Порака на Кшиштоф Варликовски за светскиот ден на театарот

27.03.2015 16:42
Порака на Кшиштоф Варликовски за светскиот ден на театарот

Вистинските мајстори на театарот најлесно можете да ги најдете далеку од сцената. И тие главно не се заинтересирани за театарот како машина за копирање конвенции и репродуцирање клишеа. Тие трагаат по изворот што пулсира, живите текови кои ги заобиколуваат театарските сали и метежот од луѓе кои се склони кон имитирање на еден или друг свет. Копираме наместо да создаваме светови што се фокусирани или дури и зависни од дебата со публиката, на емоциите кои извираат под површината. А всушност, не постои ништо што може да ги открие скриените страсти подобро од театарот.

Најчесто се свртувам кон прозата за помош. Од ден во ден се фаќам себеси како размислувам за писателите кои речиси пред сто години пророчки го опишале паѓањето на европските богови, самракот кој ја втурна нашата цивилизација во темнина која допрва треба да се осветли. Мислам на Франц Кафка, Томас Ман и Марсел Пруст. Денес исто така би го вброил и Џон Максвел Куци во оваа група пророци.

Нивното заедничко претчувствување на неизбежниот крај на светот - не на планетата туку на моделот на човечки односи - и општествениот поредок и бунт, е многу актуелно за нас овде и сега. За нас, кои живееме по крајот на светот. Кои живееме среде злосторства и конфликти што секој ден се разгоруваат на нови места, дури и побрзо отоколу што сеприсутните медиуми можат да ги следат. Овие огнови брзо стануваат здодевни и исчезнуваат од извештаите на печатот, за никогаш да не се вратат. Повеќе не сме способни да градиме кули, а ѕидовите кои тврдоглаво ги подигаме не нè заштитуваат од ништо - напротив, самите тие бараат заштита и грижа која ни одзема голем дел од нашата животна енергија. Повеќе немаме сила да се обидуваме и да погледнеме што има зад портата, зад ѕидот. И токму затоа театарот треба да постои и тоа е местото од каде треба да ја црпи својата сила. Да ѕирка онаму каде што гледањето е забрането.

„Легендата се обидува да го објасни она што не може да биде објаснето. Бидејќи е заснована на вистина, мора да заврши во необјаснивото“ - вака Кафка ја опишува трансформацијата на легендата за Прометеј. Силно верувам дека со истите зборови треба да се опише театарот. И таков вид тетар, кој е заснован на вистина и кој завршува во необјаснивото, посакувам за сите театарски работници, оние на сцената и оние во публиката; го посакувам тоа со сето срце.

Извор: Извор: www.world-theatre-day.org