27 март - Светскиот ден на театарот

21.03.2024 15:05
Светскиот ден на театарот со пораките на Коле Ангеловски и Јон Фосе

Коле Ангеловски (филмски и театарски актер, театарски режисер)

27 март 2024 – Македонска порака по повод Светскиот ден на театарот

27 Март - Меѓународен ден на театарот. Голем празник за нас театарџиите. Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера (по можност добра) па потоа коктелче, баш како на куќна слава.

Јас имав посебна среќа што нa 27 Март два нови театри се отворија со мои претстави. Театарот за деца и млади со преставата „ Чудовиштата од нашиот град“ според текст на Русомир Богдановски, тогаш македонската порака за денот на театарот со специјален хелио балон беше испратена во вселената.По неколку години се отвори и Театарот комедија со „Ах љубов моја“ со мои текст и режија.

Долго време сум во театарот и имав прилика да доживеам два радикално различни периоди во животот на Македонскиот театар.

Првиот, кога Македонија, во склоп на Југославија, водеше сметка за културата, сакаше да се покаже пред другите републики, беше горда кога ние правевме добри претстави, победувавме на меѓународни фестивали и фестивалите во Југославија, патувавме по турнеи во разни земји по светот. Тогаш, ниту еден од режисерите на знаеше колкав му е буџетот на преставата. Сценограф, костимограф, композитор ( за секоја престава специјално се компонираше музика) нормално беше да ги имаш најдобрите, секое работно место беше покриено со соодветно квалификуван човек. Имаше работилници што изработуваа се’ што е потребно да се опреми една претстава. Тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности и се’ функционираше како што реба.

Југославија се распадна, Македонија имаше среќа да помине без војна.

Во тоа време во независна Република Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура. Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си бираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави,проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати.

Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а се помалку публика, помалку репризи. Сонувавме за некогашните 200, 300, 470 репризи, преставите кои се играа по десет, дваесет, дваесет и девет години, пред полни салони, со редици пред билетарата, со среќна и насмеана публика.

Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10 %, 20 %, а бројот на националните установи се зголемуваше. На последниот конкурс на Министерството за култура имало 3132 барања за финансирање на проекти. Комисиите составени, барем како што велат, од компетентни и стручни луѓе (повеќе партиски, отколку компетентни) како само да ги протрчале насловите, без суштински да навлезат во проектите; инаку би им требало најмалку година дена, но и тогаш средствата би ги поделиле за да се задоволат народите и народностите, партиите, во секое гратче, општина, село - тежнеејќи да имa барем по две национални установи, за да се почитува принципот на двојазичност и сите да бидат задоволни.

Една мала дигресија, Франција, држава со 80 милиони жители, има само 5 државни театри кои се комплетно финансирани од Министерството за култура на Р. Франција, и само театарот Комеди Франсез има постојано вработена трупа.

Да се добие статус на Национлна институција на културата – тоа мора да се заслужи.

И сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две, три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, по кој знае кој пат нови видувања на „Тартиф“, на дела од Шекспир, Стефановски... Ќе „измислиме нов правец’’ во театарот - „Гол театар“: празна сцена, две столици, црни завеси...

Зградите на театрите ќе се распаѓаат, вода ќе тече од сите страни, греење ќе нема, стотина дипломирани млади актери ќе чекаат некој од театрите да респише конкурс , за евентуално да бидат примени...

Но, затоа ќе имаме фестивали во секој град и село, дури ќе финансираме фестивал во друга држава...

Ама немајте гајле, догодина, како што рече еден наш хуморист: Тумороу ит вил би БЕТЕР!


 

Светски ден на театарот 2024 од Јон Фосе

Уметноста е мир

Секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. И се разбира, сето тоа е добро и убаво, но исто така во секој човек има нешто што му припаѓа само и единствено нему - а тоа е самиот тој. Односно, тоа нешто можеме да го наречеме неговиот дух или неговата душа. Или може да одлучиме, воопшто да не го именуваме со зборови, да го оставиме тоа нешто на мира.

Но колку и да сме различни едни со други, сепак сме слични. Од било кој дел од светот, луѓето сме во основа слични едни на други, без разлика на тоа на каков јазик зборуваме или каква боја на кожа или коса имаме.

Како некој парадокс: потполно исти, а истовремено сосема различни.

Можеби човекот е парадоксален во суштина, со поврзаноста помеѓу телото и душата - исто умееме да владееме и со најземните, материјални граници на физичкото постоење, како и со оние кои се надвор од физичката реалност на материјалното ограничување.

Уметноста, добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. Но ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло - што е уникатно, а што универзално; и со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави; и ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации.

Уметноста не го прави тоа со изедначување на различностите, за да нè направи исти или еднакви, туку напротив, го прави со покажување на различното во нас, на другото, туѓото. Секое добро уметничко дело се состои од – токму тоа - од нешто туѓо, нешто необично, нешто што не можеме да го разбереме целосно, но на некој начин, сепак го разбираме.

Содржи мистерија, би рекол. Содржи нешто што нè воодушевува и што нè тера да ги надминеме нашите поставени бариери, и со тоа го создава тоа себе надминување, што нè носи над земните и материјални потреби од физичката реалност, што секое уметничко дело мора да го содржи во себе и да нè води кон тоа.

Не знам за подобар начин, кој сплотува спротивности. Ова е точно обратниот пристап од оној на насилните конфликти, што ги гледаме премногу често во светот, што подлегнуваат на искушенијата за уништување на сè што е друго и посебно, сè што е различно и најчесто користејќи нај-нехумани изуми, што технологијата ги нуди на располагање. Постои тероризам во светот. Постојат војни. Затоа што луѓето исто така имаат и животинска страна, водена од инстинкт кој другото, различното, туѓото го доживува повеќе како закана за своето постоење, наместо како една фасцинантна мистерија.

Ете како посебноста и разликите што сите ние можеме да ги воочиме - исчезнуваат, оставајќи зад себе една колективна изедначена отапеност, каде што секое различно нешто, претставува закана која треба да се искорени. И сè она што навидум изгледа различно, како на пример во религиите или политичките идеологии, станува нешто што треба да се победи и да се уништи.

Војната е борба против сè што е длабоко во нас, против посебното и уникатното. И е борба против уметноста и против она што е длабоко во неа.

Овде зборував за уметноста во општи рамки, не посебно за театарот или за драмското пишување, затоа што како што напишав, секое уметничко дело длабоко во себе се врти околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните нешта, правејќи ги универзални. Соединувајќи ги, посебното со уникатното со помош на уметничка експресија и не со елиминирање на нивната особеност, туку со потенцирање на нивната различност, за да може сè што е туѓо и друго и непознато да свети силно и продорно.

Војната и уметноста се спротивности, исто како што се и војната и мирот – толку едноставно.

Уметноста е мир.

Превод: Здравко Стојмиров – актер; преведувач на драмски текстови