Глобална кујна

13.06.2022 01:43
Глобална кујна

Можеби ќе се изненадите, но според податоците на Обединетите нации, денес, дури 2,9 милијарди луѓе, а тоа е приближно двајца на секои пет жители на планетата, немаат пристап до интернет. Вчудоневидувачки, зарем не? Огромно мнозионство луѓе без интернет, дури две третини од нив, живеат во 46 најслабо развиени држави. Заправо, ситуацијата би била уште понеповолна ако не беше Ковид-19, пред кој секој втор жител на светот живееше без интернет.

Според истражувањето на Меѓународната унија за телекомуникации (International Telecommunication Union, ITU), кое е спроведено и објавено пред половина година, пандемијата доведе до тоа на интернет дополнително да се приклучат дури 782 милиони луѓе. Како последица на локдаунот, затворањето на училиштата и зголеменото користење на комуникациите и сервисите на далечина, бројот корисници на интернет од појавата на короната се зголеми за 17 проценти.

Оваа појава, која економистите и претприемачите ја нарекуваат скок во поврзаноста (connectivity boost), сама по себе доведе до економско јакнење на бројни сервиси кои се ориентирани кон интернет работењето. Но, светот не се заврте наопачки заради тоа.

Во првите недели и месеци од пандемијата, како што се случува во кризи со такви размери, на многумина им се чинеше дека ништо веќе нема да биде исто - дека сосема исчезнувааат најразлични даватели на услуги кои не можат да се реализираат од далечина, преку жица, како што се козметичките салони, фризерите, угостителите, кината, театрите... Сите овие терцијарни дејности несомнено претрпеа драматична економска штета, пред сè заради општиот карантин, но луѓето за време на пандемијата сепак не ги променија толку своите навики за да исчезнат овие занимања.

Не беше сè до впечатоците. Дури и првите истражувања на оваа тема во 2020 година, покажуваа дека ќе дојде до такви промени. На пример, во трудот „Како пандемијата со Ковид-19 ќе влијае на иднината на урбаниот живот?“ (How Will the COVID–19 Pandemic Affect the Future of Urban Life?), која во 2020 година ја објавија Метју Конвеј и соработниците од Универзитетот во Аризона, се наведува очекување долгорочни промени во работата од далечина, користењето на јавниот превоз, рестораните и авионскиот сообраќај. Се покажа дека две години подоцна сето тоа постои, а дека клучна промена е тоа што интернетот е малку поголем и покорисен одошто беше.

Истражувањето кое една година подоцна го спроведе влијателниот американски центар Pew research меѓу полнолетни жители на САД, забележа извесни промени во однесувањето на луѓето, но интересен е наодот дека многумина се чувствуваат лошо заради тоа. Имено, повеќе од 40 проценти од испитаниците рекле дека за време на пандемијата ги откриле можностите на интернетот и дигиталните технологии за кои претходно не знаеле, додека дури 81 процент од испитаниците никогаш пред пандемијата не користеле видео повици. Меѓутоа, околу 40 проценти од испитаниците се изјасниле дека не се чувствуваат добро заради тоа, а 68 проценти дека новиот вид комуникација го сметаат за корисен, но дека тој не може да го замени личниот контакт.

Во трудот „Ковид-19, интернетот и мобилноста: пораст на работата од далечина, лекување од далечина, учење од далечина и онлајн купување“ („COVID–19, internet, and mobility: The rise of telework, telehealth, e–learning, and e–shopping “), кое во ноември 2021 година го објави „Elsevier“, а кој го потпишуваат грчките истражувачи Костас Муратидис и Апостолос Папагинакис, утврдени се промени во интернет активностите и таканаречената урбана активност на луѓето во Европа.

Истражувањето покажа дека меѓу испитаниците од градските средини навистина дошло до извесни промени во однесувањето - бројот на луѓе кои работат од далечина е зголемен за 31 процент, а бројот на оние кои учат преку интернет за 34 проценти. Притоа, постоечките корисници на интернет комуникациите четирипати го зголемиле бројот на видео повици со роднините и пријателите. Меѓутоа, истовремено не дошло до еднакво значајно зголемување на користењето лекување од далечина и онлајн купувањето, иако и овие активности благо се зголемиле во однос на периодот пред Ковид-19.

Понекогаш, ужасните околности, глобална катастрофа или светска војна можат да погодат одредени бизниси дури и кога тие, сами по себе, се сосема невини. Таков познат пример е инстант кафето, кое благодарение на Втората светска војна го освои светот. Мало швајцарско претпријатие кое заради застој во транспортот на свежо кафе од Јужна Америка, за време на војната почнало да го дехидрира кафето и во конзерви да ѝ го продава на американската војска, за благодарение на тоа да прерасне во глобален гигант кој и денес доминира на светскиот пазар за производство на храна и напитоци. За време на пандемијата се очекуваше дека таква судбина ги чека и бројни интернет и домашни производи.

Додека вирусот ги полнеше одделенијата за интензивна нега, берзите навистина бележеа постојан раст на акциите како што е Netflix Inc. или Peloton (кој продава домашни велосипеди). Ќе се покаже дека исклучителниот раст на корисниците сепак бил ограничен во времето на карантинот и дека не продолжи со иста моќ со слабеењето на пандемијата.

Како што известува весникот „Fortune“, на почетокот од 2022 година дојде до запирање и пад на акциите на овие компании. Интересен детал во оваа анализа е дека ваквите претпријатија кои нудат нови технологии растеа и без заразата - порастот на Нетфликс од 2004 година до денес е толку стабилен што ефектите од пандемијата воопшто не се пресудни, па овој популарен сервис постапно стигна таму каде што е сега и без појавата на вирусот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Eiko Ojala

Извор: https://naukakrozprice.rs/