Локомотива на слободата

30.01.2012 15:19
Локомотива на слободата

Треба да се слика тоа што не се гледа“, велел италијанскиот сликар Џорџо де Кирико, човекот што го измисли „метафизичкото“ сликарство. Додека на платната прикажува царства од соништа и симболи од потсвеста, задачата за нивно објаснување ѝ ја остава на публиката. Што сè е откриено во неговото тајно сликарско писмо?

Џорџо де Кирико е роден во грчкиот град Волос на 10 јули 1988 година во фамилија со италијанско потекло. Неговиот татко, машински инжињер по професија, градел пруга по која возовите поминувале со отворени вагони. Живеејќи едно време во голема куќа спроти пристаништето, можеле од прозорец да ги набљудуваат парабродовите и чамците. Така, Џорџино, како што го викале, ги засакал возовите и бродовите и стекнал желба за далечни патувања. Кога еднаш во куќата нашол стари поморски карти и мапи со закопано богатство, долго во своите игри замислувал дека е морепловец, а паркетот – морски под.

Сакал да игра, но најмногу сакал во работната соба на татка си да разгледува табли за цртање, лењири, агломери, компаси...

Веќе бил во тинејџерските години кога почнал да му се појавува „демонот на уметноста“: испечатени слики прилепувал до стаклото на прозорецот, преку нив ставал хартија и ги пресликувал. Кога на подарок ја добил книгата „Смешни џуџиња“ со прекрасни илустрации, толку се воодушевил што почнал да црта и сам. Во една прилика долго се мачел со цртежот на Јован Крстител, сèа додека татко му, којшто исто имал уметничка дарба, не му покажал дека може да ја реши задачат со помош на геометриски фигури насликани преку ликовите. Вежбал и со албуми со модели за цртање цвеќе, а потоа почнал трипати неделно да добива часови по цртање од еден познаник на татко му, вработен во железничката станица. Од тогаш, овој надарен младич научил како да црта сè што ќе посака, како и секогаш да користи првокласна хартија, меки гуми „елефант“, зашилени моливи „фабер“...

Меѓутоа, безгрижното детство на Џорџо го нарушил еден тажен настан: во истовреме кога му се родил брат, починала неговата сестра. Иако родителите го тргнале да не го гледа погребот, дадилката во текот на прошетката го однела токму на улицата низ која поминувала посмртната поворка. Наскоро и сам се разболел од тифус, а кога оздравел од татка си добил на подарок огромна механичка пеперутка. Подоцна посакал да направи нешто слично: почнал со изработка на змејови од разноразна хартија и во тоа се прочул како вистински мајстор. Еднаш, група мангупи се обиделе да го соборат неговиот преубав змеј, додека си играл со него на плоштадот. Со помош на брата си и неколку пријатели ги избркал истурајќи цел дожд од камчиња врз нив. Таа победа ќе ја помни цел живот.

Веднаш по отпочнувањето на грчко–турската војна со фамилијата се преселил во Атина, во убава куќа, во најотмениот дел од градот. Иако му се допаѓало тоа што на улицата расте биберово дрво што шири слаткаст мирис, поради игрите покрај море и риболовот, жалел за своето гратче. Почнал да го посетува училиштето „Лицеј Леонино“, што го воделе католички свештеници,но откако научил неколку безобразни зборови, го вратиле на куќно школување.

Кога со време многу напреднал во цртањето портрети, родителите го запишале на одделот за применета уметност при Политехничкото училиште. Додека на часовите копирал испечатени отпечатоци и скулптури и цртал со јаглен, сонувал да црта со јаглени бои. Бидејќи не знаел како точно тоа се прави, од кујна зел маслиново масло и го измешал со боите. Меѓутоа, се случило нешто чудно: сликата на мртва природа која прикажувала три лимони никако не можела да се исуши! Од еден стар сликар кој доаѓал во училиштето да ги исправа ученичките вежби, ја дознал својата грешка – требало да користи ленено масло.

