Изложба по повод „110 години од раѓањето“ на уметницата Лена Стефанова

18.12.2023 11:13
Изложба по повод „110 години од раѓањето“ на  уметницата Лена Стефанова

Во НУ Национална галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, на 20 декември, во 12 часот ќе биде отворена јубилејната изложба „110 години од раѓањето” на уметницата Лена Стефанова.

Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха.

Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.

Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.

Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност.