Зад воланот

31.10.2022 12:08
Зад воланот

 „Не се сеќавам кога сум се осеќала олку будна. Сè изгледа различно. Ме сфаќаш… Сè изгледа некако ново. Дали и ти се осеќаш така? Како да има нешто што со нетрпение го очекуваш?“ (Телма & Луиз, 1991)

 

Пред точно 31 година Телма и Луиз го запалија тиркизниот Форд Thunderbird и го започнаа своето патување во непознатото, засекогаш менувајќи ја перцепцијата за тоа кој седи зад воланот во потрага по ослободување и трансформација, отаде ограничувањата кои ги носат родот, класата, времето и местото на поаѓање. Исто толку години ми беа потребни и мене, за конечно да почнам да се ослободувам од парализирачкиот страв од возење, кој беше поврзан, ми се чини, не само со стравот од управување со моторно возило, туку и со стравов од одговорноста што таа позиција ја носи. Овие две тотално неповрзани приказни се допираат во една точка (а тоа не е фактот дека ова ми е еден од омилените филмови): заради сплет на околности, за мене, слично како и за Телма и Луиз, возењето денес означува повеќе од едноставно пристигнување од точка А до точка Б. Патот, со сета своја непостојаност, грандиозност и отвореност, го претставува светот на промените, независност и можности. Или можеби го претставува, едноставно, светот.

Секако, приказните за трансформативниот потенцијал на патот не започнуваат со Телма и Луиз, а уште помалку со мене и мојата доцна шоферска иницијација. Без разлика дали се работи за патувањето на Данте и Вергилиј во „Божествената комедија“ или за приказните за контракултурните дисиденти на Керуак, наративите за патешествија традиционално се користени како средство за културна критика и лична трансформација, а roadtrip филмовите се еволуција на тoj книжевен жанр.

Бев мала и наивна кога прв пат го читав култниот роман „На пат“ од Џек Керуак и се заљубив во главниот лик Сал Парадајс. Всушност, се заљубив во идејата за патот како лик и во леснотијата со која Сал можеше да каже нешто како: „бев изненаден, како и секогаш, колку е лесно да заминеш и колку е добро тоа чувство; светот одеднаш беше богат со можности“ итн. И потоа - навистина, Сал си замина. Но во тој свет, девојките беа само кратки станици; меки, симпатични перници на кои авантуристите се одмораа пред повторно да ги запалат возилата и да заминат.

Класичните дела од овој жанр го поставуваат ослободувањето на отворениот пат наспроти угнетувањето на хегемонистичките норми преку историското отсуство на жени, традиционално промовирајќи машка ескапистичка фантазија.

Па така, втопувајќи се во тие рамки, воопшто не го гледав моето место зад воланот. За мене трансформативната моќ на патот долго време беше сведена на совозачкото седиште, на ограничената одговорност која ја носи тоа место, на зависноста од возачот: неговото темпо и тело, неговото движење по патот и неговата субјективна волја. И тогаш стравот постоеше. При покачување на брзината знаев да стискам со стапалата (небаре ќе го пробушам дното на колата и на тој начин ќе успорам), да ги заривам ноктите во седиштето или да го движам телото улево-удесно во зависност од кривините. Но и покрај овие мали (и залудни) обиди за контрола над ситуацијата, преферирав одговорноста да остане кај човекот од лево. Човекот кој најчесто и неслучајно беше маж. Но трансформативниот потенцијал на патот не се отвара на сувозачкото седиште. Сега го разбирам тоа.

Во својот есеј „Возењето како метафора“, Рејчел Каск пишува: „кога ја гледам својата историја на возење, почнувам да гледам дека таа оди рака под рака со историјата на мојата слободна волја и сите нешта кои сум направила да се случат, а немало да сe случат сами по себе.“

И навистина, возењето никогаш не е поврзано само со возење, туку и со начинот на кој се носиме низ светот. Јас често се носев исплашено, а патот, во најширока смисла на зборот, имаше голем удел во тоа. Неколку месеци пред да се родам, татко ми имал сообраќајка која на многу начини го променила текот на неговиот живот, па следствено и животите на луѓето околу него. Летото кога завршив средно и, на инсистирање на семејството, земав часови за кола, тогашниот партнер на сестра ми загина во сообраќајна несреќа – случка што го направи седнувањето зад воланот мисловна именка, за мене. Оваа низа продолжи кога пред една година и сестра ми беше дел од сообраќајна несреќа, од која, благодарение на некоја кармичка среќа, сите извадија жива глава, но не без последици.