Подоцна, кога му се исполнила желбата да се запише на одделот сликарство , и во својата намисла да создаде што подобри дела, секоја зима и лето одел во пристаништето Пиреј. Тука сликал парабродови и едрилици, а знаел и толку да се занесе што добивал сончаница! Меѓутоа, тоа не го загрижувало, го загрижувала татковата болест, за која лекарите не можеле да ја утврдат ниту причината, ниту пак лекот. Еден ден, кога имал седумнаесет години, додека се шетал низ градот мислејќи на татка си, случајно го подигнал погледот и видел црна ткаенина обесена на еден од балконите. Сфаќајки го тоа како лош знак, веднаш се стрчал дома, кадешто дознал дека татко му само што починал. Во текот на бдеењето покрај мртвото тело на таткото, нацртал негов портрет кој потоа како спомен се чувал во семејството. Сломен од болка, заборавил на сите свои училишни обврски, а резултат од тоа било неположувањето на завршниот испит.

Во 1906 година, заедно со мајката и братот ја напушта Грција и преку Италија, пристигнуваат во Минхен, каде се запишува на Академијата за применети уметности. Освен што одел на предавање, често го посетувал и театарот, одел на концерти на класична музика и ги читал Ниче и Шопенхаузер... Бидејќи верувал дека припаѓа во малиот број избрани, пречувствителни и видовите луѓе, развивал „метафизичко“ сликарство и на платната прикажувал сонови. По две години студирање повторно западнал во меланхолија којашто морал да ја лечи со престој во бања.

Кога брат му во 1911 година заминал за Париз, одлучил да му се придружи заедно со мајката. Штом слушнал за „Есенски салон“, испратил три слики, кои веднаш биле прифатени и пофалени од критиката, а потоа по совет на писателот Аполониер учествувал во „Салон на независноста“ . Тогаш првпат во својот живот продал слика и од еден млад трговец добил понуда да му продава во иднина сè што ќе наслика. Но, во 1914 година почнала повторно војна, и Џорџо со братот заминал во Фиренца, кадешто се водел како воен обврзник. Распореден е како писар во Фераро, каде работел во воената болница, а во слободното време сликал. Таму набрзо дошол и сликарот Карло Кара, па се дружеле се додека овој не купил платно и бои „и со запрепастувачка безсрамност“ не почнал да го копира. Кога бареле нови војници за боиштата, де Кирика го испратиле на преглед, но поради слабост и исцрпеност бил поштеден.

По завршувањето на војната се преселил во Рим. Секојдневно проучувал дел од музејот „Вила Боргезе“, а пред една слика на Тицијан доживеал „откровение на големото сликарство“. Наученото целосно го применувал во своите дела, но по првата изложба во Рим добил лоши критики во весниците, а после учеството на венециското Биенале, не го добил ниту тоа – критичарите го бојкотирале. Затоа во есента 1925 година, решил да ја напушти Италија и да оди во градот кадешто неговите слики се ценат и почитуваат. Но, кога стигнал во Париз, непријатно се изненадил! Видел дека трговците со слики вовеле вистинска диктатура, имале моќ да воздигнат или уништат кого сакаат, независно од вистинските вредности! Му пречело тоа што поединци, поради сопствена заработка, се почесто ги прогласуваат модерните сликари за „гении“ и се бунел против тоа.

Меѓутоа, го нервирало и друштвото на уметници што ги запознал во домот на поетот Андре Бретон, кадешто покрај читање поезија се изведувале и спиритуалистички сеанси. Затоа, следните пет години живеел осаменички, но со „луда инспирација“ па тогаш ги насликал и своите најдобри дела. Од новото друштво му се допаднала единствено Изабела Фар и кога заклучил дека таа е една од неколкуте луѓе на светот кои го разбираат неговото сликарство, ја оставил сопругата, руската балерина Раиса Гуревич. Новата избраница, го охрабрувала да оди во Америка, велејќи му дека во Европа наводно има премногу соперници, кои како Салвадор Дали “мајмунски го имитираат“или едноставно го мразат. Така, се преселиле во Њујорк.

Изложбата на слики, одржана во галеријата на Џулијан Левиј, поминала одлично. Го запознал и доктор Берн кој имал купено 25 негови слики и основал музеј во местото Мерион, близу Филаделфија. Де Кирико лесно се навикнал на Њујорк, и го продолжил својот престој таму. Наредната година подготвил уште една изложба и правел илустрации за „Вог“ и „Харперс базар“. Се му одело од рака, па се зачудил кога сонил страшен, вознемирувачки сон. Во него ја гледал мајка си како влегува во мала, црвена, грчка црква, и додека се обидувал да ја викне и да и се приближи, не можел никако да реагира, глас не му излегувал од грлото, а нозете не можеле да му се помрднат. Наскоро, во јуни 1937 година, примил тажна вест за смртта на мајка му и се вратил назад во Италија.

По доаѓањето во земјата дознал дека во уметничките кругови е прогласен за „анти Италијанец“ и поради тоа многу врати му биле затворени. Тоа го забележал кога побарал од министерот без никаков паричен надомест да предава сликарство на академиите во Рим или Милано. Сакал да најде ученици на кои ќе им ги пренесе своите технички и филозофски откритија, но го одбиле.

Кога фашистите во неговата земја вовеле „декрет за заштита на расата“, првично насочена против Евреите, сфатил дека се спрема големо зло. Бидејќи некој пуштил информација дека и тој и брат му се со еврејска крв, се сокрил во Париз. Со Изабела живееле во хотел. Често го посетувал и Лувр за да ги проучува делата на старите мајстори.

Кога во Франција е прогласена општа мобилизација со жена си се вратил во Италија, а за време на Втората светска војна живеел во Милано. Изложувал во Фиренца, Торино и Венеција, неговите дела биле пофалени и од Мусолини. Но, де Кирико сè уште го гледале попреку бидејќи во весниците го напаѓал модерното сликарство. По завршувањето на војната се скрасил во Рим, успеал да ги собере сите свои слики од пропаднатите и разрушени музеи, но имал проблеми поради фалсификатите на своите дела коишто се правеле во Франција, а се продавале мошне скапо. Кога една слика од галеријата „Ил Милионе“ не сакал да ја признае како свое дело, завршиле на суд: галеријата го тужела да се откаже од своите метафизички слики, бидејќи откако се преобратил во сликар-реалист, се срамел од нив.

Де Кирика навистина го променил стилот, и се налутил страшно кога на венециското Биенале во 1948 година го претставиле само како метафизички сликар, со објаснување дека единственотие слики биле вредни од целокупната негова продукција. Се лутел дополнително бидејќи покрај неговите дела биле поставени делата на Карло Каро и Џорџо Моранди, а особено што Моранди ја добил вредностата награда од сто илјади лири. Кога меѓу своите дела видел уште еден фалсификат, повел судски спор против Биеналето, нарекувајќи го „пазар“. Следната година, излегол од печат единствениот број на списанието „Биеналето во пламен“, во кое ги нападнал трговците со уметнички дела и „грдите, кукавички и детинести“ дела на модерните сликари. Тврдел дека тие со својот стил само ја кријат немоќта и непознавањето на техниките кои ги владееле старите мајстори. Бидејќи, ставовите од овој тип ги искажувал јавно и на своите предавања, неретко добивал и закани. Во исто време, додека дома го напаѓале, па дури еднаш бил обвинет и за плагијаторство (Сликарот Алсага го изгубил спорот, но станал славен), во Франција и Англија доживувал невиден успех.

Убеден дека на овој свет ќе биде запомнет како пратеник на „Универзалниот геније“, Џорџо де Кирико, до крајот на својот живот, 20 ноември 1978 година, создавал неуморно и постојано се усовршувал. На метафизичките слики го мешал реалниот свет со светот на соништата и потсвеста – сликал гладијатори во салони, склуптури на богови на празни плоштади, делови од мебел на морски брегови... Често се изразувал низ симболи, така што ѕидовите на неговите слики значат заштита, но и затвор, локомотивите значат слобода, кула – машка независност, фигура без лице го претставува современиот човек...

Покрај бројните слики, изработувал и сценографии и костими за балет, литографии, склуптури, илустрации за книги, напишал роман и автобиографија. Доживел надреалистите да го наречат првин „татко“, а потоа и да се одречат од него поради неговите ставови за модерната уметност.

Меѓу педесетина автопортрети, Џорџо де Кирико, на врвот на својата слава, насликал и еден на којшто се прикажал себеси со шешир, во сивосина одежда од 17 век, која ја позајмил во римската опера. Со таа слика, која неизмерно ја сакал и ја сметал за свое најдобро дело, сам себе си дал признание – признание што успеал да го одбрани своето сликарство од сите напади, баш како што во детството успеал да го одбрани змејот за летање.

Извор: Политички забавник

ОкоБоли главаВицФото