Водата нè обединува

04.05.2024 01:12
Водата нè обединува

Фотографија: Томислав Георгиев

 

 

Ваши екселенции, драги пријатели и гости, дами и господа,

Ви благодарам што денеска дојдовте на прославата на 57-миот роденден на Вилем Александар, кралот на Холандија. Дозволете ми да им кажам неколку збора на холандски на моите сонародници.

Драги сограѓани

Како што налага традицијата, утрово му испратив порака на Неговото Височество Кралот во име на сите вас, со следниов текст:

 „Ваше Височество, Во име на вработените во амбасадата во Скопје, како и во име на холандските државјани што престојуваат во Северна Македонија, собрани денеска да го прослават Вашиот 57-ми роденден, Ви ги испраќам Вам и на членовите на Вашето семејство нашите срдечни честитки и Ви посакувам просперитет и среќа.

Дирк Јан Коп
Вашиот амбасадор”


На почетокот, би сакал да кажам неколку збора за војната и агресијата што Руската Федерација ја води веќе повеќе од две години, не многу далеку од границите на Северна Македонија. Сите сме сведоци на злосторствата што Русија ги прави во Украина. Бидете убедени дека сите членки на НАТО остануваат обединети во својата поддршка на Украина до победата.

Ова е мојата петта и последна година овде, зашто заминувам на крајот од август. Протоколарните средби со нови министри станаа мое омилено хоби. Многу нешта се сменија во триесет и едната година од нашите дипломатски односи, но, за мој вкус, не се сменија доволно последниве пет години. Се надевам дека Северна Македонија ќе има поголемо чувство за итност за земјата да влезе во Европската Унија во годините што следат. Ова сè уште може да се стори. Но, како што вели поговорката: можеш да го однесеш коњот до водата, но не можеш да го натераш да пие. Ќе му се навратам на зборот „вода“. Во меѓувреме, едно нешто остана исто. Холандија е еден од најпосветените и најлојални пријатели и сојузници на Северна Македонија. Како и секогаш, добрите пријатели ве критикуваат, но и ви помагаат да пловите низ непознати води.

Значи, вода.

Сега, додека уживате во своите пијалаци, би сакал малку да позборувам за водата. Така да се каже, да изградам мост меѓу нас.

Вода. Ви треба за пиење, за земјоделство, за енергија, за пловење, за рекреација, треба да ја прочистувате, а во случајот на Холандија, треба и да се браните од неа. Во природата, водениот циклус е најдобриот пример за поговорката „сè се враќа, сè се плаќа“. Како и во дипломатијата. Водата нè обединува. Пред да се родиме, живееме во ќеса со вода. Водата сочинува две третини од нашите тела.

Минатата година, холандското Министерство за надворешни работи организира глобален натпревар за фотографии на тема вода. На натпреварот победи фотографот од Северна Македонија, Томислав Георгиев, чија фотографија ја гледате овде зад мене. Денес тој е овде со нас. Првокласен, едноставно најдобар. Најдобрите 30 фотографии беа изложени низ целиот свет.

Околу една третина од мојата земја е под морското ниво. Кога слетувате на аеродромот во Амстердам, веќе сте повеќе од четири метра под морето. Без одбраната од морето, би се удавиле уште пред да слушнете некоја поплака за времето. Веќе илјада години, Холандија гради брани и ја испумпува водата.

Енергијата на ветрот за првпат е употребена за сушење на морето и езерата.

Водата од големото езеро на чие дно сега лежи аеродромот во Амстердам за првпат е испумпана во триесеттите години на деветнаесеттиот век со помош на водена пареа.

Сега, Холандија е заштитена со комплексен систем на брани, полдери и станици за испумпување вдолж морскиот брег и по реките.

Овие две подвижни рампи, секоја со големина колку Ајфеловата кула, го заштитуваат пристаништето во Ротердам и се затвораат само при големи бури.

Без одбраната против морето, сите овие области би биле во ризик од поплави . .

Затоа, не изненадува дека сите деца во Холандија учат да пливаат пред да наполнат шест години. Имаме 18 милиони луѓе во земја со големина околу една и пол Северна Македонија. Во Европа, Ватикан е погусто населен (но, ние имаме повеќе католици).

Има ли планови за дополнително земјиште? Секогаш. Ова е еден од нив. Островот-лале.

Дами и господа,

Околу 40% од прометот на холандскиот воден сектор е меѓународен бизнис, вклучувајќи го и напредното користење на водата, третманот на отпадните води, справувањето со ризиците од поплави, инжинерството на водени патишта и прецизното земјоделство. Веројатно веќе имате чуено за холандските хидроинженери од новата одбрана против морето во Њу Орлеанс по ураганот Катрина...

...и од овие славни острови во Дубаи.

...dhe nga këta ishuj të famshëm në Dubai.

Но, и Северна Македонија треба да размислува за водата.

Еве го извонредниот римски аквадукт близу Скопје.

