Пораки по повод Светскиот ден на театарот

27.03.2020 14:59
Пораки по повод Светскиот ден на театарот

„Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар, се вели во македонската порака на актерката Снежана Конеска Руси напишана по повод Светскиот ден на театарот – 27 март“.

Оваа година поради коронавирусот, интернационалната и македонската порака по повод Денот на театарот нема да бидат прочитани пред публика во театрите. 

Генерации глумци заминуваат, но театарот останува, опстојува и пркоси на просторот и времето.

„Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури…клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – „може ли театарот повеќе од ова долу-подолу?. Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија“, вели Руси во пораката.

Авторот пак на светската порака по повод Светскиот ден на театарот е драмскиот автор и новинар од Пакистан, Шахид Надим, кој појаснува дека во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се во пораст, народите се устремуваат против народите, а верниците се борат со други верници.

„Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа и веќе може да се чуе топотот на коњите од Четворицата Јавачи на Апокалипсата. (12) Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила; мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во којшто живееме, на Планетата на којашто живееме“, пишува во пораката на Надим.

Изборот на автори за светската порака го организира Меѓународниот извршен одбор на мрежата на Интернационален театарски институт, УНЕСКО, Париз/Шангај.

Изборот на домашните автори за локалната порака го организира Програмскиот и Извршниот одбор на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.