Ноќен час во тажниот дом

27.03.2024 20:10

Ти уште плачеш, а веќе е доцна ноќ, сестро моја.
Над твоето чело бдее страв-птица,
потшкрипнува стариот намештај
и духот на нашиот татко, ене, се шета низ тажните соби.
Ене, ја зема книгата од маса!
Ене, го милува столчето на коешто седеше!
Ене, пред ѕидот ги врти листовите на календарот!
Кој ден е ова?
Чиј дом е ова?
Кој свет е ова?
Па склопи ги очите, не гледај, сестро,
страшен дожд истура
на вџашеното лице на твојот брат, страшен дожд,
пресилен врнеж на мудри удари од небото...
Треба,
се сеќаваш ли?
да се чекори на прсти
додека тато спие.

Превод: Ристо Лазаров

Абдулах Сидран е роден 1944 година во Сараево. Дипломирал во родниот град на Филозофскиот факултет и на Катедрата за историја на југословенската книжевност. Бил уредник на студентскиот весник „Наши дани“. Работел како драматург во ТВ Сараево. Сценарист е на славниот филм „Татко на службен пат“ (1985), за кој Емир Кустурица ја доби првата Златна палма во Кан. Четири години порано се случи нивната прва соработка во антологискиот филм „Се сеќаваш ли, Доли Бел“ (1981). 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото