Ледена музика

10.01.24 14:49

„Свирењето на лед има свои предности, но морате постојано ритмично да тапкате бидејќи во спротивно би можеле да замрзнете” - тврди Норвежанецот Терје Исунгсет, еден од најдобрите европски перкусионисти.

И додека светски познатите пејачи од ден на ден се обидуваат да измислат нови начини да го подобрат својот имиџ и да обезбедат што е можно поголема изложеност во медиумите, Норвежанецот Терје Исунгсет пред нешто повеќе од десет години размислувал дека би можел да направи инструменти од лед. Кога тоа му успеало, почнал да свири на нив, а потоа и да настапува, за на крајот да го основа познатиот норвешки годишен фестивал „Ice Music” во Гејл.

Со ледот, се разбира, се почнало случајно, но приказната за музиката има подолга историја. Терје со музика се занимавал уште од училишните денови, кога заедно со својот татко настапувал во познатата група „Берген”. Со текот на времето, тој почнал да компонира, да џезира и на крајот да свири перкусии. Денес е познат како еден од најдобрите европски перкусионисти.

Приказната со ледот започнала кога една пештера во Норвешка успеал да ја претвори во место за изведување експериментална музика. Додека ги распоредувал своите егзотични инструменти, забележал парче лед како виси над неговата глава. Кога се обидел да засвири на него, сфатил дека звукот на ледот е најубавиот звук што некогаш го слушнал.

На почетокот свирел на едноставни ледени ѕвона користејќи ги природно формираните сталактити. А потоа почнал да ги изработува самите инструменти, како тапани, рогови, харфи и труби направени од лед.

Неговите ледени инструменти и музика стануваат глобално познати кога го во 1999 година го контактираат од Одборот за организација на Зимските олимписки игри во Лилехамер. Оттогаш има издадено 11 соло албуми на „ледена музика”!

Кога во една прилика новинарите го прашале како успева да свири на мраз и да одржи настап во целост, без самата изведба да се „стопи“, тој одговорил:
„Треба да се движите постојано, бидејќи ако застанете - ќе замрзнете”.

Времетраењето на неговите ледени инструменти е многу кратко, тие можат да издржат само една изведба. Исклучок е само еден леден рог, кој го држи рекордот за најдолговечен леден инструмент. Терје го издлабил од дел од глечер стар 2500 години, а рогот можел да се искористи за дури педесет изведби.

Секако, доколку некогаш одлучите да го слушнете, мора да знаете и дека пред настапот ниту самиот Терје не знае како ќе звучи концертот, бидејќи најголема улога сепак има ледот - неговиот квалитет, старост и температура.

„Можете да постигнете многу различни тонови. Иако самите инструменти се ладни, звукот е многу топол. Секој концерт е оригинален и природата одлучува каков ќе биде перформансот и како ќе звучат инструментите”, вели Терје.

Освен од лед, Терје прави инструменти и од дрво, метал, камен и отпад. Неговите настапи се непредвидливи, но секогаш ледени, и веруваме дека навистина вреди да се доживеат.

Извор: https://coolklub.com

Слични содржини

Книжевност / Музика / Око
Музика / Око / Музички спотови
Музика / Око / Музички спотови
Музика / Око

ОкоБоли главаВицФото