. Важно се доискажав, а вие доислушавте.
слики: Julie Morstad
iluzija
Испратено на 03 септември 2010 од rotvajlerДругар Гелевски, илузија и халуцинација на вашата хипер-реалност е постојаната борба за еклектична вистина за себе отсликување во туѓата перцепција. Субјективитетот ве дразни со иста жестина како и силата на интерниот порив мотивиран од стравот за мешање со медиоктитетот кој е и апсолутна вистина за сите нас
pomalku drogiranje, povekje
Испратено на 04 септември 2010 од droljapomalku drogiranje, povekje sex. licna preporaka do avtorot