И прекрасниот Кањон Матка, препознатлив, што ја има и најстарата хидроцентрала. Но, централата е изградена во 1935 година, а римскиот аквадукт пред 2000 години.
Најзначајниот површински воден ресурс во Северна Македонија, Охридското Езеро, е витална компонента на водниот екосистем на земјата.

Посебната убавина и биодиверзитет на езерото ја нагласуваат важноста за одговорно управување со водите.

Што можеме да сториме да ја унапредиме сета оваа убавина?

Хидроенергијата во Северна Македонија е на околу 20% од својот капацитет. Ова треба да се подобри, но без македонската поговорка „ја врти водата на своја воденица“.

Земјоделството е наголемиот потрошувач на вода во светот. Затоа, системите за наводнување и одводнување имаат важна улога во поддршката на овој сектор, обезбедувајќи сигурност на храната и промовирајќи одржливи практики во земјоделството. Холандските земјоделци комбинираат традиционална експертиза со најнова технологија за оптимално да управуваат со водата. Холандија е вториот најголем извозник на храна во светот, по САД.

Земјоделството во Северна Македонија бара повеќе. Некои од системите за наводнување се изградени во педесеттите години на дваесеттиот век и им треба модернизација. Со вашата извонредна клима овде, има огромен потенцијал за повеќе.

Загубите, протекувањата и излевањата во Северна Македонија и во балканскиот регион се трипати поголеми отколку во ЕУ и десетпати поголеми отколку во Холандија.

Во просек, во ЕУ се потребни 40 литри вода за да се одгледа едно кило домати. Во Холандија, за кило домати се потребни само 4 литра вода. Во Северна Македонија, само околу 20% од земјата се опремени со системи за механичко и биолошко прочистување на отпадните води.

За разлика од Северна Македонија, Холандија нема планини.

Ако не ги сметаме нашите острови на Карибите, највисоката точка во Холандија е 327 метра.

Значи, од плажите во Хаг, до езерата на север, рекреацијата е во голем дел поврзана со водата.

Дури и во зима. Од многу рана возраст, холандските деца учат да се лизгаат вака, со кујнско столче. А што со мореполовството? Со векови, Холандија била центар за трговија и дистрибуција. Кога во XVI век голем дел од населението се описменил и со сите овие странски трговци на наше тло, не било исплатливо да бидеме националисти и да го врзуваме премногу идентитетот за својот јазик. За да заработите пари, треба да умеете да читате договори и да ги зборувате јазиците на странците. Нема друг избор, освен, така да се рече, да се влезе во длабокото.

Ова направило Амстердам два века да биде трговски и финансиски центар на светот.

Ова го прави Ротердам најголемо пристаниште во Европа денеска. Зборувајќи за пловењето, штом го имате Охридското Езеро и штом Северна Македонија сега е членка на НАТО, мислам дека треба да размислите за купување на овој извонреден производ од Холандија.

Дами и господа,

Би сакал да заклучам со менталитетот што го создава водата. Ова објаснува зошто нашите политики за „строг и правичен“ пристап на патот на Северна Македонија кон ЕУ често заглавуваат.

Разликата во менталитетот поврзан со водата може да се резимира во „пумпај или удави се“ за нас, а „како што те носи водата“ кај вас.

Да ја погледнеме оваа слика.

Ова е бариерата за бури кај Оустерсхелде, со вкупна должина од околу 10 километри и 62 подвижни брани, секоја од нив широка 40 метра. Кога овој објект се пушти во употреба во 1986 година, беше поставена и спомен-плоча.

На неа пишува: Овде, приливот на водата го контролираат месечината, ветрот и ние. Ова ви кажува нешто за менталитетот. Црквата не беше многу среќна со сознанието дека не Господ, ами човекот владее со природата. Браната е на југозападниот дел од земјата, во провинцијата Зеиланд (Морска земја).

Ова е грбот на провинцијата: лав што се дави и латински натпис „се борам и испливува“. И ова кажува нешто за менталитетот.

Илјада години, борбата против водата е колективен напор. Граѓаните и благородниците биле присилени да соработуваат. На крајот од краиштата, сите се дават на ист начин.

Ова ги натерало луѓето да соработуваат на еднаква основа порано отколку каде и да било во Европа. Ова на луѓето им дало права, должности и рана форма на демократија. Ова од Холандија направило независна република уште во 1579 година.

Градот Амстердам имал една казна до 1815 година. Мрзливците ги ставале во визба која полека се полнела со вода. Ќе се удавеле ако не пумпале. Енергично. Оттука „пумпај или удави се“. Ова сфаќање сè уште преовладува во холандското општество. Би препорачал одредена доза од истото и во Северна Македонија. „Како што те носи водата“ може да го направи животот мошне удобен. Но, треба да најдете поголема рамнотежа за да станете господари на сопствената судбина. Сите сте заедно на истиот брод.

Да се вратиме на оваа победничка фотографија. Она што, според мене, ја прави многу добра, е тоа што човекот всушност ја чисти реката. Во Северна Македонија. Се надевам дека ова не е само една капка во океанот.

 

Текстот е објавен со дозвола од Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Македонија.

ОкоБоли главаВицФото