Спорен гигантскиот Исус

03.11.2010 11:42
Спорен гигантскиот Исус

Џиновската фигура на Исус Христос во полскиот град Швиебодзин која, според најавите на градителот, ќе биде поголема од онаа во Рио де Жанеиро, ги подели полските католици и предизвика обвинувања за мегаломанија.

Планирано е оваа гигантска статуа, која моментално е во процес на изградба, да биде висока 36 метри и да се извишува на ридот над ова западнополско гратче. Месното население тврди дека статуата ќе биде повисока од онаа во Рио, што значи дека ќе биде највисоката статуа на Исус во светот.

Главната фигура на Исус од Швиебодзин ќе биде висока 33 метри, по еден метар за секоја година од неговиот живот, додека на врвот ќе биде поставена триметарска метална круна. Овој проект го подели полското општество – додека едни изразуваат гордост поради градежниот подвиг, други, меѓу кои многу католици, гласно и’ се потсмеваат на магаломанската идеја и жалат за огромниот износ пари кои се потрошени на изградбата. Главниот шеф на изградбата дури и прими закани, вклучувајќи предупредување кога една тула беше фрлена низ прозорецот на неговиот автомобил.

Поддржувачите на проектот, кој го предводи локалниот свештеник Силвестер Завадцки, се надеваат дека статуата ќе ги привлече верниците од земјата и светот што, како што се надеваат, од гратчето ќе направи „втора Честохова“, познато место за католички аџилак во Полска и дом на познатата икона на Црна Богородица.

Џиновската скулптура веќе пет години е во изградба. Почетната идеја на свештеникот Завадцки била „мала градинарска скулптура“, но со текот на времето пораснале амбициите. Последната загриженост е поврзана со безбедноста на скулптурата, по инцидентот во кој падна кранот при обидот на работниците да ја постават главата. Бидејќи падна и главата, таа се распрсна во парчиња, што ги поттикна скептиците да тврдат дека тоа е знак на божјото несогласување. Кога Завадцки доживеа срцев удар, истите тврдења се повторија.

Градежните стручњаци изразија загриженост во врска со состојбата на темелите на статуата кои, според нив, не се доволно длабоки за да го издржат притисокот на оваа градба.

„И’ даваме 20 години, најмногу, потоа статуата ќе се распадне“, изјави еден од нив за полските медиуми.

Завадцки исто така се најде на мета на обвиненијата дека бедно ги плаќа работниците, очекувајќи од нив да работат за речиси беспари, сметајќи на нивните верски чувства. Исто така, на градењето доведува и осуденици од блискиот затвор со чиј управник склопил договор за позајмување на работна сила.

Валдемар Рошчук, уредник на локалниот весник Gazeta Swiebodzinska, ја предводи кампањата против изградбата на оваа скулптура која често се споредува со монументалните споменици од комунистичката ера, кои порано доминираа на плоштадите и остантите јавни места во Полска.

„Тоа е чудовишен споменик кој нема врска со христијанското учење“, вели тој. „Само придонесува да ни се потсмеваат ширум Полска.“

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото