Во Скопје се одржа фестивалот на еднобојноста Боли

30.03.2013 13:53
Во Скопје се одржа фестивалот на еднобојноста Боли

Скопје, 30 март 2013

Во новиот парк за политички истомисленици Клон-парк во скопската општина Бункер, вчера за прв пат се одржа фестивалот на еднобојноста Боли, инспириран од индискиот фестивал на боите Холи. За разлика од оригиналната верзија, учесниците на овој фестивал се прскаат само со портокалова боја.

Генерален покровител на фестивалот е Министерството за култура, а бојата ја обезбедија истакнати македонски медиумски куќи како МРТВА, Шитхел, Курвир, Гревник и многу други. Фестивалот го отвори министерката за култура Лиза Каменчевска Миленковска, а учествуваше и премиерот Николај Грубевски и голем број министри од владата.

„Целта на фестивалот е славење на едноумието и развивање на свеста кај народот за важноста на убивањето на секоја автентична, различна критичка мисла“, изјави директорот на фестивалот Валјак Цензорџиев, заблагодарувајќи им се на новинарите кои истураа боја.

Масовната посетеност покажува дека граѓаните уживаат во еднобојноста, а организаторите очекуваат уште поголема посетеност на следните изданија на фестивалот.

„Пресреќна сум кога политичарите и новинарите ме фарбаат; треба почесто да се одржуваат вакви настани“, изјави Палетка Бојаџиска, задоволна посетителка на фестивалот Боли.

Подолу може да ја погледнете фото репортажата од настанот.