Ги споделувам овие три навидум изолирани случки, не за да разбудам некоја специфична емоција, туку да се обидам да ја доловам метафората која возењето ја земаше низ текот на мојот живот. А метафората беше смрт. Сечие седнување зад воланот за мене значеше потенцијална загуба. Низ таа призма, стоењето означуваше безбедност, а движењето опасност. Кога и да седнев зад воланот се чувствував не како да се наоѓам во превозно средство што треба да ме одведе некаде, туку во машина која ми го врачува животот – ситуација во која е подобро да немам никаков удел, си мислев.

Секако, како и со секој страв кој не се погледнува во очи, тој почна да се прелева во сите аспекти на моето постоење. Чувството дека не сум способна да бидам одговорна за сопствениот живот не остана во доменот на возењето туку прерасна во општ страв од живеењето, во отуѓување од сопственото тело и во треперлива паника од било какво движење, која резултираше со низа состојби за кои пишував пред точно една година и со кои уште повремено се борам, но со единствена и клучна разлика – стравот веќе речиси не постои. Што ми помогна да го надминам тој страв? Доволно иронично: возењето.

Во низа од живото-менувачки промени, се најдов себеси во ситуација на непостојано домување и енигматичен став кон иднината. Брзо и драстично моето секојдневие доби нова форма, а недостатокот од простор што го чувствувам како дом и постојаното движење меѓу места во кои спијам, но не ги населувам, направи да се чувствувам безбедно и опуштено на единственото место кое парираше со мојата тогашна реалност – кола во движење*.

Наспроти луѓето кои практично живеат во својата кола – имаат тракатанци расфрлани по подот, кошули за преслекување во гепек и шапки на задното седиште – моето препознавање во тој простор воопшто не беше поврзано со самото возило, зашто не ни имам свое, ниту планирам да имам, туку со бидување во тој чуден, непостојан простор помеѓу: помеѓу апсолутната необврзаност и неотуѓивата одговорност, помеѓу дестинации, помеѓу згради, помеѓу дрвја, идентитети, асфалт и небо: помеѓу.

Точно се сеќавам на првиот пат кога се осмелив да возам сама. Бев убедена дека не сум возач, но знаев дека, ако ништо друго, барем можам да се преправам дека сум. Успешната перформативноста на тоа прво искуство, ме напумпа со тивка самоувереност. Можноста да изберам дали да одам лево или десно, да ја подесувам брзината, очиклено да го набљудувам движењето во околината и да се адаптирам на истото, да попуштам музика, да го користам тајниот возачки јазик, да го згрешам и потоа најдам патот, да управувам механички без некој особен напор или стрес и, конечно, некаде да пристигнам, почна да претставува и храброст да заминам.

Непредвидливоста на патот подразбира и општа непредвидливост, но и специфичен вид контрола која ретко кога е толку непосредна, па оттаму и директна шанса за соочување со стравот, надминување на препреките, практикување на снаодливост, вештина и умеење, и конечно (можеби најважно), безусловна доверба во сопствениот суд, која е потребна за владеење на чувството на независност и себедоволност. Скапоцено парче слобода, спакувана во едноставната активност на палење кола и движење отаде стабилното и статичното, кон имагинативното можно, кое често е одземено од рацете на жените, не само како реалност и секојдневие, туку и како поле на фантазија.

Љубопитноста и потребата да се ѕирне во непознатото често се обесхрабрува и казнува, со што се креира страв и недоверба во самите нас и илузија дека некој друг е посоодветен да се грижи за нас; да обезбедува, да носи одлуки, да нè носи низ светот, инфантилизирајќи го нашиот потенцијал да бидеме свои и слободни.

