Промоција на сликовницата „Хотелот Попитоп”

12.04.2024 09:35
Промоција на сликовницата „Хотелот Попитоп”

На 13 април (сабота), од 11 до 13 часот, во дворот на градинката Green House (бул. Илинден 94б), ќе се одржи промоција на сликовницата насловена „Хотелот Попитоп”. Сликовницата ќе ја промовира Ненад Тонкин, воспитувач и вајар, кој ќе ја претстави од два професионални аспекти, воспитно - образовен и ликовен.

„Нашата градинка Green House започна со работа пред десет години, низ кои – стеблото ги зацврсти своите корења, а крошната се ширеше и раззеленуваше низ годините, се полнеше и сѐ уште се полни со многу птички.
Силно веруваме дека низ овие десет години навистина успеавме да ги рашириме рамките на предучилишното образование, да донесеме свежина, длабочина, нова содржина, нов израз, радост и надеж, и засекогаш да оставиме белег на неколку стотини деца и родители, кои имавме чест да бидат наши сопатници во градењето на нашата приказна.

Па така и оваа годишнина решивме да ја одбележиме со нешто навистина значајно и трајно, а тоа е создавањето на сликовница „Хотелот Попитоп”, на чија промоција, со чисто срце и раширени раце, ве каниме” – велат од градинката Green House.

Она што е уникатно во оваа сликовница е дека во нејзиното создавање учествуваа 34 деца, кои заедно со авторката Бистра Георгиева ја развија приказната, а под менторство на Маргарита Поповска ги изработија сите илустрации. Сликовницата ќе ја промовира Ненад Тонкин, воспитувач и вајар, кој од два професионални аспекти, воспитно - образовен и ликовен, ќе ја презентира оваа сликовница.

„За процесот: воспитувачките Ирена Тупарева и Валентина Танасковиќ со голема посветеност и ентузијазам работеа неколку месеци на подготовка на децата за целиот процес на авторско создавање на сликовница, преку читање и обработување на различни аспекти од избрани сликовници, раскажување, глумење, игри, натпревари во правење колажи од слики и сценарија, создавање на главни ликови… А потоа, Бистра со својот непосреден пристап и комуникација со децата, и во соработка со нив, создаде пред сè забавна, но повеќеслојна образовна и воспитна содржина. Текстот пак, беше подлога да се создадат најмагичните илустрации, чија искреност и детска наивност нема да ве остават рамнодушни! Поминавме низ долг, забавен и предизвикувачки процес, па ве каниме да го видите резултатот”, истакнуваат организаторите на настанот.

Слични содржини

Книжевност / Уметност / Филм / Око
Книжевност / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото