
Дваесет и седмата година од животот е прилично незгодна за музичарите. Можеме да претпоставуваме дали се работи за поп-феномен, непозната клетва или статистичка аномалија, но некои од најголемите музичари на 20-от век починаа во 27-та година од животот, на врвот на својата популарност.
Меѓу четириесетината музичари кои не го доживеале 28-от роденден се наоѓаат и Роберт Џонсон, Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Курт Кобејн...
Кога зборуваме за „Клубот 27“, всушност, ние зборуваме за два феномена. Првиот ги опфаќа петте великани кои нè напуштиле во 27-та година од животот: Брајан Џонс, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џим Морисон и Курт Кобејн. Во вториот феномен се работи за сите останати повеќе или помалку познати и значајни музичари чија музичка кариера нагло прекинала во оваа година од животот.
„Големата петорка“ ја поврзуваат многу заеднички нешта: не само што околу точните причини за нивната смрт и ден денес се шпекулира, туку сите биле и левораки. Една друга теорија додава уште еден уште побизарен зачин во смесата на потенцијалната теорија на заговор – наводно сите петмина во мигот на смртта во џебот имале идентична бела запалка за цигари (можеби се работи за празноверието дека марихуаната никогаш не се пали со бела запалка?).
Се смета дека основач на Клубот 27 е Брајан Џонс, гитарист и еден од основачите на The Rolling Stones. Уживал голема поддршка кај обожавателите (на што Мик Џегер бил ужасно љубоморен), но неконтролираното користење наркотици му ја обезбедило излезната врата од бендот. На помалку од еден месец по напуштањето на групата тој е пронајден мртов во базенот на својата вила. Убиство, самоубиство или несреќен случај? Сè уште се води како „несреќен случај“, но треба да напоменеме дека минатата година исттрагата повторно беше отворена. Ковчегот во кој е закопан го обезбедил Боб Дилан.
.jpg)
Џими Хендрикс е еден од најважните гитаристи во историјата, музичар кој го револуционализираше својот инструмент. Препознатливиот звук на гитарата и вокалот, како и скандалозните настапи за тој период му го обезбедија статусот легенда уште додека беше жив. Подеднакво со славата на сцената тој беше славен и надвор од неа: алкохол течел во потоци, а со наркотици му започнувал и му завршувал секој ден. Почина во еден лондонски хотел, по одржување на концерт, задушувајќи се во сопствената повраќаница. Беше прашање на време кога ќе почине поради начинот на живот, но и денес постојат гласините дека е убиен, иако полициската истрага 23 години по неговата смрт не пронајде ништо сомнително.
Шеснаесет дена по него починува и Џенис Џоплин, икона на хипи ерата која навистина буквално ја живееше изреката „sex & drugs & rock'n'roll“. На сцената таа беше една, а надвор од неа друга личност: несреќна и депресивна. Алкохол, хероин, кокаин, сеедно... Сè до мигот кога ја пронајдоа мртва во хотелската соба по напорниот ден во студиото.
.jpg)
За Џим Морисон многумина ќе кажат дека бил бог на музиката. Неговите стихови и бојата на гласот придонесоа The Doors да станат бенд кому никој не може да му се приближи. Успехот и скандалите преовладувале во краткиот живот на овој лудак/гениј, секогаш на границата на добриот вкус. Починува во Париз, а никогаш не била извршена обдукција, додека во полицискиот извештај се наведува дека причина за смртта е срцев удар. Теоријата дека се предозирал во када е доста популарна.
Последниот од големата петорка е лидерот на Нирвана, Курт Кобејн. Се чини невозможно дека човек со трипати поголема смртоносна вбризгана количина хероин може да изврши самоубиство, пукајќи си со сачмарка во главата. Но полицијата не најде ништо сомнително, иако кружеа теории дека неговата тогашна сопруга Кортни Лав, исто така музичарка, ама не толку успешна, е вмешана во неговата смрт.

Џонс, Хендрикс, Џоплин, Морисон и Кобејн се меѓу најпознатите членови на Клубот 27, но пред и по нив се сместија голем број влијателни и помалку познати изведувачи.
Роберт Џонсон, блуз музичарот за кој се тврдеше дека му ја продал душата на ѓаволот, почина во 27-та година; но прв во клубот сепак беше Луиз Чавен (Louis Chaven) познат пијанист кој почина во 1908 г. Последен на листава е раперот Yung Hott кој почина во вооружена престрелка на 17 мај 2010 г.
Во Клубот може да се смести и Ричи Џејмс Едвардс од групата Manic Street Preachers кој исчезна на 1 февруари 1995 г. Неговите родители неодамна добија официјално известување од полицијата во Велс, В. Британија, во која Ричи се прогласува за мртов на денот на исчезнувањето. Наспроти сите дезинформации, се смета дека извршил самоубиство. На 27-годишна возраст.
Во Клубот влегуваат и Rudy Lewis (The Drifters), Alan Wilson (Canned Heat), Ron "Pigpen" McKernan (Grateful Dead), Gary Thain (Uriah Heep), Pete de Freitas (Echo & the Bunnymen), Kristin Pfaff (Hole), Jesse Belvin, Dave Alexander (The Stooges), Peter Ham (Badfinger), Mia Zapata (The Gits), Jeremy Ward (The Mars Volta) и многу други. Секој член на Клубот има своја интересна приказна, но уште поинтересно е тоа што сите членови можат да се поврзат.

На пример, таткото на Кортни Лав бил пријател со басистот на Grateful Dead, Фил Лешон и токму Кортни е една од „клинките“ на насловната на плочата „Aoxomoxoa“ од 1969 г. Како тинејџерка таа се врткала низ Ливерпул со Пит де Фреитас, тапанарот на групата Echo & the Bunnymen. Се разбира, таа му беше сопруга на Курт Кобејн, а басистката Kristin Pfaff свиреше во нејзината група Hole.
Или, на пример, Рејмонд Роџерс, кој се нарекуваше Freaky Tah од групата Lost Boyz почина во 27-та година од животот. Неговиот бенд го зеде името од насловот на филмот „The Lost Boys“ на Џоел Шумахер за кој музиката ја правеа и Echo & the Bunnymen. Не треба да потсетуваме дека Echo & the Bunnymen ги свиреа песните на The Doors. И во продолжение можат да се најдат милион вакви ситни поврзаности кои делуваат како да се дел од некоја теорија на заговор.
Во што е работата со бројот 27? Нумеролозите и астролозите сигурно ќе понудат свои одговори, но останува прашањето зошто проклетството на бројот на 27 не ги погодува во толкава мера обичните луѓе, туку само ѕвездите?
Извор: muzika.hr