Што не е во ред со сите околу Пинокио?

17.07.2023 12:11
Што не е во ред со сите околу Пинокио?

 

Приказната за Пинокио се заснова на погрешната претпоставка дека заедницата во која живее е генерално праведна, а тој е оној кој треба да се искупи за своите гревови. Ништо не е подалеку од вистината, иако ова на прв поглед не е забележливо во романот на Карло Колоди. Пинокио е навидум грешен и за да биде прифатен во оваа навидум праведна заедница, тој треба да ги прифати нејзините вредности, да исполни некои услови, да помине низ некои ритуали.

• Ако во основното и во средното образование не се зборува за вакви теми и за некои други проблематични или контроверзни теми во книгите што се предвидени за лектира,
• ако не се прашуваат младите луѓе какви се нивните размислувања за конкретни сцени и дијалози во книгите,
• ако се бара само да ги повторуваат вредносните судови веќе искажани од книжевни критичари,
• ако се создава атмосфера во која само еден одговор е точен, а поинаквите анализи добиваат критика, исмевање или прекор,
тогаш залудно има меѓу лектирите дури и (она што познавачите на книжевноста го нарекуваат) класици како Достоевски, Гете или Ками, или кои било македонски автори. Не се поттикнува читање само со ставање на одредени книги во списокот на лектири.

Уште пред целосно да дојде на овој свет и пред да сфати каде е, во моментот на неговото делкање, што го симболизира раното детство, од Пинокио се бара веќе да ги знае и да ги има прифатено општествените норми. Штом Џепето му ги изделка рацете, Пинокио ја зема периката од неговата глава, поради која „невкусна и навредлива итроштина“, како што вели нараторот, Џепето му вели: „Неранимајко еден! Уште не си довршен а веќе почнуваш да се однесуваш со непочитување кон татка си! Лошо, дете мое, лошо!“ (стр. 16)

Истиот ден Пинокио се среќава со уште еден авторитет кој сака на ова дете штотуку дојдено на светот да му покаже дека неговата главна улога е послушно да го прифати системот. Тој авторитет е познатиот „глас на совеста“, Штурчо. „Тешко на оние деца што им се бунтуваат на родителите...! Не ќе најдат добрина ни мир на овој свет, и порано или подоцна ќе мораат горко да се покајат поради тоа.“ (стр. 21)

Веќе утредента Пинокио е принуден да оди во училиште, без период на адаптација и без разбирање дека се чувствува невклопено затоа што е различен од другите. А кога ова дете вели дека повеќе сака да брка пеперутки отколку да оди на училиште, не само што не е заштитено, не само што не го прашуваат зошто му е одбивно училиштето, туку уште и добива закани од штурчето: „Знаеш ли ти дека ако правиш така кога ќе пораснеш ќе станеш магаре и сите ќе се мајтапат со тебе?“ (стр. 22)

А потоа добива и сериозни осуди од Џепето и Штурчо што не отишол во училиште, и што место тоа решил да гледа претстава со дрвени марионети. Поради тоа, ова наивно, љубопитно, немоќно дете во романот е претставено како грешник, кој застранува од „вистинскиот пат,“ кој „заборави на скромноста.“ (стр. 42)

И во уште еден речиси садистичи, од психолошки аспект, однос, од Пинокио се бара невозможното: и да не лаже, но и да не ја каже вистината. Зашто оние кои го уверуваат дека треба да ја каже вистината, го осудуваат за таа вистина. Нешто што, веројатно, на многумина ни е познато од секојдневниот живот.
Каде беше? – Во училиште... Му расте носот.
Каде беше? – На претстава. – Како смееш да одиш на претстава?

Топлата сцената на спасување на Џепето од „џиновската Ајкула“ (стр. 212) во која Џепето и Пинокио искрено соработуваат е исклучок од ваквиот угнетувачки однос. И само што ќе помине најтешкиот момент, штурчето му префрла на Пинокио дека во минатото се однесувал лошо кон него. Тоа го принудува Пинокио да му се извинува, на што штурчето надмено одговара: „сакав само да те потсетам на грдото однесување што го покажа“ (стр. 231).

И после целиот ваков однос кон ова дете –– на крајот авторот нè уверува дека Пинокио е заслужено награден со влез во оваа заедница која нема слух за неговиот развој. Зошто „заслужено“? „Затоа што,“ вели Џепето, „кога лошите деца стануваат добри, тогаш среќни и насмеани стануваат и нивните семејства.“ Така завршува романот: со уверување дека Пинокио бил лошо дете кое најпосле заслужило да влезе во правилно устроениот свет што го опкружува; и без свест дека системот во кој возрасните го исмејуваат, критикуваат и уценуваат детето има сериозен проблем во својата срж.

Не е чудо што токму штурчето симболизира глас на совеста за оние кои критикуваат дека не се чита, без да создадат услови во кои се поттикнува читање, критичко размислување, дискусии.


Илустрации: Gerald McDermott - The Adventures of Pinocchio