
Популарната писателка Фани Брни во 1811 година дознала дека има рак и се подложила на мастектомија без анестетик. Ја легнале на стар кревет, а лицето и’ го прекриле со тенка газа низ која ги следела движењата на хирургот надвиснат над неа.
„Го почувствував хируршкиот нож како под остар агол ми ја сече кожата, додека телото толку силно се грчеше што изгледаше како да сака да се спротивстави и да ја измори раката на хирургот кој беше принуден да го менува правецот од десно кон лево“, напишала подоцна. „Крикнав, а вресокот непрестајно траеше за време на целата операција и се чудам што сè уште не ми одѕвонува во ушите.“ Хирургот отстранил поголем дел од дојката, но потоа морал неколку пати подлабоко да оди за да ја заврши работата: „Потоа почувствував како ножот доаѓа до самата градна коска, и стружи! Сето тоа се случуваше, а јас во тишина чувствував болка која не може да се опише со зборови.“
Операцијата била морничава, но вистинската храброст на Фани излегла на површината по неа. Наместо едноставно да го остави целиот тој ужас зад себе, таа цврсто решила да го запише сето она што и’ се случило. А тоа се покажало ужасно болно. „Не со денови, не со недели, туку со месеци не можев да зборувам за овој ужасен настан без речиси одново да не го проживеам!“
Шест месеци по операцијата конечно почнала да го пишува својот опис. И’ биле потребни уште три месеци за на хартијата да ги пренесе илјадниците зборови. Страдала од страшни главоболки секогаш кога го земала перото во рака и почнувала да се присетува. „Не се осмелувам да го уредувам текстот, не се осмелувам да го читам, толку болни се сеќавањата“, признала. Но, го довршила. Како целата работа за неа да била некој вид ментален војнички камп. Борбата на Фани нè потсетува дека карактерот не е само прашање на моралот, туку прашање и на умот. Херојството не постои само на бојното поле или во јавноста, туку и во нашите умови, лежи во способноста да се соочиме со непријатните мисли. Таа живеела во време кога луѓето се сметале за грешни од раѓање, а за да се биде добра личност, тоа значело дека секој мора да се бори против своите слабости. Во менталната сфера тоа значело победа над умствената мрзеливост со макотрпни и понекогаш затапувачки здодевни лекции. Тоа значело победа над лекомисленоста со слушање побожни проповеди и говори. Соочување со болката. Акцентот поставен врз менталниот карактер траел одредено време, а наскоро почнал да слабее.
Капитализмот дополнително го поткопа тој систем на вредности. Во медиумското натпреварување личностите се наградуваат ако произведат позитивно чувство во кое може да се ужива. Резултатите се мерат со гледаноста и бројот на прегледани страници, а медиумите, како и академскиот систем, се насочени кон задоволувањето на потрошувачите и не сакаат врз нив да применуваат некој режим на макотрпно градење заеднички однос. Во таквото опкружување сите помалку сме свесни за своите сериозни ментални недостатоци и не сме склони да бидеме скептични кон сопствените мислења и стојалишта.
На пример, Чарли Мунгер од компанијата Беркшир Хетавеј одржа говор за „Психологијата на погрешната проценка“. Во него ги наведува нашите природни слабости: потреба за потврда од страна на другите и избор на докази кои ги поддржуваат нашите стојалишта. Ние сме когнитивни скржавци зашто се обидуваме да размислуваме колку што е можно помалку. Размислуваме како стадо и сопствените стојалишта ги приспособуваме за да можеме да се согласиме со групата. Нашата култура во целост става помал акцент на потребата да се бориме против сопствените ментални слабости. Современата култура на многу начини е подобра, но кога се однесува на ова прашање, е полоша. Менталната измореност кој нè следи е очигледна во политиката. Консумеристичкиот пазар се храни од идеологиите кои на луѓето им даваат можност да се чувствуваат како жртви. Денешните политичките расправи се закоравени. Прашањата како тоа дали треба да се намалат даноците и големината на владата, кои би требало да бидат обликувани според околностите (често е добро да се намалат даноците, но понекогаш е добро да се зголемат) сега се третираат како непопустливи тестови за идеолошката чистина. Поубаво кажано, доаѓа до метакогнитивен недостаток. Само неколкумина од јавниот живот имаат навика за миг да застанат и да размислат за слабостите на сопствениот начин на размислување и како да ги надополнат. Но, тоа е реткост. А самата суровост на општествената борба нè одвраќа од тоа.
Фотографија: Алисон Скарпула
Да, луѓето денес се
Испратено на 07 септември 2010 од ВикторијаДа, луѓето денес се полу-свесни. Но не, за да научиме да бидеме по-самокритични не е потребно да се ставиме на хируршка маса. Тоа не е најголема храброст. Храброста е во формата на актот да се соочиш со тоа што си го направил. А истото можеш да го направиш и ако украдеш мастика.