Осврт кон изложбата „Квовадис“ на Валентина Поцевска

19.04.2024 08:26
Осврт кон изложбата „Квовадис“ на Валентина Поцевска

Редукција на обликот до Нула. Нула облик, а потоа супрематистички влез во потсвеста на уметницата и поврзување со поетиката на преобликуваниот простор, облагороден од моќното присуство на сликите.

Каде што кругот станува триаолник а магичниот спој на трите линии во точка на врвот – виртуелна врата (можеби „тесна“ врата) којашто на прв поглед го одбива погледот, за веднаш потоа, низ чудесното четвороаголно прекршување и конечно расточкување низ призмата на снопот линии организирани во облик на буква – да оформи влез во полето на обратната перспектива на она што човекот кога гледа со сетилото (само) на видот може да го види, додека надсетилното останува скриено од погледот... и тука, сосема (не)очекувано, да предизвика отворање...

Преку вратите на перцепцијата, човек е поканет да влезе во внатрешноста на многу светови од кои останува шашардисан. А потоа, еднаш наведен на патот каде води тесната врата, гледа како пред него се отвораат бескрајни можности и перспективи и неговиот пат наместо да се стеснува, станува сѐ поширок, како што можеби би рекол Успенски. И токму преку тоа волшепство на умешноста на Тина од точка да направи триаголник, перцепцијата станува како мала тродимензионална камера во нашето срце и тргнувајќи од неа целата перспектива патува низ ролер костерот на умот кој гледа, се врти и се озарува и притоа ужива во глетката.

Изложбата „Кво вадис“ на Тина зборува за патот на уметникот од Нула до Сѐ. Истовремено, изложбата на Тина во галеријата Метаноја на моменти потсетува на некои сцени од филмската верзија на Орвеловата 1984.

Симболите во сликите на Тина имаат моќ да ги отворат вратите на сетилата (на спектаторот) и да го поведат на едно патување низ нејзиниот внатрешен свет кој изобилува со возбудливи приказни за трансформација на обликот – без оглед дали е тоа животна околност, чувство, расположение или нешто сосема неодредено и непознато – токму во тоа е слободата на чистиот геометриски облик кој заокружувајќи ја свеста во рамка на круг, триаголник или квадрат на најбрз можен начин ѝ дава можност да погледне, поточно да има увид (да ѕирне) во умствениот свет на апстрактното, она што е вон паметта, на работ помеѓу постоечкото и непостоечкото.

Кога би го прашале уметникот како е можно да се нацрта нешто што не постои, тој со леснотија би ви одговорил не со збор или со смислен одговор, туку со СЛИКА. Таа слика би имала тенденција да ја редуцира формата на ништо, да ѝ даде колку е можно попрефинет израз, или математички кажано, на низата броеви од 1 до 9 да додаде нула и со тоа забавата да може да почне. Тина во своите слики го прави тоа на многу вешт начин, а сепак во манирот на игра, што би рекол Пикасо, „цел живот учев да сликам за да можам да сликам како дете“. Дете коешто уште не ги знае бројките и буквите и сѐ уште е слободно од оковите на системот во кој сѐ му е подредено на кршливиот поредок на светот кој се одржува себеси со помош на низи, повторувања, пребројувања и калкулации.

Во сликите на Тина се мешаат кинеското, глинестото, индиското, јапонското, европското, азиското, словенското: на пример во сликата каде што типичниот словенски обред на оплакување и погребување е премачкан со слој на дигитален предвкус на некои нови технологии на денешницата во кои сѐ што постои во овој свет, има можност да постои не само во уште еден, туку во бесконечност паралелни светови со оглед на можностите на холограмските симулации со кои располага вмреженоста, интернетот, back up - от што го овозможува виртуелното складирање на информациите. Тоа сѐ Тина го редуцира на Нула, на ништо и на преобразување на ништото во нов почеток. Нова слика, нови или исти симболи, а друга реалност во која квадратот врамен во круг само благодарение на другата боја (како основа врз која е поставен), отвора нова перспектива, нова можност, ново непознато, нова нула.

Изложбата беше поставена во галеријата „Метаноја“ на Наде и Коста Милкови, а траеше од 13-ти март до 13 април 2024 година.