
Монодијалогот човек-град
Комуникацијата меѓу човекот и градот секогаш се заснова врз некој вид таен разговор. Градот одѕвонува во мене само онолку колку што јас самиот во себе, да претпоставиме, ги насетувам одѕвонувањата во него. Тоа не се ни дијалози ни монолози, туку нешто што го означувам како монодијалог, нешто што истовремено е и разговор и поттик за понатамошен разговор, и прашање и одговор.
Често се обидував да замислам како изгледаат, веројатно недоволно артикулираните, а можеби и драматични, „монодијалози“ на новите, сè уште неприспособени жители на големите европски градови. Тие, се разбира, го прифаќаат градот како физичка шанса за удобност: уживаат во предностите што домаќинот ги нуди – а дали воопшто се впуштаат во разговор со домаќинот? Ги интересира ли кој е тој, што е, што сака да им соопшти, каде да ги упати? Ја насетуваат ли мудроста на неговото помнење? Дали се подготвени да го прифатат начелото на континуитет или, криејќи се од другите и од себе, го отфрлаат сето она што во градот постоело пред нив?
Ако нема вистински и плоден монодијалог, ако човечкото суштество не се гледа и себе во калеидоскопот на градот, ако во кристалите на градската мудрост не наоѓа поттици за себе и за својата иднина, тогаш тоа е, точно во склад со Платоновите мрачни сомнежи за граѓаните на Вториот град, препуштено на денес така разработените можности за „софистичко“ заведување и искушенијата на самозаведувањето. Во тој случај негативните рефлекси се неизбежни.
Непрочитаниот град – опасна алтернатива
Се плашам дека многу, не секогаш и прикриени, пориви за деструкција се почести и посилни отколку што на почетокот би можело да се замисли. Градорушителите веќе не се собираат на приодите на градот, како некогаш одамна во библиските времиња или во времето на Преселбата на народите, ниту освојувачите се распределуваат по приградските брегови и заостанатите ридски села (го исклучувам, се разбира Балканот, зашто таму сè уште важат старозаветните слики); виртуелните рушители на градовите веќе во голем обем се наоѓаат во градот – тие се тука некаде меѓу нас.
Многу мегалополиси од денешниот свет, во своето физичко и духовно подземје – како некогаш во Рим во напуштените катакомби и хипокаусти – спорадично кријат вистински мали конфедерации на алтернативни „градови“, па и на „антиградови“, братства, племиња и секти... Книгата наречена Град може, значи, да се прочита и на многу изопачени начини, а од погрешно прочитаните книги се раѓаат не само комични недоразбирања, туку и чудовиштни катаклизми. Треба ли да се оди понатаму од примерите со невештата лектира на Хегел, на Маркс или на Ниче? Неодамнешните пеколни случувања (happenings) во Оклахома Сити, или во токиското метро или, за жал, веќе хроничните изливи на дифузен (ненасочен, значи нефункционален) магиски бес во псевдоградските пустини на Лос Анџелес – токму како и градорушителските фурии во босанската и во чеченската војна, може да излезат, се плашам, не само поттици за пример, туку и примамливи поттици.
Ако навистина постојат градови-бомби, како тогаш да се намалат тензиите и да се неутрализира психолошкиот експлозив? Решението е – барем така сакам да верувам – помалку заплеткано отколку што би можело да се претпостави. Кога станува збор за вечно немирните човечки души, никогаш нема да се згреши ако (секогаш од почеток, неуморно) се апелира на благотворните, вечни магии на Еросот. Градот треба да се засака на вистинскиот начин, а за да се засака потребно е, пред сè, да се види, да се слушне, да се сослуша. Повеќе пати ми паѓаше на ум помислата дека уште во основно училиште добредојден би бил предметот Читање на градот. Не би било неопходно на децата за учител да им се донесе самиот Платон.
