Разговор со Д.А. Лори за книгата „Сега ти стануваш јас”

08.05.2024 09:16
Разговор со Д. А. Лори за книгата „Сега ти стануваш јас”

На 9 мај (четврток), со почеток од 19 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци” во Скопје ќе се одржи разговор со поетесата Долорес Атанасова-Лори, авторка на поетската книга „Сега ти стануваш јас” - книга на месецот во библиотеката.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Поетската книга „Сега ти стануваш јас” (издание на „Чудна шума”) е последната книга од вториот циклус на кампањата (#ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори) на Градската библиотека „Браќа Миладиновци”, за промоција и поддршка на македонските писатели и на македонскиот јазик.

„Погледни го човекот во себе и погледни го човекот во другиот, и ќе видиш сѐ што сме направиле и сѐ што би можеле да направиме, не сме ние толку различни еден од друг, повеќе сме исти на различен начин. Во нас живее сѐ од секого, нешто од тоа е будно, нешто заспано, ние сме она што одбираме да го разбудиме во нас”, стои во белешката од авторката Д.А. Лори.

Песни на Д.А. Лори првпат се објавени во „Букбокс”. Својата прва збирка поезија „Будење во трето лице еднина”(„Блесок”) ја издава во 2014 година. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака”( „Антолог”), во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез”. Добитник е на наградата ֦Тодор Чаловски” за 2019 година, по што излегува нејзината четврта книга ֦Ќе фатит бран”. Нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон”, како и на страната на „Словокулт”, онлајн магазин за уметност и литература, и „Fixpoetry”, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на „Астални проекции”, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост”. Таа е добитник на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација „Анџело ла Векија”. Во 2020 за книгата поезија „Небо во кафез”, беше во првите пет номинирани за наградата „Браќа Миладиновци” на Струшки вечери на поезијата. Во 2023 излегува нејзината петта книга „Сега ти стануваш јас” во издание „Чудна шума”. Нејзините стихови се преведени на германски, англиски, српски, хрватски, италијански и шпански.

За кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, ГБСК на неодамна одржаниот Саем на книгата го доби признанието „Промотор на читачката култура” што го доделува Македонска асоцијација на издавачи (МАИ).