Во хип хопот на прво место е пораката

06.09.2010 12:32
Во хип хопот на прво место е пораката

Аднан Хамидовиќ - Френки, родум од Тузла, својот пробив на Балканската хип хоп сцена го направи како пратечки МЦ кој настапуваше со Едо Маајка. По издавањето на неколку антологиски траки како «Мистер Полисмен» (за која беше казнет), «Ајмо их Рушит», «Доста», «Покрени се», «Брус Ли Рап», «Ово није ОК» , Френки се здоби со статус на култен хип хоп артист и воошто уметник. Зад себе има три албуми и едно ЕП. Денес претставува можеби најбрзиот рецитатор на Балканот, кој е еднакво популарен поради своите остри политички стихови. Во продолжение ви го пренесуваме интервјуто на Френки за Окно.

После три албуми, едно ЕП, и безброј колаборативни траки, ти веројатно имаш кажано многу повеќе за босанската општествена реалност отколку многу писатели, колумнисти и критичари. Како успеваш после толку години да ја задржиш острицата и сè уште да се бориш за општествени промени? Или можеби е подобро да те прашам дали има воопшто да се создава рап без социјална и политичка порака?
 
За мене, во хип хопот секогаш на прво место била пораката. Секако дека е важно да имаш бит, продукција и важно е како сето тоа на крајот ќе звучи, но во прв план е она што ти ќе го кажеш, каква порака ќе испратиш. Со оглед на тоа дека живееме во сјебана држава, ја сметав дека мојата обврска е да говорам за општествените состојби. Оваа музика е сама по себе ангажирана и таа ме научи така да размислувам – да имам критички став, да укажувам на неправдите... Јас сум цврсто убеден дека музиката има влијание врз слушателите. Тоа го кажувам и од сопствено искуство. Мене оваа музика ме има многу од тоа научено, и ми помогна да се изградам себе си како личност.

Ти си еден од ретките не-политичари а јавни личности кои не се плаши да признае дека е политичен и дека има политички ставови. Дали можеби аполитичноста и апатијата кај останатите е она што треба да се промени?
 
Тоа е еден од клучните проблеми. Ако ние не се занимаваме со политика, тогаш таа се занимава со нас. Секој млад човек кој не гласа на избори, автоматски го дава својот глас на владејачката коалиција и така праќа порака дека нему всушност му е добро. Знаејќи каква е ситуацијата, не сум сигурен дека има многу луѓе во БиХ на кои им е добро. Лошите политичари се избрани од добри граѓани кои не излегле на избори!

 
Во “Паметни и богати” рецитираш за твојот сон како изгореле ЕУ, Русија, Холивуд, корпорациската индустрија. Дали мислиш дека на Балканот се создава нов колонијализам, кој како што кажуваш „со капитализмот ги прегазува луѓето, а со национализмот ги поделува?”
 
Мислам дека се наоѓаме во транзиција од див капитализам и дива демократија во нормален капитализам и нормална демократија. Сè уште не заживеала праведната држава и политичарите и тајкуните ги користат овие моменти. Секојдневно читаме за афери и корупција, но никогаш тие приказни не доживуваат свој епилог. Никогаш нема судење, и ретко некој да одговара за криминалот кој го чинел. Затоа што кај нас може да се купи буквално сè, вклучително судот и полицијата. Мислам дека капиталот не познава нации. Кога луѓето би имале работа би било значително подобро, но тука е другата страна која тој капитализам ја носи со себе.

Неодамна го читав твојот есеј, “Казанска револуција”. Кажуваш, и мислам дека си во право, дека е лицемерно од другите да бараме извинување и соочување со минатото, а при тоа ја игнорираме својата сопствена приказна. Кажи ми малку повеќе од тоа, кои се твоите размислувања во врска со помирувањето со минатото?
 
Кога јас како Бошњак го критикувам српскиот национализам, тоа може да се протолкува како напад на друга нација и лесно може да бидам означен како бошњачки националист. Затоа велам дека секој прво треба да зачисти пред својот двор. Секој треба да се погрижи за сопствените националисти. Секој народ треба да сфати дека и кај нив имало злосторници и со тоа треба да се соочат. Но ако кажеме дека сите три страни вршеле злосторства и мислиме дека со тоа сме ја завршиле работата, тогаш правиме грешка. Затоа што не е вистина дека сите страни во иста мера чинеле злосторства. Таа флоскула „сите вршеле злосторства”, всушност, претставува обид да се изрелативизира целата приказна. Често пати од спрпските политичари слушаме дека Хаг е суд за Срби само затоа што од сите таму најмногу има Срби. Вистина е дека таму има најмногу Срби, но не затоа што Холандија, Европа и светот ги мразат Србите, туку затоа што српската војска извршила најмногу злосторства. Ете, сега и сам западнав во замката од почетокот на мојот одговор.
 

Со Дамир Авдиќ, а после тоа и како соло верзија, ја издаде траката «Еј Оџа» , која можеби е прво дело на Балканот, или бар прво мејнстрим дело, кое директно ја критикува политизацијата на исламот. Каков беше приемот на таа песна? Како се чувствуваше во врска со тоа, дали беше поинаку да се рапува за Оџата, отколку да речеме, за «Мистер Полисмен»?
 
Па најсилната критика, нормално, беше од Бошњачката заедница. Но имаше и доста луѓе кои со мене се сложија. Луѓе кои се големи верници, па дури и членови на исламската заедница. Тоа се секако паметни луѓе кои знаат да разликуваат напад на нечија вера од критика на одредена личност. Не можам да речам дека имав некои проблеми, што исто така кажува нешто. «Еј Оџа» е посветена на нашиот Реис Цериќ и многу луѓе не се задоволни од тоа како тој ја извршува својата функција. Во џамиите ја донесе политиката, а тој стана ѕвезда од насловните страни. Можеби во Европа се претставува како либерален и отворен, но ние во Босна го знаеме неговото право лице.
 
«Кад чемо их рушит?»
 
На трети октомври! 

 

Слични статии

Музика
Музика

ОкоБоли главаВицФото