Познавам многу луѓе кои меланхолично другаруваат со својата залудна, често и неизразена животна мудрост. Познавам многу и многу писатели, синеасти, историчари, антрополози и психолози, па дури и разговорливи старчиња без академски титули – љубители и исклучителни познавачи на градовите – кои човековата фантазија, уште од детството, би умееле да ја насочат кон авантуристички патувања низ времето и просторот, низ видливите и невидливите купишта камен (значи, и на бетонот и на челикот) и да ги прошетаат низ таинствените лавиринти што сè уште ги нарекуваме градови. Преминувањето од Платоновата бедна каста на Градот на вториот во премудрото друштво на Градот на првиот би било и тешко и лесно, исто онолку колку и преминувањето од светот на пред писменоста во светот на запишаните идеи.

Степени на читливост
Во овој наш преубав и застрашувачки свет има и градови (градови – сосема условно кажано) кои веќе однапред нудат мрачна лектира. Тие сигурно не се потсетници на животната радост и животната мудрост, па не можат да бидат ни добри учебници за градољубие. Духовните вредности на урбаноста по правило се во обратен сразмер со бесмислената големина на мегалополитенските големини. Нежното цвеќе на градската мудрост и убавината на светот на бетонските прашуми и наврат-нанос прикриените еколошки пожари за кои нè уверуваат дека сè уште се под контрола. Меѓутоа, вистината е дека многу монструозни, привидни облици на градовите не се веќе под уверливата контрола на разумот и причините. Сателитските снимки недвосмислено ги прикажуваат заболените делови од Земјината топка, а злокобните дамки укажуваат на сè позачестените некрози на физичкото (обично тоа значи и на – социјалното) градско ткиво.
Големиот град на денешницата, дури и кога не е зафатен со мегалополитенската метастаза – сè помалку е „град“ во вообичаеното значење на зборот. Понекогаш семантичката диверзификација е неизбежна. Веќе во американските услови зборот „град“ – во своето просечно значење – во голема мерка ја губи традиционалната, платонска, речиси полубожествена аура. Точно е дека Њујорк сè уште е неоспорено мементо на суперурбанитетот, мonster-метафора на современата цивилизација, исто како што некогаш бил Урбс, симболот на доцнo античка цивилизација во целина. Точно е, исто така, дека и Сан Франциско е една од воодушевувачките градски личности на нашето време – но, дали некој ќе се осмели да го каже истото и за Лос Анџелес? Самата оваа споредба е доволен доказ дека разликите меѓу градот и неградот, наспроти силните показатели на физичкиот, техничкиот и економскиот ред, се многу суптилни и дека сепак, и пред сè, се наоѓаат во сферата на човечките чувства, претстави и идеи. Градот сè уште е град само ако може да се прочита како град и ако, макар малку, сè уште зрачи со некоја внатрешна, значи метафизичка енергија на својата личност.
Волшебната сила на градското суштество – според наједноставните физички закони на привлечност – нагло опаѓа со оддалечувањето од традиционалното јадро. Понатамошната последица од ова би била создавањето невидлива граница, по која човекот веќе и не е во градот, дури и ако е опкружен со силните лажни атрибути на градскоста: диви купишта челик и бетон, сообраќајни клучки, за’рѓани естекади, канали, лагуни со отпадни води, фавели и од магла затруен воздух. Некаде далеку, многу далеку, на осамените падини од загубениот рај, понекогаш се наоѓа нешто што се зачувало како доказ дека вистинскиот град, дури и само симболично, сè уште постои. Во веќе легендарните јужноамерикански, или источни, или далекоисточни азиски „мегалополиси на бедата“ основното јадро (на поранешниот) град станува речиси олтарски простор, precint, temenos на Градот-предок, засеен со фетишите на спомените и талисманите на идентитетот. Реално најчесто станува збор за некој вид затворен, па дури и забранет град кој не е заграден со дебели ѕидови, но за обичните смртници е оддалечен со несовладливи далечини. И така, иронично, литургиските часови на читање главно се подаруваат на туристите, а другите жители се задушуваат и губат во привидниот, псевдоградски текст без вистинско значење. Станува збор, се разбира, за физичка превласт, но и за семантичка ентропија на Градот на вториот.
Другите текстови од Богдан Богдановиќ се достапни на следниов линк.
Фотографии: Амир Заки