Маестралниот Мето Јовановски се пресели во легендите

17.11.2023 11:33
Маестралниот Мето Јовановски се пресели во легендите

Доајенот на македонскиот театар, актерот Мето Јовановски, почина вчера на 77-годишна возраст. Тој беше маркантна фигура на македонската театарска, филмска и телевизиски сцена, чии култни улоги ќе се паметат и прераскажуваат за навек.

Актерот Мето Јовановски е роден во 1946 година во с. Панчарево, Пехчевско). Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија, и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде што настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакна како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

Тој ќе остане запаметен по улогите во филмовите „Најдолгиот пат“, „Среќна Нова ’49“, „Опстанок“, „Тетовирање“, „Ругање со Христос“, „Колнати сме, Ирина“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, “Деца на сонцето“ и многу други, со оглед на завидниот опус на филмски остварувања во кои се појавува. Улогите и репликите од овие филмови кои тој ги кажува, ќе останат запаметени како врвна актерска умешност која беше препознаена и наградувана.

Мето Јовановски седум пати беше наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, пет пати беше прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“, четири пати Лауреат на наградата „Милтон Манаки“… Покрај Награда на градот Скопје „13 Ноември“, Мето Јовановски ги освои и највисоките државни награди, „11 Октомври“ за поединечно актерско остварување (1980), „11 Октомври“ за долгогодишни, особено значајни остварувања од интерес на државата (1982), наградата „Св. Климент Охридски“, Златен венец на Фестивалот на Малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), двапати за улогите во „Еригон“ и „Карамазови“, како и Златна маска од весникот „Вечер“ за улогата на Порфирие во „Злосторство и казна“ (Охридско лето)…

Меѓу признанијата се и две Гран-при награди на Филмскиот фестивал во Ниш за остварувања во филмовите „Среќна нова `49“ и „Тетовирање“… И меѓу големиот број признанија за неговите маестрални изведби е и наградата на фестивалот „Јоаким Фест“ за претставата „My name is Goran Stefanovski”.

„Од дипломирањето во 1971 година, кога застана на сцената на Драмски со претставата „Што виде собарот“, во себе ја носеше истата жар за професијата. Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26 октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава „My name is Goran Stefanovski“.

Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив“, посочуваат од Драмски театар Скопје.

Извор:https://www.vecer.press/

ОкоБоли главаВицФото