Дали виртуелната реалност е иднината на уметноста?

20.03.2017 11:17
Дали виртуелната реалност е иднината на уметноста?

Како што тргнале работите, 2017 ќе биде година во која уметноста ќе стане виртуелна, доказ за ваквото тврдење е што голем број врвни галерии од целиот свет ги отворија вратите за овој многу модерен медиум и му дадоа место во изложбените простори.

Витни биеналето во Њујорк, кое се отвори на 17 март, го вклучи ВР (виртелна реалност) делото од Јордан Волфсон. Во февруари, аукциската куќа „Сотби“, на својата публика ѝ овозможи да ја види „во живо“, виртуелната верзија на сликата од Салвадор Дали, „Момент де транзиција“. Во јануари, уметникот KAWS го изложи својот ВР проект во Јавната библиотека на Њујорк. Лондонската академија за уметност, предметите од изложбата „Речиси реално“ ги врати во реалниот свет, со помош на 3Д принт.

Вооружени со футуристички слушалки, сензори за движење и специјално дизајнирани интерфејси, различни уметници го истражуваат овој нов медиум. DW зборуваше со четворица ВР меѓународни уметници и ги праша како е да се биде во првите редови на новото уметничко движење и што ќе значи оваа промена за традиционалната уметност.

Виртуелниот илустратор

 

Неверојатно, но австралиската дивина може да биде добра средина за некој што работи во првите редови на технолошките иновации – а токму во неговиот дом во пустината, Стјуарт Кембел се обидува неговото искуство во традиционалната илустрација и стрип уметноста да го пренесе во сосема нова насока.

„Долго време работев цртеж и сите вештини ги пренесов во овој нов медиум“, објаснува 36-годишниот ВР уметник.

„Се разбира, се прилагодив на фактот дека одеднаш цртам во тридимензионален простор и дека моето дело лебди околу мене.“

Во виртуелниот свет исто како и во реалниот, за Кембел, неговото творештво секогаш се сведува на раскажувањето на приказната. Виртуелната реалност треба да биде добра алатка за раскажување, со оглед на потенцијалот за речиси целосната импресија – сè што гледа, слуша, а во некои случаи дури и сè што чувствува корисникот, може да се контролира од страна на дизајнерот.

Но, публиката е незадоволна кога не ѝ е дадена доволно автономија да го истражува виртуелниот простор. Со развојот на технологијата им се овозможува на корисниците слободно да се движат во просторот на виртуелната реалност, познат како „room scale“, голема е веројатноста дека тие ќе одат AWOL.

„Но публиката добива поголема слобода на избор и самостојност“, вели Кембел „но, истовремено не сакате интерактивноста да ве оддалечи од приказната. Тоа е интересна рамнотежа, да се направи доволно интуитивна, за да не размислуваат премногу како да комуницираат со приказната“.

Кембел во моментов ја „кореографира“ презентацијата на неговото најново ВР дело. Тоа е уште една работа во врска со уметноста во виртуелната реалност - публика сака да биде таму, во реално време, во моментот кога се создава уметноста.

„Ми се допаѓа оваа идеја на перформанс“, објаснува Кембел. „Сè што беше дигитално, мене ми беше премногу бавно. Не беше забавно да се гледа некој стуткан покрај компјутерот. Во ВР мавтате со рацете и се шетате низ просторот и луѓето навистина можат да ги поврзат овие широки гестови со анимацијата на ударите со боја.“

Но можат ли ВР уметниците да се надеваат дека некогаш ќе ја имаат почитта што ја уживаат традиционалните уметници?

„Се гордеам со мојата вештина“, вели Кембел. „Може да се стигне до мајсторство во користењето на овие алатки, а се разбира и на концептуалните идеи со кои работите, што на крајот, ја одредува вредноста на уметничкото дело.“

Виртуелниот сликар

Токму сега, секој уметник ја бара сопствената патека, што е неверојатно и застрашувачки“, вели британската ВР уметница, Лиз Едвардс.

Имам апсолутна стравопочит кон неверојатните дела што ги прават други уметници, но, истовремено си мислам: Каде оди сето ова? Што можам ново да направам со овој медиум?“

Пред да одлучи да гради кариера како слободен ВР уметник, 27-годишната уметница, која во моментов живее во Монтреал, Канада, работела во индустријата за видео игри како цртач на 3Д карактери.

„Отсекогаш цртав, сликав и вајав“, вели Едвардс. „Тоа е она што е толку привлечно во ВР уметноста - може да биде дигитална, но сè е во тоа да правиш нешто со сопствените раце. Исчезнуваат сите бариери помеѓу тебе и твојата уметност.

Едвардс е импресионирана од разновидноста што ја овозможува медиумот. Таа го посочува спектарот на содржини што веќе се достапни за корисниците - од авантуристички искуства, како посетата на Меѓународната вселенска станица или влегувањето во 3Д скенови на различни места во светот, сè до креативни алатки или извонредни игри. Таа го гледа место за традиционалната уметност и во виртуелната реалност.

„Ја сакам идејата за цртање и сликање 3Д мртва природа - слика од еден момент“, вели таа, „како стрип лента што гледачите може да ја истражуваат. Не мислам дека сликарството некогаш ќе престане да биде моќно.“
Едвардс ги отфрла и тврдењата дека ВР може да да биде сектор со проблем сличен на оној што во минатото го имаше секторот на технологијата - родова еднаквост. „Има еден тон прекрасни жени во индустрија на виртуелната реалност!“, рече таа. „Целата индустрија е неверојатно отворена и ги поддржува жените.“

Виртуелниот скулптор

Според Гио Накпил, 40-годишниот дигитален уметник, роден во Филипини и израснат во Канада, а кој сега живее во САД – уметноста треба да биде „најотвореното и најблиското нешто што може да го споделите со други луѓе.“
Па како технологијата на виртуелната реалност со скапата опрема и прилично ограничениот пристап преку индивидуалните слушалки, одговара на таа дефиниција?

„Цената на ВР хардверот со време ќе се намали“, вели Накпил. „Како што напредуват работите, можам да замислам дека во иднината ВР уметноста да стане достапна, како што, да речеме, јас влегувам во машката пештера, во мојата куќа и вајам со часови. Или, пак, на социјално ниво, со куп пријатели, како форма на дружење да се вајаат чудовишта.“

Креирањето на фигури на чудовишта е нешто за кое Накпил знае многу. Неговите креации стигнаа до Холивуд и се појавија во филмовите како „Одмаздници“ и „Војна на ѕвездите“. Тој сега создава друг свет на виртуелни суштества за компанијата „Oculus“, која се занимава со ВР технологија.

„Ограничувањата на рамката на 2Д веќе не важат, вели Накпил за својата нова насока на работа. „ Во виртуелната реалност можам да создадам сцена во која ќе се чувствувате како пред вас да стои девет педи висок Огре (трол, митско суштество).

И покрај тоа што толку многу време поминува во виртуелниот свет, уметничките идоли на Накпил се Микеланџело и Бет Кавенер и други кои припаѓаат на физичкото уметничко царството. Тој, исто така, не верува дека ќе се намали бројот или значењето на традиционалните уметнички форми како што ќе расте виртуелната реалност.

„Враќањето кон скулптурата од глина за мене отсекогаш било од најголемо значење“ вели тој. „Дигиталната скулптура, без разлика дали е ВР или 2Д екран, едноставно не може да се спореди кога во раце држите вистинска глина“.

Виртуелниот куратор

„Моќта на виртуелната реалност е што го надминува свесното“, вели Филип Хаусмаер, современ ВР уметник од Берлин. „ВР навистина влијае врз емоциите, бидејќи силно влијае на вашето тело.“

Тој дипломирал ликовна уметност, со искуство во скулптурата и инсталацијата, но, кога пред четири години излезе првата верзија на слушалки на „Oculus Rift VR“, тој храбро одлучи да се префрли во виртуелната реалност.

„Го видов потенцијалот“, објаснува тој, „ќе можете да ги надминете физичките граници и да создадете простори кои никогаш претходно не постоеле.“

Хаусмаер научил како да ја користи најновата ВР опрема и програми. Тој ја основал компанија и минатата година ја курирал првата виртуелна изложба на современа уметност. Изложбата патуваше во Калифорнија и Мадрид, а летово, ќе биде прикажана во Центарот за уметност и медиуми во Карлсруе, во Германија.

„Мислам дека виртуелната уметност ќе бидат прифатена како форма на вистинска уметност“, вели Хаусмаер. „Само зависи кој ја прави. Сè уште е рано - на радарот е можеби една или две години Дајте ѝ уште пет и ќе биде многу поинаку.“

Хаусмаер сфаќа колку е важно луѓето да се поврзат со индустријата на виртуелната реалност со цел да се негува овој млад уметнички правец. Тој го основал популарното ВР собиралиште Берлин и сега се надева дека ќе развие база на податоци што на ВР уметниците ќе им овозможи контакти со куратори и галерии.

„Виртуелната реалност привлекува голем број интересни луѓе што експериментираат - не само уметници, туку и креативни програмери, независни гејмери кои сакаат да направат уметнички дела, како и филмаџии. „Прекрасно е да се биде во овој бран“, вели тој.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото