Порака по повод Светскиот ден на театарот

27.03.2014 12:38
Порака по повод Светскиот ден на театарот

Каде и да постои човечко општество, се манифестира нескротливиот дух на изведбата.

Под стеблата во малите села и на технолошки напредните сцени во глобалните метрополи; во училишните сали, на полињата и во храмовите; во сиромашните квартови и на градските плоштади, во месните заедници и во урбаните подруми, луѓето ги привлекува заедништвото на ефемерните театарски светови кои ги создаваме за да ја изразиме својата човечка сложеност, својата разноликост, преку своето крв и месо, здив и глас.

Се собираме за да липаме и да се сеќаваме, за да се смееме и размислуваме, за да учиме и утврдуваме, и за да замислуваме. За да ја освестиме заедно нашата способност да создаваме убавина, сомилост, но и да правиме чудовишни работи. Доаѓаме за впиеме енергија и сила. За да го славиме богатството на различните култури и да ги раскинеме границите кои нѐ делат.

Каде и да постои човечко општество, се манифестира нескротливиот дух на изведбата. Го раѓа заедницата, а тој ги носи маските и костимите на нашите разнолични традиции. Ги користи нашите јазици, ритми и гестови, и отвора нови простори пред нас. А ние, уметниците кои работиме со тој древен дух, чувствуваме потреба да го канализираме преку нашите срца, нашите идеи и нашите тела, за да ја разоткриеме сета прозаичност, но и сета блескава таинственост на нашата стварност.

Но, во ова време во кое милиони луѓе едвај преживуваат, страдаат под опресивни режими и под грабливиот капитализам, бегаат од судирите и неволјите, во кое во нашата приватност чепкаат тајните служби, а нашите зборови ги цензурираат самоволните власти, во кое шумите се уништуваат, животинските видови се истребуваат, а океаните се загадуваат: што всушност имаме потреба да разоткриеме?

Во овој свет на нееднакви односи на моќта, во кој различни хегемонски поредоци се обидуваат да нѐ уверат дека една нација, една раса, еден род, една сексуална ориентација, една религија, една идеологија, една културална рамка е супериорна над останатите, може ли навистина да се бранат тврдењата дека уметноста би требало да биде незасегната од општествената агенда?

Дали ние, уметниците на арената и сцената, ќе се поведеме од стерилните потреби на пазарот или ќе ја зграбиме моќта која ја имаме, моќта да создадеме чист простор во срцата и умовите на општествата, да собереме луѓе околу нас, да ги вдахновиме, маѓепсаме и информираме, и со тоа да создадеме свет на надеж и искрена соработка?

Извор: www.world-theatre-day.org
Слики: Настап на танцувачко-театарската група „Пилоболус“