Kнижевна вечер и средба со Владимир Пиштало

20.06.2012 09:05
Kнижевна вечер и средба со Владимир Пиштало

На 21 јуни 2012 (четврток) во 20 часот во Гем-клубот (над кафе-барот Менада) во Стара чаршија, Независните писатели на Македонија и „Македонска реч“ од Скопје, организираат книжевна средба со истакнатиот српски писател Владимир Пиштало.

Повод е неодамнешното излегување на неговиот роман „Тесла, портрет меѓу маски“ на македонски јазик, во превод на Гоце Ристовски. Во 2008-та година овој роман се закити со престижната НИН-ова награда и досега излегоа седум негови изданија во Србија, а е преведен и на десетина други јазици.

На книжевната средба со Владимир Пиштало, покрај авторот, ќе учествуваат, Нове Цветаноски, издавач на романот, преведувачот Гоце Ристовски, Елизабета Шелева и Лилјана Дирјан.

За романот „Тесла, портрет меѓу маски“

Преведен на македонски од Гоце Ристески
Издавач „Македонска реч “ 2011 Скопје

Вдаховена биографска хроника на еден од најголемите умови во човечката историја, кој светот го променил како никој дотогаш, многу повеќе отколку што се променил светот од времето на Платон до раѓањето на Тесла. Уште за негово време светот веќе не бил ист, уште тогаш животот веќе бил незамислив без неговите пронајдоци. Денес би бил невозможен. Повеста за Тесла е повест за епохата. Тој е „најголемиот пронаоѓач на сите времиња, позначаен од Архимед, Фарадеј, Едисон, чиј ум е едно од седумте чуда на интелектуалниот свет“; Најголемиот громовник меѓу луѓето. Фасцинантна е биографијата на големиот пронаоѓач и чудак, но и фасцинантно раскажана од Владимир Пиштало.

Овој роман ја комбинира фреската и иконата, сагата и интимата. Биографијата на Тесла е вдаховена биографија и хроника на една од најголемите промени во човечката Историја, во неколкуте земји, на два континента. Приказната за Тесла е приказна за повеста на епохата. Метрото под градовите и рекламите на покривите, се негови дела. Талкачот на Чаплин Шарло потсетувал на него кога ги копал рововите. Федерсон, јунакот на Фриц Ланг господарот на Метрополис, пак бил тој. Лудиот научник со неговите калеми во филмот за Франкештајн пак тој. Беспрекорно облечениот аристократ со бакембарди кој го играше Бела Лугаши, по своите манири и елеганцијата, пак тој. Зарем не е тој, пред Бретон, кој го ослушкуваше геометрискиот пулс на земјата? Зарем не е Орсон Велс кој ги плашеше луѓето со неговите зраци на смртта?

Романот на Владимир Пиштало „Тесла, портрет меѓу маските“ не е обична романсирана биографија, во вообичаенато значење на тој поим. Досега се напишани многу книги за Тесла, но во оваа книга станува збор за една чудесна, мистична биографија на овој славен научник. Романот ја следи животната врвица на Никола Тесла на еден необичен начин.

За својот роман, Пиштало изјави: „Минувајќи четири месеци во годината во Србија и осум во Америка, живеејќи во два света, зборувајќи на два јазика, често се чувствував како да стојам на два чуна, но тој живот во две средини ми овозможи да го опишам животот на Тесла, оној кој не им е познат на Американците и американската фаза, која пак не е доволно позната кај нас“.

За авторот:

Владимир Пиштало е роден 1960 год во Сараево, во Белград завршил правен факултет, а докторирал во САД на тема за иселениците од југословенските простори.
Овој истакнат српски писател веќе 18 години живее во Америка, каде предава светска и американска историја на Универзитетот во Вустер во Масачусетс.

Меѓу неговите најпознати книжевни остварувања спаѓаат и поетските прози „Сликовница“, „Манифести“, „Ноќи“, „Крај на векот“, збирката раскази „Витраж во сеќавањето“, „Приказни од целиот свет“ и романите „Милениум во Белград“ (кој беше во најтесна конкуренција за највисоката француска награда Фемина), „За чудото“ и најновиот роман „Венеција“ кој излезе минатата година.

Покрај овие дела, Пиштало е и автор на две необични литературно-биографски книги „Александрида“, бајковита историја за животот на Александар Македонски, како и на новелата „Корто Малтезе“.

ОкоБоли главаВицФото