Како ја замислувате вашата идеална персонификација на капиталот?

18.03.2024 02:41
Како ја замислувате вашата идеална персонификација на капиталот?

Веројатно првото нешто што ќе го научите на курсевите по политичка економија во левите организации, партиите, синдикатите - ако такви курсеви сè уште постојат - е трикот кој вели дека капиталистот не го гледате директно во очи кои, како што знаеме сите, се огледало на душата. Секако, трикот не се однесува на состаноци со припадници од повисоките класи, а ни разговорот за работа со „работодавачот“, како што во тој контекст еуфемистички се нарекуваат припадниците на повисоките класи. Се однесува на обидот за разбирање на економијата и капитализмот во слободното време кои можат да ви овозможат успешен епилог на состаноците со припадници на повисоките класи или синдикално заузданиот „работодавач“. Разбирањето на капитализмот кое се промовира на таквите курсеви вели дека економијата не зависи од карактерните или морални особини на капиталистите. Постојат системски карактеристики на капитализмот, како на пример, конкуренцијата, кои ги тераат на вакви или онакви потези без оглед на нивните индивидуални карактеристики.

Меѓутоа, политичката динамика и конфликтите повеќе се наклонети кон драмски заплети отколку кон нацрти на постдрамски театар во кој би требало да ги препознаваат насоките, а не ликовите. Покрај тоа што економските моќници во своите настапи се појавуваат како луѓе од крв и место и така нужно го одвлекуваат вниманието од позадинските процеси, полесно е политички да се организираат ако непријателот е „конкретен“, ако можат да се издвојат проблематичните поединци со чие суспендирање или отстранување ќе се решат проблемите. Со оглед на тоа дека (не)успесите на левицата последниве четириесетина години очигледно не зависат само од проблемите на персонификацијата на економските категории, формите на таквата персонификација или барем од општественото претставување, зависат и од некои други фактори.

Кон крајот на деветнаесеттиот и првата половина на минатиот век капиталистите со јавната репутација потсетуваа на веберијански харизматични фигури. Градеа деловни царства, правеа клучни иновации и престижот го „заработуваа“ со работна етика. Најпозната фигура во таа смисла веројатно е Хенри Форд. Значи, постоеше високо ниво на идентификација меѓу нив и компаниите. По Втората светска војна капиталистите полека се лизгаат кон анонимност. Доаѓа до рационализација на управувањето со компаниите, одвојување на сопственичките и управувачките функции и привилегирање на неутралните калкулации и планирањето. Се раѓа она што денес се нарекува „корпоративна култура“. Но, кон крајот на векот повторно доаѓа до промена. За тоа придонесоа неколку фактори. Заради промените во инвестициските текови и финансирањето сè поважни индикатори станаа берзанските индекси и довербата заснована на нив. Сè поголемата јавна присутност на директорите дополнително ја „здебелуваше“ ваквата доверба. Идеален директор е оној во кој имаат доверба сопствениците на акции. Краткотрајната добивка на берзата ја надминуваше важноста на долгорочното планирање.

Другиот фактор, поврзан со технолошкиот бум, се однесува на повторната појава на претприемачот кој наводно создал сè од ништо, иноватор. Како што толкува Мајкл Иби, овој подем е проследен и со специфичен литерарен жанр. Речиси и да нема современ технолошки могул чиј деловен животен пат не е биографизиран со акцент на неволјите во растењето како што се дислексијата, малтретирањето или развод на родителите. Значи, повторно се појавија капиталисти чија персонификација на капитализмот е премногу силна и чии појави го диктираат генералното замислување на функционирањето на капитализмот кај широките општествени слоеви. Покрај глобалните персонификации на економските категории и процесите кои служат и како аршини за мерење на „вистинскиот“ капитализам, постојат и домашни облици кои главно служат како докази дека сè уште не сме стигнале до „вистинскиот“ капитализам.

Највпечатлива фигура кај нас беше онаа на тајкуните. Веќе не се употребува многу, но сè уште служи како морален компас во политичката економија и литерарно-новинарските жанрови кои ја следат. Тајкун беше оној што во транзицијата и приватизацијата „незаслужено“ се дограбал до иницијален капитал. Важно е да се истакне дека тајкунот беше надполитичка ознака, односно, дека во нејзината употреба можеа да уживаат сите, и левите и десните, како и да се дефинираат. За десните тајкунот беше претставник на „црвената буржоазија“ или според моментално популарниот жаргон на „длабоката држава“, оној што ја искористил социјалистичката директорска позиција за да се дограба до сопственост над фирмата. За левите тајкуните беа „доказ“ за нефункционирањето на капитализмот и материјал за зајакнување на наративот кој започнуваше со „порано беше подобро...“ На либералите пак најмногу им пречеа возачите или келнерите кои успеаја да се збогатат во воено-приватизацискиот вртлог. Значи, капиталисти станаа оние кои не го заслужиле тоа преку образованието.

Она што ги поврзува сите овие позиции и зошто моралниот компас сè уште е ист е верата во меритократијата во капитализмот која повеќе или помалку ја споделуваат сите политички опции. Некои, во зависност од политичките преференци, во исходот на праведните меритократски процеси гледаат семеен бизнис, некои технолошки стартап, а некои таканаречено општествено одговорно претпријатие. Верата во меритократијата е она што најмногу ја кочи политичката имагинација. И затоа веројатно најдобар приказ на нашата политичка сцена би била изложба на која би биле изложени делата на партиите на тема: како ја замислувате вашата идеална персонификација на капиталот?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jakub Różalski

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото