Љубов Орлова 2.0

24.01.2014 14:14

Според најновите информации на The Independent, бродот на духови „Љубов Орлова 2.0“ за кој се претпоставува дека е со површина од 25.713 километри квадратни и полн со стаорци канибали – 2.114.550 стаорци по последниот попис (извор: Хомеровата Одисеја и Библијата), и плови по меѓународните води повеќе од 2000 години, навистина постои.

Никој не знае каде точно е упатен бродот, која била целта на патувањето, но библиските извори претпоставуваат дека мисијата на експедицијата била ширење на љубов и единство и спојување со далечните неоткриени територии на запад. Но, што се случило? Некаде при крајот на патешествието, по цели 20 и кусур години од тргнувањето, кога неоткриените мирољубиви територии се наѕирале на хоризонтот, главниот стаор кој бил и капетан и кормилар на бродот се пореметил и во лудилото почнал да ги јадење прво другите членови на екипажот, а потоа и сопствените деца. Бродот тогаш го сменил курсот на движење, па почнал да се движи од крајно десно, кон крајно лево на хоризонтот, но никогаш не се укотвил. Ова се непотврдени информации, a единствено што со сигурност се знае е дека бродот е тргнат од една недефинирана точка на Балканот.

Во неколку наврати рибарски бродови тврдат дека успеале да уловат СОС повици за кои оптимистички претпоставуваат дека доаѓаат од некој побунет стаорец од „Љубов Орлова 2.0“, но сигналот многу брзо се губел, па се откажувале од потрагата. Многу бродови со ловци на изгубени богатства и ентузијасти од целиот свет, денес пловат по меѓународните води во потрага по „Љубов Орлова 2.0“, но засега неуспешно. Гласините се дека најблиску бил Индијанскиот „Сакара Мултитуп“.

Од екипажот на Сакара, велат дека Капетанот Рата Суб, кога бил само на неколку весла од Љубов, се повлекол од засега непознати причини. Се шират разни приказни. Многумина велат дека „Љубов Орлова 2.0“ е само еден брод од славната флотоа на изгубената Атлантида, а други дека е измислена фикција на дедовците за да ги успиваат своите внучиња со приказни. Дали ова е само легенда, предание од нашите предци, дали и колку се стаорците точно на број, навистина ли сите до еден се канибали, живи ли се, и конечно постои ли „Љубов Орлова 2.0“, никој со сигурност не знае. Името на бродот, бројот на стаорци и површината се спомнуваат уште во Хомеровата Одисеја, па се преземени и од Библијата. „Љубов Орлова 2.0“ засега останува мистерија.

На пештерски цртежи пронајдени во Пешна – пештера блиску до градот Македонски Брод, отсликан е овој брод, за кој се претпоставува дека е „Љубов Орлова 2.0“.

Извор: ribaro.mk