
Лион Рук
Давења
Бебето направи нешто лошо, па го измивме. Повторно направи нешто лошо, па повторно го измивме, но сега во длабоката вода. Кога следен пат направи нешто лошо, отидовме до морето, се сместивме во еден убав чамец и веславме до морската шир, каде на едно место го потопивме бебето во водата, го држевме неколку минути и потоа истото го повторивме. Жена ми заплаче. Бебето беше толку лошо, толку неподносливо лошо и таа не можеше да го сфати тоа. Таквите проблеми никогаш не постоеле во нејзиното семејство, рече, и ќе полуди што не може да сфати од каде сега се случува такво нешто. Ме напаѓаше и ме удираше, а притоа постојано и жестоко ме давеше во водата, тврдејќи дека само јас и моето семејство сме виновни за тоа. Возвратив непријатно, многу непријатно, и ја нападнав, ја удирав и притоа постојано и жестоко ја давев во водата.
Дотогаш веќе бевме далеку на морската шир и брегот одамна исчезна. Наспроти тоа, чувствувавме огромен восхит. Се чувствувавме значително подмладени. Како да го објаснам тоа? Се чувствував многу добро, ако подмладеноста значи тоа, и така, тука на водата, на морската шир, далеку од дострелот на чуварите на цивилизацијата, направивме за себе ново бебе.
Сара Мекдоналд
Јас и моите
Сакаме готова вечера, велат тие. Сакаме готова вечера. Ова не е некоја супа без врска, им велам. Ова е „кембел“ супа, сите деца кои ги пијат супите „кембел“ имаат полни, румени лица. Зјапаат во мене. Не разбираат што им зборувам. Мама повторно пиела, вели Џејсон. Гледа премногу сапуници.
Можеме ли во Мекдоналдс на вечера, ме прашуваат со ангелски израз на лицето. Секако, велам, татко ви нека ве носи, јас ќе останам дома. Не, вели, Сузи, мораш и ти да дојдеш. Не можам, им велам, имам љубовен состанок со човекот кој поправа телефони. Чекај само додека тато дојде дома, вели Сузи. Таа верува во сè што ќе и’ кажам. А и’ кажувам, на пример, дека Бог е голема црна жена која носи сребрени ракавици од зглобовите до лактите. Ја видовме еден ден во автобус.
Џејсон и јас ја гледаме серијата „Коронејшн стрит“ и пиеме млекочај. Во мојот чај има малку млеко, а во млекото на Џејсон малку чај. Сузи секогаш се крие кога ја гледаме оваа серија зашто не поднесува да не и’ се посветува внимание, и затоа повеќе сака да мисли дека таа не ни посветува внимание нам.
Телефонот ѕвони токму во мигот кога Стенли и’ раскажува на Вера за девојката во белата спортска кола. Мама моментално моча, вели Сузи. Дали може подоцна да ви се јави? Понекогаш навистина го сакам ова дете.
Дејв Маргосиз
Љубовна приказна
Ќе го прескокнам вообичаениот почеток, описите на пејзажи кои на расказот треба да му го обезбедат „вистинското чувство“, „деталите и деловите од мебелот“ кои, како што тврдат предавачите по креативно пишување, треба да го убедат читателот да верува во расказот – накусо, сите трикови и финти.
Ќе ја прескокнам, исто така, историјата: кој сум, од каде сум, сите детали од мојот живот кои треба да ме направат уверливи мене, мојот глас, и – можеби – да ве наведе да посветите внимание на она што ќе ви го кажам.
Ќе го прескокнам сето тоа и веднаш ќе преминам на поентата, на сржта на приказната: момчето ја здогледува девојката, момчето чувствува дека девојката го привлекува, момчето се обидува да ја сретне девојката, момчето навистина ја среќава девојката, момчето и’ вели на девојката дека ја сака; девојката го погледува момчето на чуден начин, подмижувајќи заради димот што излегува од цигарата која тој ја држи меѓу двата прста на инаку празната маса, подмижувајќи со ледено сините очи со кои гледала во многу момчиња, во многу нешта, со тој ист поглед на пајак, и трепка под месечината.
„Зошто?“, вели таа.
Кент Томпсон
Обврски
Се обидуваме сè да биде тивко, но не успеваме. Мадам Мекеј наизменично покажува бес и понижување – во еден миг се дере на послугата, во следниот ги моли за прошка. Таа, знаете, е во состојба да полуди. Не го очекував тоа. Вчера ја исфрли облеката на ќерка ми на снегот. Кога слугинката се побуни, мадам Мекеј рече: „А што друго да се направи со облеката на таква... жена?“ Барем избегнува некои зборови. А тоа многумина не би го направиле. А Милворд? Дали знаете што најмногу ме изненади? Што кожата му е толку блескава. Да. Тој блеска; образите му блескаат; проќелавата глава му блеска. Едвај набави пиштол, но го носи како некој вид обврска, не за одмазда. Пиштолот му претставува страшен товар. Мислам дека не се лути и дека попрво ќе го употреби за себе отколку за таа личност.
Мик Берз
Олеснување
„Знаеш што, си одам дома.“
„Што ќе правиш таму?“
„Кога ќе стигнеме таму?“
„Да.“
„Ќе пијам.“
„Навистина? Мислев дека одиш дома да плачеш.“
„Не, одам дома да пијам – на да плачам.“
„Иста работа.“
Слика: Thomas Huyghe