Концерт на Марија Каева

14.03.2024 11:37
Концерт на Марија Каева

Во Културниот центар „Лабораториум”, на 16 март, петок, во 21 часот ќе се случи настанот насловен „Чиста Шминка Манифесто Rеunion”, во рамките на кој ќе се одржи концерт на Марија Каева и диџеј сет на Мирко Попов и Виолета Качакова. 

На концертот ќе бидат отсвирени песните од последниот албум насловен „Фортуна”, но и неколку нови, неиздадени песни.

Последната нејзина инкарнација резултираше со албумот „Фортуна” и неколку извонредни синглови, со кои Марија Каева се зацврсти како посебна појава на македонската поп сцена. Соработката со легендарниот македонски џез музичар, тромбонист и композитор Владан Дробицки, го подигна проектот на сосем ново, длабински квалитетно ниво и открива безброј нови можности за развој на современата македонска поп композиција.

Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радио водител со долгогодишно искуство. Музичкиот проект „Фортуна” – зад кој што стои потпишана заедно со Владан Дробицки, создаваат вистински саундтрак на пролетта!

Песните на „Фортуна” освен што можат да ви го разубават денот со мекиот вокал, радосните звуци и паметно режирана електроника – тие истовремено еманципираат за заматената зелена оска околу која би требало да се врти светот. Дробицки е тромбонист во оркестарот на Националната опера и балет и воедно многу добро познат на музичката џез сцена кој се занимава и со музичка продукција.

По концертот следува диџеј сет на Мирко Попов и Виолета Качакова.