1016 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 09.05.2024 20:59
Денес официјално излегува деветтиот по ред албум на ПМГ Колектив насловен Fraternité (Братство). Се работи за можеби едно од најзрелите остварувања на бендот, кое се создаваше речиси година и половина.
Во апатичната пандемиска тишина јавноста подзаборава дека музичарите продолжуваат интензивно да работат и создаваат. Она што е важно е дека зад албумот стои цела една разновидна заедница која непосредно и посредно креативно со децении придонесува не само за вакви конкретни продукти туку и воопшто во градењето на музичката, културна и општествена сцена во Македонија: „пријатели, уметници, претприемачи, будали, готвачи, боеми, музичари, културни инженери...“
Fraternité истапува зрело и храбро, проширувајќи ги границите на домашната музика и обезбедувајќи ја нејзината непрестана трансформација, но, и заедништвото, солидарноста и „братството“. Според образложението на Попов: „Fraternité најпрво беше идеја да се спакуваат љубовта и топлината кои не’ одржуваат заедно сите овие години (...) Со комплетно нови музички параметри, се впуштивме во авантура која не’ извади од патики, а сепак додаде пар квалитативни слоеви на основната идеја.“
Албумот Fraternité е снимен и продуциран за винилно издание, а дизајнот на омотот е на Виолета Качакова. На основниот состав на бендот, Мирко Попов, Синиша Евтимов и Александар Гавровски, на овој албум им се придружува Владан Дробицки (од „Сетстат“), а на композициите се појавуваат и повеќе гости.
Албумот можете да го набавите тука.