Возењето подразбира специфичен тип на независност, која мажите ја владеат, а за која жените треба да се изборат: со средината и со себе. Подразбира некое инхертно овластување дека ти си господарка на сопствената судбина, кое толку често недостасува од комплексниот пејзаж на растење како жена. Зашто после сè, Сал Парадајс имаше вродено право да се досадува на местата од кои потекнуваше, да ги остава жените кои го сакаа и да продолжи да се тркала под ѕвездите ноншалантно и неодговорно, додека Телма и Луиз мораа да ја платат цената на своето заминување – сепак, не треба да се превиди тоа што нивната авантура започнува со обид за силување на паркинг.

Нашата континуирана воодушевеност со приказните за жените како Телма и Луиз, во 1991 исто колку и денес, со жените кои собираат храброст да го фатат воланот и да го свртат грбот на очекувањата и инхибицијата и тргнат по паметот на својата автентична, луда, незауздана верзија, можеби, всушност, не почива само во реткоста на тие приказни, туку токму во лагодноста која ја чувствуваме во идејата за движењето. Можеби неприпадноста која ја симболизира патот е далеку поблиска до нашата инхерентна природа, отколку домашниот простор, кој традиционално се поврзува со женскоста. Всушност, постои ли нешто помаженствено од идејата за приватна сопственост, од поседување на дом? Веројатно не, зашто во моментов помалку од 30% од жените во нашата земја се сопственички или ко-сопственички на имот.

Чувството на разместеност и потребата од бегство е наратив кој за многу жени, што би се рекло, „удира блиску до дома“ и баш затоа не ни е тешко да се препознаеме во наративи кои го прикажуваат тој импулс, фигуративно или буквално, или да се чувствуваме свои на своето кога самите ќе влеземе во тие чевли. Во таа смисла, Телма & Луиз не е филм кој едноставно прави инверзија на улогите и машкиот архетип го заменува со женски, туку претставува своевидна феминизација на идејата за патот, воспеана во последната, полетна сцена, која не завршува со некоја маестрална експлозија, престрелка или машка драма, туку со нежно, пријателско, малку инаетливо - полетување. Движењето, во таа смисла, не служи како средство за остварување на некоја цел, туку е цел за себе.

***

Пролет е. Возам од Скопје до Белград, како да знам што правам. Ми се чини дека толку долго сум на патот што не постои ништо зад мене, ниту пред мене. Пејзажите се сонливи и повторливи, светлината се крши во шофершајбната. Одеднаш, ми се чини речиси невозможно да продолжам. Механичките потези на менување брзини и внимавање на патот ми стануваат необјасниво напорни, а чувството дека сум на некоe место од кое нема враќање ме облева со ладна пот. Ме претекнуваат коли и камиони кои врват кон иднината, додека јас забрзано дишам и упорно успорувам, до точка каде повеќе не прави смисла да сум дел од движењето. Со последната сила застанувам на страна и речиси несвесно тргам да излезам од колата, од страната на автопатот. Сопатникот ме повлекува назад. Се враќам на себе и маневрирам низ колата, за да излезам низ другата врата. Привидот на бесконечноста и опасноста на патот го враќа стариот страв кој ме парализира, но знам дека морам да продолжам. Стравот од несреќа е страв од соочување со човековата слабост и маленкост, но и со моќта да учествуваме во светот, и покрај тоа сознание. Дишам длабоко и се уверувам дека самата се доведов до таа точка. Се убедувам дека можам да се одведам и до следната.

Можеби најважната лекција која ја научив тогаш, на патот, е дека имам право да успорам, да подзастанам. Дека дури и кога стојам, всушност се движам, во свое темпо. Ова не е ода за возењето, тука за тоа што возењето ми донесе: верба во сопствените рефлекси, импулси и интуиција и отвореност кон непостојаното – простор кој ние луѓето, а особено ние жените, уште треба да го учиме, освојуваме и присвојуваме. Патот, колку и да е нерамен, нè носи поблиску до себе и до дома. Што и да значи тоа.


*Тука чувствувам потреба за мал дисклејмер. Иако оставам впечаток дека овде го прославувам возењето, идеолошки всушност стојам против непотребното приватно акумилирање на возило и против честото користење на колата како превозно средство. Всушност, тоа што го разгледувам е метафората на вештината на возење, која во пракса може да се користи сосем спорадично и непостојано.

Фотографиите се од филмот On The Road (Walter Salles, 2012)

Извор за текстот: Медуза

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото