Зошто нема да молчам за левичарскиот антисемитизам

10.05.2024 01:08
Зошто нема да молчам за левичарскиот антисемитизам

На почетокот на месецов моето име стигна на врвот на листата популарни теми на Твитер/Х. Тоа траеше околу 24 часа. Во илјадниците анонимни објави, од час во час, ме обвинуваа дека „работам за МИ6“, дека сум „ционистички агент“, дека со своите ставови „го поттикнувам геноцидот“, само затоа што на еден мал јавен собир во Брент ѝ се спротивставив на една наводна левичарка која ширеше антисемитски лаги.

Некаде пред крајот на собирот една жена во публиката стана и налутено рече дека Лабуристичката партија, чиј член сум, е „израелска организација“; дека Израел „го финансира“ Кир Стармер и дека „поддржува и спонзорира“ многу други лабуристи. Ѝ одговорив дека тоа е антисемитска теорија на заговор без основа и факти. Собирот заврши во зовриена атмосфера.

Најлошиот дел од ова искуство не беше тоа што ме понижуваа на социјалните мрежи. Најтешко ми падна кога гледав како добрите луѓе зјапаа во подот додека зборуваше таа; малкумина ѝ аплаудираа; пред да ја напуштам салата неколкумина дотрчаа и ми се внесоа в лице извикувајќи „антиционизмот не е антисемитизам“.

Не сум единствената личност која ја напаѓаат зашто одбива да молчи за левичарскиот антисемитизам. Но тоа нема да ме спречи да продолжам да зборувам за тоа.

Зашто ова е пресвртна точка за левицата. Левицата на интернет активно се колонизира со ставовите на радикалната десница: нејзините тропи се сè поблиски до „антиимперијалистичката“ идеологија која ја шират ленинистите и теориите за „населениците-колонизатори“ популарни на американските либерални колеџи.

Резултат е тоа што денес на левицата има и луѓе чии погледи на свет се изградени околу антисемитските теории на заговор: на пример, дека пожарот во Гренфел има врска со Израел и семејството Ротшилд; или дека Израел ги планирал злосторствата од 7-ми октомври за да добие изговор за геноцидот во Газа.

Задачата пред луѓето кои изразуваат солидарност со Палестинците е да научат како да се заштитат од таквите идеи; како да разберат каква закана претставуваат и до какви последици можат да доведат. Зашто ова не е случајност: левичарскиот антисемитизам има долга, иако малку позната историја.

Антисемитизмот бил вграден во анархизмот. Михаил Бакунин, водечка анархистичка фигура од 19-от век предупредувал на опасноста од „Евреинот“. Оставил белези и на раните списи на Карл Маркс, кој и покрај еврејското етничко потекло ги прифаќал просветителските предрасуди за еврејството обележано со „саможивост“, „посебни интереси“ и обожавањето на парите.

Јуџин Дуринг, берлински економист и ментор на првата генерација германски социјалдемократи од седумдесеттите години на 19-от век, бил заговорник на антисемитскиот социјализам. Кога избила аферата Драјфус, многу француски левичари застанале со радикалната десница, против еврејскиот офицер кој бил жртва. Историчарот Зев Стернхел токму во таквите идеологии на наводен левичарски национализам ги пронашол корените на раниот фашизам.

Но за ширењето на левичарскиот антисемитизам најмногу придонел Сталин. Не само што ја цензурирал работата на новинарите кои го документирале специфично антиеврејскиот карактер на холокаустот, туку кон крајот на четириесеттите години започнал и глобална кампања во СССР против „меѓународниот ционизам“, која како резултат имала темелна чистка на Евреите во Полска по Шестдневната војна во 1976 година.

Секој што верува дека изливите на левичарскиот антисемитизам се исклучиво последица на бесот предизвикан од неодамнешните постапки на Израел и дека проблемот лесно може да се реши со повикување на „пристојност“, треба внимателно да ја проучи оваа историја.

СССР со децении развивал теми кои денес цветаат кај глобалната левица: дека ционизмот и фашизмот се близнаци; дека ционистите биле соучесници не само во холокаустот туку и во масовното убивање на Словените во источна Европа; дека ционизмот е меѓународен заговор преку кој се поддржувал апартхејдот во Јужна Африка, белите супрематисти во САД и расизмот насочен против автохтоното население во Јужна Америка.

Накратко, сталинизмот стои зад повеќето антисемитски тропи кои денес се во оптек. Секако, критичкиот став кон ционизмот не мора сам по себе да биде израз на антисемитизам. Но секогаш кога ќе ја слушнете паролата „антиционизмот не е антисемитизам“, треба да се сетите дека една од водечките глобални сили со децении работела на градење на „антиционизмот“ за да го постави во служба на антисемитизмот.

Руските власти јавно се дистанцираа од таквиот вид пропаганда во 1991-та година, но денес истите теми повторно ги користат многу навивачи на Путин, како од радикалната левица така и од радикалната десница. Секако, постои и антисемитизам кој го промовираат исламистичките групи, вклучувајќи ги претставниците на Хамас на западот: но онаа верзија на антисемитизмот во која „зад Гренфел стои семејството Ротшилд“ не му припаѓа на тој вид.

Во 2014 година известував за војната во Газа. Видов и документирав настани за кои верувам дека претставуваат израелски воени злосторства, заради што ме напаѓаа портпаролите на ИДФ. И овојпат на истите страници повикував на прекин на огнот пред тоа да го направи раководството на Лабуристичката партија. Се противев на израелската инвазија во Газа и предупредував дека ќе заврши со крвопролевање на цивили. Денес ги повикувам Израелците да ја прекинат блокадата на Газа, да ги испитаат случаите на кршење на меѓународното право од страна на израелските војници и да се водржат од нападите на Рафа.

Но за еден дел од радикалната левица јас сум персона нон грата зашто во исто време го поддржувам правото на Израел да се брани и да ги ослободи заложниците и ги критикувам левите идеологии кои бараат укинување на Израел заради статусот „доселеници-колонизатори“ припишан на неговите жители.

Од искуството можам да го кажам следното: тоа е тешка борба. Затоа потполно ги разбирам сите учесници во јавниот живот кои се обидуваат да ја избегнат. Но мислам дека не е можно да се остане настрана, надвор од борбата против левичарскиот антисемитизам. Зашто, сакале или не, тоа ќе биде важна тема на следните избори.

Да, „лудаците“ се малцинство. Да, огромно мнозинство од оние кои се солидаризираат со Палестинците се добри, прогресивни луѓе, мотивирани од легитимни хуманитарни причини.

Но отровот е влезен во крвотокот и по шест месеци конфликти во Газа гледаме дека нештата не се менуваат кон подобро, туку кон полошо.

Решението е едноставно. Зборувајте. Изолирајте ги антисемитите и ставете ги во карантин - одбијте да споделувате ист простор со нив; престанете да ги третирате како ексцентрични роднини кои е најдобро да се игнорираат. Тие се непријатели на начелата на кои почиваат социјализмот и социјалдемократијата.

Колку и да се обидуваат зајадливо да ве поучуваат тонејќи во неминовен пораз, сигурно ќе се чувствувате подобро.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Mohammad Sabaaneh

Извор: https://www.theneweuropean.co.uk/