Самоодредувањето на рускиот фашизам

19.05.2009 15:11
Nedko_Solakov.jpg

Наспроти 9 мај (Денот на победата над фашизмот), а на роденденот на Хитлер, на територијата на поранешниот СССР донесена е судска пресуда без преседан. На осудениот ми е изречена казна затвор поради борба против фашизмот.

Ова не се случи во некоја од балтичките земји во кои, како што знаеме, фашизмот настапува со крупни чекори, па нашата Дума по забрзана постапка донесе закон против рехабилитација на фашизмот, ниту во „четвртиот рајх“, т.е. САД. Оваа пресуда е донесена во Таганскиот суд во Москва, а осуден е антифашистот Алексеј Олесинов.

Кога велам дека е „осуден за борба против фашизмот“, не се изразувам метафорично, односно, не во смисла дека е формално осуден поради тепачка, туку дека сите знаеме дека тој е водач на движењето „Антифа“. Него го праќаат в затвор поради антифашизам и тоа е напишано во заклучокот на обвинението кое е покренато од судијата Романов. Цитирам:
„Тој, Олесинов А. Ф., водач е на неформалното движење на младите „Антифа“, на кое му се придружија групи лица од машки и женски пол поради противење на лицата кои се занимаваат со пропагирање на фашизам, т.е. поддржување и заштита на граѓаните од нападите на членовите на разни неформални здруженија од спротивен профил, а чии членови (се мисли на оние на „Антифа“) ја извитоперија својата активност до чиста спротивност на своите залагања, и покажувајќи лажна сложност ја злоупотребија својата надбројност над останатите граѓани.“

Повторувам, наспроти 9-ти мај, во Москва е осуден човек бидејќи се борел против фашизмот и токму така е напишано во заклучокот на обвинението.

По изречената пресуда, учесниците на протестниот митинг за заштита на Алексеј Олесинов беа грубо растерани. Припадниците на ОМОН (Полициска единица за специјално делување) насила ги пикаа девојките во автобус ветувајќи им дека ќе бидат „изебени“, но, како и останатите учесници, откако си ги платија „казните“ од 500 рубљи (околу 1000 денари) на лице место, ги ослободуваа.

Познато е дека Русија од сите страни е опколена од непријатели. Зошто било така во СССР ни го објаснуваа на овој начин: ние го градиме најнапредниот поредок во светот, а буржуите од сите бои се задушуваат од завист. Би рекле дека повеќе не го градиме најнапредниот поредок. Од него ни остана само катастрофалната демографија како резултат на сталинистичкиот геноцид, неконкурентната економија која или произведува тенкови, или челик за тенкови, градови со куќи кои личат на бараки и индустриски зони кои личат на концентрациони логори.

Без оглед на тоа, и денес кој било „нашист“ (припадник на младешкото движење „Наши“, основано од Кремљ поради потребите на поддршка на власта на улиците и плоштадите низ Русија) кој ќе дојде на езерото Селигер (летувалиште во кое се одржуваат летни семинари за обука на водачите на движењето „Наши“) исто така ќе слушне за тоа дека сме опколени од непријатели и дена нè мразат само зашто сме толку големи и исклучителни.

Фашизмот е идеологија со која се тврди дека некој народ е посебен и опколен од непријатели. Најдете десет разлики меѓи оваа идеологија и онаа проповедана од нашата власт која своите деца ги праќа во Лондон, парите ги чува во Швајцарија, купува вили во Ница, а на толпата на езерото Селигер и’ објаснува дена Западот нè мрази бидејќи ние, Русите, сме голем народ.  

Што ако тоа не е фашизам?

Навикнавме фашизмот да е војување, поделба на Полска, Втората Светска војна.

Меѓутоа, идеологијата на фашизмот претпоставува два вида непријатели, надворешни и внатрешни. Така, се случи режимот во Русија да има многу јасна воено-идеолошка компонента, а тоа е војната против сопственото стопанство. Тој грабеж не се случува случајно. Тоа е идеолошки образложена кампања која подразбира дека нападот на економијата овозможува зацврстување на вертикалата на власта.

Во време со кое владеат сметките во швајцарските банки и заканите со атомско оружје, многу полесно е да се води војна против сопствената економија отколку против туѓите армии. Тие кои ја водат се чувствуваат значајни и храбри додека тие шестмина го претепуваат седумнаесетгодишниот Лав Пономарјов (водач на Движење за човечки права, претепан пред влезот на својата зграда, во април 2009 г.). И тоа е уште една важна карактеристика на фашизмот. Тоа не е идеологија на херои. Тоа е идеологија која на никаквеците им дозволува да се сместуваат меѓу хероите. Да се умре за татковината е можно и без фашизмот. Но да спалуваш деца во концентрациони логори и притоа да се чувствуваш како спасител на татковината не е можно без фашистичката идеологија.

Историјата познава многу стабилни вертикални империи изградени на механизмот на институционализирана пљачка. На пример, во империите на Карло Велики или Џингис Кан, водачите се потпирале на независните војсководци на кои им било дозволено да ограбуваат секого. Како што се ширеле грабежите, така растеле империите, а со нив и власта на оние кои го имале главниот збор. Во миговите кога механизмот на грабежите престанувал, војсководците се нафрлале на распарчување на истите империи. 

Ситуацијата во Русија е многу слична. Премолчениот договор на политичката елита и бирократијата е едноставен: секоја наредна година од внатрешниот непријател - бизнисменот - е дозволено да се исцедат повеќе пари од претходната. Проблемот е во тоа што овој премолчен договор е на сила до појавата на криза.

А сега, да се вратиме на припадниците на ОМОН кои ги тепаа учесниците на антифашистичкиот митинг, кои им се закануваа на девојките дека ќе ги силуваат и ги ослободуваа за 500 рубљи. Премолчениот консензус на властите и ОМОН гласи: ви дозволуваме да ја почувствувате својата моќ така што без страв од казна ќе плашите девојки и ќе му земате по 500 рубљи на секој учесник на митингот, а за возврат треба да ја заштитите нашата неказнивост.

Но сега алката пука онаму каде што е најслаба. Не е работата во кризата, ниту во раскошот на елитата, туку во тоа што на луѓето од ОМОН, кои одземаат по 500 рубљи, повеќе не им важи заклетвата на верност туку важат лакомоста и чувството на неказнивост. Тие во време на криза сфаќаат дека од претепаните луѓе на некој митинг можат да добијат по 500 рубљи, но од жителите на Рубљовка (московско Водно или друга скопска елитна населба, заб. на прев.) можат да земат многу повеќе.


Извор: Новая газета.ру

Илустрација на насловната слика: Недтко Солаков

Слични статии

Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото