Јазикот, снегот и коњското влакно

17.04.2024 01:18
Јазикот, снегот и коњското влакно

На Балканот успешно е проблематизиран и самиот поим на јазикот. Нешто што се подразбираше и беше недвосмислено и јасно - стана проблем. Прашањето е едноставно: како е можно сите да се разбираме, а зборуваме неколку јазици? Брзо ќе сфатиме дека таквата дискусија нема да нè доведе до резултат, дека ќе заглавиме во аргументациите, дека сите аргументи се помалку точни и дека сите имаат некаква фалинка. Накратко, ако зборуваме еден јазик, тогаш зошто за тој јазик се користат различни називи. Исто така, тука е и прашањето: зошто сепак наидуваме на проблеми во разбирањето? На другата страна се аргументира дека едноставно сите се разбираме и дека станува збор за вештачка поделба. Оттука, аргументацијата може да се разграни во десет насоки. Од социолингвистички (ако соговорниците споделуваат повеќе од 70 проценти од зборовите, зборуваме за еден јазик, а ако споделуваат помалку зборови кои сите ги разбираат, тогаш станува збор за различни јазици) до теории за дијалектите.

Меѓутоа, прашањето нема врска со науката, со која било наука, станува збор само за политичка одлука. Тоа се двата клучни збора: политиката и одлуката. Модерните јазици се настанати така што е донесена одлука еден говор да се прогласи за стандарден јазик (Вук го избрал говорот од источна Херцеговина и западна Црна Гора, некој го избрал тосканскиот за стандарден италијански...). На крајот, државата ја поддржала таквата одлука и ја спровела во пракса. Така говорот станал стандарден јазик.

Конструкцијата „да се спроведе во пракса“ одредува дали нешто е јазик или не. Тоа не го одредуваат научници, ниту пак е важна ситуацијата на теренот - дали некој разбира нешто или не. Ако разбираат, одлично, ако не разбираат, нека научат; доколку говорот на некоја група драстично се разликува од политичката одлука, тогаш уште потешко за неа. Членовите на таквата заедница или можат да се прилагодат или да се соочат со маргинализација, а често и со исмевање. Ако била донесена поинаква одлука, на пример врањанскиот јазик да бил избран за стандарден српски, тогаш ќе сме му се потсмевале на говорот кој најмногу се разликува од стандардниот.

Тука нема ништо природно. Сицилискиот јазичен диверзитет е потполно загушен кога тосканскиот бил прогласен за стандарден јазик. Само сицилијците во Америка почнале да ги проучуваат варијациите, сличноста и разликите во говорите на најголемиот медитерански остров. Само универзитетите во САД му посветија внимание на тоа, но не и италијанските. На Апенинскиот полуостров беше донесена одлука да се спроведе унификација, зашто тоа има врска со државата, единството, нацијата...

Таквите теоретски поставки и политичките одлуки не беа важна тема во времето на СФРЈ. А потоа се распадна Југославија и прашањето ја крена главата: како се разбираме, а зборуваме толку јазици?

Ако прашањето за јазикот е политичко прашање, одговорот е јасен: оној што ја пишува граматиката и го дополнува речникот - има право на јазик. Тоа право може да биде искористено (државите создадени од остатоците од Југославија), но и не мора (сите држави во кои се зборува англиски јазик). Значи, чисто политичко прашање.

За да се создаде австралискиот јазик требало само да се донесе политичка одлука, а потоа и да се состави граматика и да се напише речник. Тие две книги, метафорички две, може да ги напише само државата. Мислам, тоа може да го направи секој, но само државата може да каже дека тоа е стандард, дека тоа што се пишува во таа граматика и во тој речник се учи во училиштата и се применува со државните институции. И ете го австралискиот јазик.

Кога Пчинскиот округ некако би се отцепил од Србија, и кога политичарите кои би го направиле тоа би решиле да создадат врањански јазик, тие би морале да напишат граматика и речник. И тоа би било тоа. Можеби ќе им треба преведувач ако сакаат да воспостават дипломатски односи со исто така хипотетичката држава Истра, каде е прогласен истарски јазик.

Може да се размислува и во спротивна насока. Кога премиерите на Србија, БиХ и Црна Гора би седнале за да се договорат да основаат заедничка академија или универзитет, каква било институција во која некој би напишал заедничка граматика и заеднички речник, тогаш сите би зборувале ист јазик.

Без политичка одлука и без институции чие основање го аминувала политиката, нема ни јазик.

Значи, јазикот кој го разбираме сите не е српскохрватски/хрватскосрпски или хрватскосрпски/српскохрватски, зашто нема институција која би се грижела за граматиката и речникот на тој јазик.

Сите тие книги сè уште постојат, но ги прегази времето. Тие книги не го следат духот на времето, не се дополнуваат, не се развиваат, а во случајот на јазикот - тоа значи смрт.

Јазикот е толку жив и динамичен и тешко е тоа да се разбере додека сите истовремено, и тоа во живо, го посматраме и користиме. Како што се менуваме ние, така се меува и јазикот, па затоа е тешко да се воочат промените. А потоа беше објавено едно истражување. Накратко, група научници поминале 26 недели на Антарктикот. Биле сосема изолирани; се дружеле меѓусебно, со надворешниот свет контактирале малку, дури и ретко се слушале со семејствата.

Сите зборувале англиски. Како што поминувало времето, така почнале да го менуваат акцентот, а потоа и самиот јазик. Се снимале додека разговараат, а снимките им биле испратени на фонетичари. Научниците во живо слушале како се создава нов акцент на англискиот јазик. Групата измислила свои зборови за полесно да комуницира.

Значи, јазикот се менува на секое ниво, од микрогрупите до она што се нарекува официјален јазик. Таквите промени се бележат во речниците и граматиките и на тој начин влегуваат во стандардот.

Тука доаѓаме до самото срце на проблемот. Изгледа дека прашањето на јазикот на Балканот е заплеткано во самиот јазик. Како што Ескимите имаат многу зборови за снегот, а Монголите за коњското влакно, така и нам ни требаат повеќе зборови за јазикот.

Прво, потребен ни е збор или фраза за официјалниот, државниот, институционалниот јазик. Потоа ни треба збор кој ќе го замени терминот „вернакулар“, кој е незгоден за секојдневниот говор, но прецизно зборува за сите говори кои не се официјални и кои, повеќе или помалку, се разликуваат од официјалниот. Споменатиот врањански е вернакуларен. Во Европа долго време само латинскиот бил јазик, а сите останати биле вернакулари. Така било во целиот среден век.

Потоа ни треба термин за јазикот кој не е официјален, а не е ни вернакуларен во потесна смисла на зборот, туку е јазик кој се разбира, па и зборува на подрачјето кое е поголемо од националната држава. Така би ги избегнале недоразбирањата со кои се среќаваме секојдневно.

Се разбира, на тој начин не би го решиле проблемот еднаш засекогаш. Во секојдневниот говор луѓето ги мешаат јазикот и писмото, иако тоа е тешко. Не јасно ни тоа што еден јазик може да има повеќе писма, додека едно писмо може да се користи за пишување повеќе јазици. Така би дошло до забуна и мешање на поимите, но барем теоретски би имале јасна слика. Така би било полесно да се објаснат недоразбирањата,

Во моментов ништо не е јасно. Се водат бескрајни дискусии, се пишуваат книги и се потпишуваат петиции, а не се знае кој за што зборува, дали се зборува за државен (политички) јазик (X), локален (Y) или за јазик кој може да се разбере надвор од националните граници (Z).

Колку помалку забуни во кои се давиме, толку помалку шанси повторно да се убиваме. Јазичното прашање може да биде добар почеток за решавање многу други проблеми.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Changyu Zou

Извор: https://lavalab.rs/

ОкоБоли главаВицФото