Двете лица на слободната трговија

22.03.2024 02:09
Два погледи на слободната трговија

Има малку економски термини кои се оптоварени со толкав идеолошки багаж како што е случајот со „слободната трговија“. Ако денес се залагате за слободна трговија, ќе ве прогласат за апологет на плутократите, финансиските и корпоративните штетници. Ако барате отворање на границите ќе ви речат дека сте наивец или, уште полошо, корисен идиот во служба на Комунистичката партија на Кина, кој не се грижи за човечките права на Кинезите и судбината на работните луѓе во сопствената земја.

Како и секоја карикатура, таквиот поглед на слободната трговија содржи трошка вистина. Зголемувањето на обемот на трговијата во последниве децении придонесе за зголемување на нееднаквоста и ерозијата на средната класа во САД и другите напредни економии. Слободната трговија ја бие лош глас зашто поборниците на глобализацијата ги занемаруваа нејзините лоши страни и се однесуваа како да не може ништо да се направи во врска со тоа.

Тоа им овозможи на демагозите како Доналд Трамп приказната за трговијата да ја искористат како оружје во кампањата и да ги демонизираат расните и етничките малцинства, како и економските ривали. Но негативниот став кон слободната трговија не им е својствен само на десничарските популисти. Нешто слично зборуваат и радикалните левичари, климатските активисти, луѓето кои бараат здрава храна, борците за човекови права, синдикалистите, заштитниците на потрошувачите и групите кои војуваат со големите корпорации. Дури и американскиот претседател Џо Бајден се дистанцираше од начелата на слободната трговија. За неговата администрација изградбата на безбедна, зелена, правична и отпорна американска енкономија е многу поважна цел од хиперглобализацијата.

Изгледа дека претставниците на прогресивните сили веруваат дека слободната трговија е пречка на патот за остварување општествена правда, како и да ја сфаќаме. Но не било секогаш така. Слободната трговија била воен поклич за политичките реформатори од 19-от век. Во неа гледале средство со кое ќе го поразат деспотизмот, ќе ги прекинат војните и ќе ја намалат застрашувачката имотна нееднаквост. Во книгата Пакс економика: левичарските визии во светот на слободната трговија, историчарот Марк-Вилијам Пален од Универзитетот во Егзетер нè потсетува дека космополитизмот од таа ера вклучувал прогресивни идеи како што се антимилитаризмот, борбата против ропството и антиимперијализмот.

За слободна трговија не се залагале само политичките либерали. Американските популисти кон крајот на 19-от век се противеле на златниот стандард и увозните царини за кои сметале дека им донесуваат добивка само на големите компании на сметка на обичните луѓе. Во првите децении од 20-от век многу социјалисти верувале дека слободната трговија, со соодветни наднационални прописи, може да ја отстрани опасноста од милитаризмот, економската нееднаквост и монополите.

Таквите спротивставени гледишта на слободната трговија пред нас поставуваат дилема. Дали трговијата придонесува за мир, слобода и економски просперитет? Или поттикнува конфликти, репресија и нееднаквост? Но таквата енигма повеќе е привидна отколку реална. Двата понудени исходи - како и сите исходи помеѓу нив - зависат од тоа кој зајакнува со трговијата.

Либералите и реформаторите од 19-от век заговарале слободна трговија зашто верувале дека протекционизмот им служи на назадните интереси на властелините, деловните монополи и воените хушкачи. Мислеле дека економскиот национализам е природен сојузник на империјализмот и агресијата. Пален во својата книга го цитира есејот од 19-от век во кој економистот Џозеф Шумпетер го опишува империјализмот како „монополистички симптом на атавистичкиот милитаризам и протекционизмот - болести кои можат да се излечат единствено со силите на демократската слободна трговија“.

Тоа е визија од која беше инспириран меѓународниот трговски поредок по Втората светска војна. Верувајќи дека слободната трговија ќе обезбеди светски мир, американските архитекти на Меѓународната трговска организација (ИТО) тргнаа по стапките на Кордел Хал, државен секретар во администрацијата на претседателот Френклин Д. Рузвелт. Хал беше економски космополит и следбеник на Ричард Кобден, радикален застапник на слободната трговија од 19 век. Спротивно на претходните режими, повоениот поредок беше замислен како систем на глобални правила кои ќе ги укинат билатерализмот и империјалните привилегии.

Конгресот на САД на крајот не ја ратификуваше ИТО, а некои од клучните принципи од овој проект - вклучително мултилатерализмот и недискриминаторните практики - опстанаа во Генералниот договор за тарифи и трговија (ГАТТ), кој го отвори патот за воспоставување на Светската трговска организација. Сепак, трговијата лесно може да се користи за авторитарни и милитаристички цели. Познат е примерот на Америка во периодот пред Граѓанската војна, кога идејата за слободна трговија се користеше за да се заштити робовладетелскиот систем. Во времето на пишувањето на Уставот во 1787 година, јужните робовладетели се погрижија забраната за оданочување на извозот да биде вклучена во текстот на уставот. Тие знаеја дека режимот на слободна трговија ќе обезбеди профитабилност на нивните плантажи и ќе го заштити робовладетелскиот систем.

Кога северните држави го поразија југот, ропството беше укинато, а слободната трговија беше заменета со протекционизам кој повеќе одговараше на деловните интереси на северот. Слично беше и со британските империјалисти. По укинувањето на Законот за пченка во 1846 година, британската влада декларативно се откажа од протекционизмот за да ја предводи Европа во потпишувањето договор за слободна трговија. Во земјите од Африка, Блискиот Исток и Азија, слободната трговија пристигнуваше со топови секаде каде што Британците наоѓаа доволно слаба владејачка класа за да ги контролираат вредните локални ресурси и пазари. Во средината на 19-от век Британија ги водеше озлогласените Опиумски војни за да ги принуди кинеските владетели да го отворат пазарот на стоки од Велика Британија и други западни земји (главниот извозен производ беше опиумот), за потоа западните земји да можат да купуваат кинески чај, свила и порцелан и притоа да не ги намалат своите златни резерви.

Опиумот се одгледувал во Индија. Британскиот монопол ги принудил земјоделците да работат под ужасни услови, што остави длабоки лузни, како што покажува Амитав Гош во својата нова книга Чад и пепел. Низ историјата, слободната трговија им служела на репресијата и војната, и обратно. Мултилатералниот режим на слободна трговија воведен по Втората светска војна под покровителство на САД донесе подобри услови. Во режимот на ГАТТ војните беа заменети со трговска дипломатија. Многу незападни земји како Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и пред сè Кина, брзо ги зајакнаа своите економии благодарение на отворениот пристап до глобалните пазари. Но, до 1990-тите, трговскиот режим стана жртва на сопствениот успех.

Зајакнати од експанзијата на глобалната економија големите корпорации и мултинационалните компании сè повеќе директно управуваат со трговските преговори. Животната средина, здравјето, човековите права, економската безбедност и еднаквоста се ставени во втор план. Меѓународната трговија се оддалечи од првобитната визија на Кобден и Хал и повторно стана извор на меѓународни тензии, наместо да биде гарант на мирот. Историјата покажува дека трговијата, за да дејствува како позитивна сила, мора да се демократизира. Тоа е единствениот начин да се осигураме дека на тој начин ќе му служи на општото добро, наместо на тесните интереси. И тоа е важната лекција која треба да ја имаме на ум ако го реконструираме светскиот трговски режим во годините што следат.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Silvano Mello

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото