Смртта на таткото, втор дел

11.11.2009 11:45
bukovski.jpg

Мајка ми умре една година порано. Седум дена по смртта на татко ми стоев во неговата куќа. Сам. Тоа беше во Аркадија, понекогаш поминував покрај куќата кога возев по автопатот кон хиподромот во Санта Анита. Никогаш не застанав за да навратам.

Соседите не ме познаваа. Закопот заврши, отидов до лавабото, наполнив чаша со вода, ја испив и излегов надвор. Го подигнав цревото и почнав да ги полевам грмушките во дворот. Не знаев што друго да правам.

Почнаа да ѕиркаат зад завесите додека стоев на тревникот. Потоа почнаа да излегуваат од куќите. Една жена ја премина улицата и ми пријде.
“Дали Вие сте Хенри?” - ме праша.
И’ реков дека сум Хенри.
“Го знаевме Вашиот татко со години.”
Тогаш дојде и нејзиниот маж. ”Ја знаевме и Вашата мајка” - рече тој.
Се наведнав и ја запрев водата. ”Сакате ли да влезете?” - ги прашав.
Се претставија како Том и Нели Милер и влеговме во куќата.
“Многу личите на Вашиот татко.”
“И други ми кажале.”
Седевме и се гледавме.
“О,” - рече жената, “тој имаше толку многу слики. Сигурно многу сакаше слики.”
“Сигурно.”
“Многу ми се допаѓа онаа слика со ветерната мелница на залез на сонцето.”
“Земете ја.”
“О, навистина?”

Некој заѕвони на вратата. Тоа беа Гибсонови. Гибсонови ми кажаа дека и тие му биле соседи на татко ми со години.
“Многу личите на Вашиот татко.” - рече госпоѓа Гибсон.
“Хенри ни ја даде сликата со ветерницата.”
“Колку убаво од негова страна! Мене многу ми се допаѓа сликата со синиот коњ.”
“Земете ја, госпоѓо Гибсон.”
“О, навистина?”
“Да, нема никаков проблем.”

Некој повторно заѕвони на вратата и влезе уште еден пар. Ја оставив вратата подотворена. Наскоро еден човек ја протна главата низ неа. ”Јас сум Даг Хадсон. Жена ми е на фризер.
“Влезете, г-не Хадсон.”
Дојдоа и други, главно парови. Почнаа да разгледуваат низ куќата.
“Ќе ја продавате ли куќава?”
“Мислам - да.”
“Ова е многу убаво маало.”
“Гледам.”
“О, многу ми се допаѓа оваа рамка, но не ми се допаѓа сликата.”
“Земете ја рамката.”
“Но, што да правам со сликата?”
“Фрлете ја во ѓубре.” - Погледнав околу себе. ”Ако некој види слика што му се допаѓа, слободно нека си ја земе.”
Си земаа. Наскоро ѕидовите беа соголени.
“Ви требаат ли столовиве?”
“Не, не ми се неопходни.”

Од улицата влегуваа минувачи, не трудејќи се ни да се претстават.
“А каучот?” - гласно праша некој. ”Ви треба ли?”
“Носи”- реков.
Го зедоа каучот, потоа и кујнската маса заедно со столовите.
“Каде Ви е тостерот, Хенри?”
Го земаа тостерот.
“Ви требаат ли овие чинии?”
“Не.”
“Ни сребрениот сервис?”
“Носи.”
“А што е со апаратот за кафе?”
“Земете го.”

Една од жените почна да ги отвора креденците. ”А што ќе Ви е сето ова овошје во тегли? Нема да можете да го изедете сам.”
“Во ред, луѓе, ваше е и овошјето. Но, гледајте рамноправно да го поделите.”
“О, јас сакам јаготки!”
“О, јас сакам смокви!”
“О, јас сакам сливи!”
Луѓето си заминуваа и се враќаа, носејќи нови луѓе со себе.
“Еј, најдов шише виски! Пиете ли, Хенри?”
“Вискито да не сте го допреле!”

Куќата беше преполна. Некој постојано пушташе вода во тоалетот. Некој турна чаша од лавабото и ја скрши.
“Да сум на Ваше место, Хенри, би ја задржал правосмукалката. Можеби ќе Ви треба за станот.”
“Во ред, ќе ја задржам.”
“Има некој градинарски алат во гаражата.”
“Ќе го задржам.”
“Ќе ми го продадете ли за петнаесет долари?”
“Може.”

Ми даде петнаесет долари, а јас му го дадов клучот од гаражата. Набргу се слушна звукот на косилката за трева. Ја туркаше преку улицата кон својата куќа.
“Не требаше да му го продадете алатот за само петнаесет долари, Хенри. Вреди многу повеќе.”
Не одговорив.
“А автомобилот? Стар е четири години.”
“Мислам дека ќе го задржам автомобилот.”
“А, ако Ви дадам педесет долари за него?”
“Мислам дека ќе го задржам автомобилот.”

Некој го свитка тепихот од дневната соба и го стави на рамо. Потоа, луѓето почнаа да губат интерес. Набргу, останаа само три-четворица, а потоа и тие си заминаа. Ми го оставија цревото, креветот, фрижидерот, шпоретот и една ролна тоалет хартија.
Излегов надвор и ја заклучив гаражата. Наидоа две деца на ролерки. Застанаа додека ја заклучував вратата од гаражата.
“Го гледаш оној човек?”
“Да.”
“Умре татко му.”
Продолжија со возењето. Го подигнав цревото, ја пуштив водата и почнав да ги полевам розите.

Овој расказ е земен од книгата Љубов за 17/5 долари, во издание на Темплум.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото