Анти-интелектуализам: лепилото на класниот сојуз

22.11.2023 01:34
Анти-интелектуализам: лепило на класниот сојуз

Меѓу најистакнатите политички и социјални енигми на 21-от век сигурно се наоѓаат гласачките склоности на значајни делови од работничката класа ширум светот. И оние кои се борат за нивните гласови и оние кои ги анализираат гласовите често остануваа затекнати. Тешко беше да се најдат совпаѓања помеѓу замислените интереси на работништвото и политичките програми на оние за кои гласаа. Разрешувањата на енигмата беа бројни и често аналитички уверливи. Малку повнимателно се пристапуваше кон замислувањето на овие интереси, се ажурираше класната анализа во склад со промените во композициите на работништвото, ситната буржоазија и современите форми на класна пропустливост, како и онаа која се однесува на социјалниот состав на левицата. Резултатите варираа од земја до земја и во проценките на опстојноста на оваа „неприродна“ коалиција на пониските класи и одредени фракции на капиталот. Во некои случаи овие проценки беа ограничени од замавот на популистичките бранови, а во некои облогот се ставаше на долготрајноста.

Без оглед на успесите на анализите и проценките, многу ретко служеа како почетна точка за изградба на политичка контрапрограма. Со тоа само се покажа дека не постои никаква когнитивно-механичка врска помеѓу уверливите политички анализи и примамливата и атрактивна политичка програма. На тој пат можат да се пронајдат разни пречки, од недостаток на инфраструктурни капацитети до привилегирање одредени секции од работништвото, на пример белите мажи во специфичните индустрии, како поавтентични. Во случајот со „неприродната“ коалиција се појавува пречка која изгледа малку поиздржлива. Токму затоа што во себе носи токму одредена доза класна содржина. Имено, често лепило во сојузите на повисоките класи, застапени преку десните партии, и оние пониските, е анти-интелектуализмот.

Во разните политички движења и опции низ историјата, и десни и леви, постоеле разни видови анти-интелектуализам. Современиов кој опстојува на десницата е специфичен според својот извор и политичката цел. Неговиот извор, а со тоа и јадрата на социјална уверливост, се наоѓа во специфичниот класен состав на современата левица кој се протега низ академскиот, културниот и цивилниот сектор чии клучни маркери без оглед на позицијата - од администраторка во здружение до професор на факултет - се образованието и културниот капитал. Овие маркери, без оглед на намерите на протагонистите, често ја толкуваат политиката како процес на образование: пообразованите се попрогресивни, а на оние „долу“ едноставно им недостасува образование. Промовирањето прогресивни политики според овој обреазец, мошне често и несвесно, предизвикува патронизација и, во крајни случаи, просто подбивање со оние кои не се вклучени во „прогресивните кругови“.

Родот, миграцијата, климата

Со оглед на тоа дека синдикалната борба и другите форми на класен отпор им се ускратени, незанемарлив дел од пониските слоеви посегнува по анти-интелектуализмот како форма на отпор. Притоа не се работи за некаков покласичен анти-интелектуализам кој исклучиво е заснован на дискредитација на интелектуалната работа како своевиден паразитизам. Тогаш се наметнува десницата со своите културни војни. Значи, не се работи за интелектуален паразитизам, туку за обиди на левицата со интелектуални фантазии да го оспори сечие право на здрав разум. Да се гледаат работите онака како што ги гледаат сите обични луѓе.

Борбата за здрав разум и против „фантазирањето“ на левицата се одвива барем во три области. Првата се однесува на таканаречената родова идеологија и транс лицата. Десницата вели дека левицата едноставно не ја признава биологијата и очигледните полови разлики и покрај тоа што има очи и измислува родови онака како што ќе ѝ падне напамет. Нема сомнеж дека постојат луѓе кои немаат никаква врска со транс лицата и ги користат нивните проблеми за стилски вежби за да ја докажат „прогресивноста“, но никој присебен не ги спори биолошките детерминанти туку само им го оспорува карактерот на судбина во родовиот облик. Значи, на десницата не ѝ е дојдено до меритумот на нештата туку само да покаже дека левицата е ирационална, склона кон фантазии и опасна за сите „нормални“ луѓе. Станува збор за отуѓени културни елити кои имаат доволно слободно време на располагање за да измислуваат лудории.

Втората област се однесува на миграциските политики. Во тој случај борбата за здрав разум се води околу прашањето на реализмот и наивноста. Покрај разните други аргументациски обрасци, главно засновани на исламофобијата, кога станува збор за истапувањето на десницата, централниот се однесува на наивноста на левицата. Имено, одвоена од реалноста левицата во сите мигранти гледа „добри луѓе“ кои ќе се вклопат во нашето општество, а всушност се работи за нерешлив цивилизациски конфликт или, во најрадикален случај, терористичка опасност. Значи, левицата повторно е отуѓена од нормалниот свет и го сонува своето мултикултурално општество без никаква грижа за реалноста. Со оглед на тоа дека релативно неодамна на овој простор буквално се колеа цивилизациски мошне блиски луѓе, не е на одмет да се запрашаме како десницата ја третира реалноста.

Секако, третата област се климатските промени. И притоа не се работи за најбанална негација. Доволно е да се нагласи дека левицата претерува и измислува апокалиптични сценарија за да привлече гласови. И повторно на репертоарот е слична приказна за фантазии, занемарување на реалноста и пишување книжевност. Со таквите фантастични приказни за заканите од климатските промени Левицата сака повторно да „удри“ на обичниот човек, неговиот здрав разум и да му ги ускрати животните навики. Она што е значајно е дека во трите набројани области не ја вклучивме економијата. Додуша, присутна е во дискусијата за екологијата, но многу е симптоматично тоа што таа не е предмет на спор. Економијата веќе не е област во која левицата покажува наивност и недостаток на здрав разум. Причината е очигледна: и самата левица не нуди идеи кои би ја инспирирале десницата за таква дијагноза. И не само што би ја инспирирале десницата на одговор, туку можеби и би одвлекле делови од работништвото од анти-интелектуализмот како класен издувен вентил.

И за крај, треба да се напомене дека анти-интелектуализмот како специфичен класен сојуз често се заснова на две фигури. Првата се личностите како Трамп кои очигледно спаѓаат во високата класа, но се „спуштаат“ пониско со начинот на зборување или однесување, односно со стилското пресметување со припадниците на сопствената класа. А втората се интелектуалците кои всушност се „одметници“ од лево-либералните кругови и служат како автентични откривачи на недоследноста и лицемерноста на овие кругови. Тие можат и политички да се ангажираат, а можат и да останат „само“ интелектуалци и новинари кои плукаат по овие кругови без храброст директно да поддржат (екстремно) десен кандидат и на тој начин да го изгубат кредибилитетот. Нив ќе ги препознаете лесно.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Simon Prades

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Европа / Свет
Општество / Свет / Екологија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото