Онлајн база на податоци за современи, културни и уметнички практики

21.03.2024 10:08
Онлајн база на податоци за современи, културни и уметнички практики

Како резултат на заедничката работа на проектот „Заедно сме посилни - со знаење против кризата”, Здружението за промоција на културата „Културтрегер”, „Курзив” - платформа за култура, медиуми и општествени прашања, Центарот за драмска уметност, Уметничката работилница „Лазарети” и „АКЦ Атак!” од Хрватска, ја развија и ја надградуваат онлајн базата на материјали на современи културни и уметнички практики создадени на независната културна сцена.

Базата на податоци, која се наоѓа на страниците на Центарот за документирање на независна култура*, е своевидна отворена архива каде што организациите можат да ги складираат своите материјали. Преку различни проектни активности и преку работа на сопствени материјали во текот на неговата имплементација, партнерите каталогизираа над двесте материјали кои се достапни за корисниците.

Ова складиште на знаења и материјали собрани од различни граѓански организации ќе биде слободно достапно за сите заинтересирани. Целта на базата е да собира информации на едно место кои граѓанските организации можат да ги користат за самообразование и зајакнување на своите капацитети, а на кои може да се потпре помладата генерација вработени во граѓанските организации, како и новите граѓански организации кои штотуку започнуваат со работа.

Како колаборативен ресурс, базата придонесува за зајакнување на граѓанските организации, а како процес на учење и постојано унапредување на архивските практики, претставува пример за добра пракса која се надеваме дека ќе ги инспирира другите да се занимаваат со зголемување на грижата за својата организациска меморија.

Како дел од проектот настана и онлајн прирачник за архивирање на знаења и практики, кој е наменет за сите организации кои имаат потреба да ги организираат документите и материјалите создадени од нивните активности, а немаат искуство, време или капацитет за тоа.

*Центарот за документирање на независна култура е архива на заедницата која се грижи за физичкиот и дигитален материјал создаден во областа на независната култура во Хрватска од почетокот на деведесеттите до денес. Физичкиот материјал се чува во клубот „Books”, а онлајн архивата содржи каталог на архивирани материјали, дигитализиран материјал и архива за усна историја. Центарот е дел од програмата „Азбука на независна култура” што ја спроведуваат здруженијата „Културтрегер” и „Курзив”, преку која, покрај архивирањето, партнерите организираат јавни настани, едукативни и застапнички активности и објавуваат документи поврзани со областа на независните архиви.

Извор: https://voxfeminae.net/

ОкоБоли главаВицФото