Забрзано производство на историја

26.11.2010 11:08
Забрзано производство на историја

Винстон Черчил еднаш рекол дека Балканот произведува многу повеќе историја отколку што може да ја консумира. Оваа позната реченица на поранешниот британски премиер отсекогаш ми звучела малку препотентно, посебно зашто ја изговорил еден од лидерите на блокот силни западни држави кои многу често вмешувале прсти во случувањата од балканското клопче. Отприлика како кога некој, горд на својата надмоќна позиција, си дава за право да ги оценува делата на некој друг кој го гледа од височина.

Конечно, не е ли факт дека и западните држави произведуваат мноштво сензационални настани кои можат да се означат како историско преоптоварување? Едно е сигурно, оваа изрека на британскиот државник стана клише во широка употреба, кон кое се прибегнува секојпат кога некој политичар, дипломат, писател или новинар сака она што го зборува за Балканот да звучи паметно и промислено.

Како и да е, најмладата република на Балканот, Косово, се потруди последниве 10-12 години да произведе навистина многу историја. Тие настани понекогаш беа незамисливи и непредвидливи, а некои со карактеристики на – чудо.

Толку се многу што често помислувавме на тезата на Черчил – која, меѓутоа, не се покажа како целосно точна. Имено, на некој начин сета таа произведена историја Косово успеа некако да ја консумира. Дури и без многу нерешливи или непоправливи проблеми.

Еве неколку примери од поновата историја:

1. НАТО сојузот поради Косово ја започна најголемата воена акција на тлото на Европа, против Милошевиќевиот остаток од Југославија. Дури 19 најмоќни држави во светот, од кои 11 со директен придонес, на чело со светската суперсила САД, презедоа 38 000 борбени летови за да им помогнат на 2 милиони Албанци од Косово. Кампањата е лансирана без согласност на Советот за безбедност на ОН и со противење на Русија.

2. На Косово, под водство на НАТО, е ангажирана една од најголемите воени мисии – 50 000 војници, под називот КФОР.

3. На Косово се убиени околу 15 000 луѓе. Протерани се околу еден милион, што воедно е најголемата депортација во Европа по Втората светска војна. Околу 90% од нив се вратија на Косово за време на првите недели до ослободувањето, што веројатно е и најбрзото враќање на бегалците во историјата.

4. На Косово се наоѓа најголемата административна мисија на ОН под називот УНМИК.

5. Првите локални избори минаа без ниту еден инцидент. По нив беа одржани и парламентарните избори, што воедно се и првите прифатени избори на Косово како територија под меѓународен протекторат.

6. Трите најголеми партии – Демократскиот сојуз на Косово (LDK, Ибрахим Ругова), Демократската партија на Косово (PDK, Хашим Тачи) и Сојузот за иднина на Косово (AAK, Рамуш Харадинај) – се согласуваат и ја формираат првата влада.

7. Мартовските нереди – на 17 и 18 март 2004 – го вратија во фокусот недовршеното прашање на Косово за кое светот го изгуби интересот, посебно по терористичките напади во САД од 2001, во кои, инаку (се мисли на нередите), животите ги изгубија 11 Албанци и 9 Срби.

8. Формирана е првата „неприродна“ коалиција LDK-AAK. Со само 7% од освоени гласови на изборите, AAK ја добива функцијата премиер.

9. Рамуш Харадинај е приморан да поднесе оставка од премиерското место и заминува во Хаг, бидејќи Меѓународниот суд го сомничи за воени злосторства. Премиер станува Бајрам Косуми.

10. Умира Ибрахим Ругова, претседателот на Косово. Десетици државници од сите страни на светот присуствуваат на погребната церемонија.

11. Агим Чеку го сменува Бајрам Косуми на местото премиер. Командантот на Косовскиот заштитен корпус, Чеку, не учествуваше на изборите.

12. Косово станува главна тема на Советот за безбедност на ОН. СБ ќе одржи неколку посебни седници за Косово за време на преговорите поврзани со статусот на Косово.

13. Две лица загинаа, а десетици се ранети за време на протестите организирани од движењето „Vetëvendojse“ (Самоопределување). Утврдено е дека романските полициски сили во рамки на УНМИК реагирале без наредба кога употребиле недозволена муниција, но овие единици го напуштија Косово и за нивните акции никој не одговараше.

14. Повторно се формира „неприродна“ коалиција PDK-LDK, бидејќи LDK за првпат губи на изборите.

15. Најмоќниот човек на светот, американскиот претседател Џорџ Буш, се заколнува дека дошло време Косово да стане независна држава. Ветувањето го исполнува за време на својот мандат.

16. Косово прогласува „еднострана“ независност. Набрзо, признавањето на новата реалност стигнува од низа најмоќни држави во светот, додека Русија и некои членки на ЕУ остро се противат. Повторно Косово се наоѓа на списокот на несогласувања меѓу суперсилите Русија и САД.

17. Еден дел од Косово останува вон приштинската администрација, додека на чело на таа област се наоѓаат „паралелни структури“, иако земјата веќе прогласи независност и суверенитет на целата територија. Србите продолжуваат со нереди и палат два гранични премини. За време на нередите, еден украински припадник на УНМИК го губи животот.

18. Рамуш Харадинај повторно патува во Хаг, од функција на опозициски лидер, во првото повторно судење кое е организирано во Судот за воени злосторства.

19. Во Меѓународниот суд за правда стигнува прашањето за законитоста на прогласувањето независност на Косово, како најголем проблем со кој се занимавал овој суд. Судот одлучува дека Косово не го прекршило меѓународното право кога прогласило независност.

20. Генералното собрание на ОН ја усвојува првата резолуција со која се согласуваат и Косово и Србија и ЕУ.

21. За првпат Косово се подготвува за вонредни избори, закажани за 12-ти декември.

...

Мене ми е доста – а вие би можеле да додадете уште некој пример на оваа листа. И како сега да не кажеме дека Черчил бил во право? Од друга страна, факт е дека Косово успева да го консумира сето ова хипер-производство на историја, и тоа без многу усложнувања. Нешто слично на прогресивна имунизација.

Се разбира, живееме во многу интересни времиња.

Што да се каже друго?! :)

Авторот е главен и одговорен уредник на KTV Kohavision и колумнист на дневниот весник Koha Ditore

Извор: e-novine

Илустрации: Захар Крилов

Слични статии

ОкоБоли главаВицФото