Земја без библиотеки

22.07.2011 10:33
Земја без библиотеки

Низ САД, во големите и мали градови, се затвораат библиотеки или им се скратува работното време. Пред неколку дена прочитав дека постојат големи шанси дека и Детроит ќе ги затвори сите библиотеки во тој град, додека во Денвер се планира затворање на околу половината од нив. Поради ваквите одлуки сигурно стотина луѓе ќе останат без работа. Но ако ги земете предвид сите семејства во земјава кои немаат компјутери или не можат да си дозволат интернет, и го користат оној во библиотеките за да побараат работа, последиците ќе бидат уште потешки. Граѓаните се општо незадоволни поради овие затворања. Исто така се чувствуваат и градоначалниците кои се приморани да ги носат овие тешки одлуки. Меѓутоа, кога ќе ги погледнете улиците и патиштата полни со дупки, наставниците, полицајците и пожарникарите кои ги губат работните места, при што и демократите и републиканците ветуваат дека никогаш нема да ги зголемат даноците, без разлика на тоа какви ќе бидат последиците по квалитетот на живот, перспективата делува мрачно. „Најдобрата нација на светот“, како што сè уште се нарекуваме, ја изгуби политичката волја да го спречи своето нагло и очигледно пропаѓање, и да ги зачува установите од кои зависи функционирањето на нашата демократија.

Не знам дали постои нешто пообесхрабрувачко од глетката на затворена библиотека. Колку и да се скромни самата зграда и фондот на книги во неа, општинската библиотека во многу делови од земјата е единственото место каде што можат да се најдат книги во голем број, на сите можни теми, каде што и возрасните и децата се добредојдени да седат и чекаат во мир, заборавајќи барем за миг на обврските и проблемите кои ги чекаат надвор. Како и многу други Американци од мојата генерација, голем дел од своето знаење им го должам на илјадниците книги кои во текот на животот ги позајмував од библиотеките. Се сеќавам на стравопочитта која ја почувствував како тинејџер, кога сфатив дека ми е дозволено да се врткам меѓу полиците полни со книги, да одберам некоја, бавно да ја истражувам нејзината содржина на библиотечната маса и, доколку посакам, да ја однесам дома. Не само некој трилер или сериозен роман, туку и книги за уметноста, како и снимки од сите можни видови музика, од џез до опери и симфонии.

Во Оук Парк (Илиноис), додека бев средношколец, во библиотеката одев 2-3 пати неделно, иако во своето одделение бев просечен ученик. Дури и зиме пешачев десетина блокови до библиотеката, често на дожд или снег, носејќи куп книги и снимки, размислувајќи за новите и неистражени книги кои ме чекаат, треперејќи од возбуда и исчекување. Љубезноста на библиотекарите кои, се разбира, добро ме познаваа, исто така беше поттик. Тие беа среќни да ме видат како читам толку книги, иако сум сигурен дека понекогаш се прашуваа за природата на мојот поширок и збунувачки спектар на интерес.

На пример, во еден ден можев да позајмам книга за инсектите во Северна Америка, роман од Луј Фердинанд Селин, поезија од Харт Кејн, Антологија на американскиот краток расказ, книга за астрономијата и снимки од Бикс Бејдербек и Сидни Бечет. Сè уште не можам да ја заборавам великодушноста на даночните обврзници на Оук Парк. Јас не се родив со интерес за секоја тема; времето кое го поминав во локалната, неверојатно добро снабдена библиотека, ме направи таков.

А тоа беше само почеток. Како што минуваа годините, детално истражував бројни библиотеки, големи и мали, откривајќи многу писатели и книги за кои никогаш не знаев дека постојат. Меѓу нив имаше и многу непознати, заборавени, но и покрај тоа, вредни за читање. Ниедно предавање кое го слушав на факултет не можеше да се спореди со тоа. Дури и библиотеките во воените бази низ светот, или оние во малите и сиромашни индустриски градови, криеја некое богатство, како книгите од авангардната книжевност кои одамна престанале да се печатат, и речиси генијалните детективски романи.

Каде и да наидев на библиотека, секогаш се чувствував како дома. Преполна или полупразна, секогаш се чувствував пријатно во неа. Девојка и момче работат домашни задачи и флертуваат; постара жена, на која очигледно ѝ се потребни очила, мижурка обидувајќи се да го прочита многу пати прелистуваниот примерот на The New Yorker; прерано побелен човек, опкружен со расфрлани страници со белешки и неколку отворени книги, нешто чкраба во жолт бележник; и, најчуден меѓу нив, еден стар проќелав човек во елегантно сино и пругасто одело, со внимателно врзана пеперутка, чита тенка книга со црни корици која делува старо, а која би можела да биде поезија, теолошка расправа или нешто поврзано со окултизам. Тоа верување – дека зад вратата ме очекуваат неоткриени загатки – тоа е она што ме привлекува кон секоја библиотека на која наидувам.

Неодамна слушнав еден политичар кој изјави дека затворањето на библиотеките не е толку голема работа, бидејќи денес децата имаат интернет за да читаат и да ги работат своите домашни задачи. Меѓутоа, овие две работи не се исти. Како што ќе ви каже секој учител кој се сеќава на времето кога учениците одеа во библиотека и читаа книги, учењето и размислувањето доаѓаат поприродно кога човек ќе се наведне над книгата. Набљудувањето на другите кои исто така се внесени во читањето, држејќи ги во рацете или притискајќи ги со лактите книгите со различен изглед, некои со одбивен, а некои со привлечен, ве прави соучесник во една од најстарите и најблагородните човечки дејности. Точно – читањето книги е бавен, долготраен и често напорен процес. Наспроти тоа, пребарувањето по интернет е брза активност која го одвлекува вниманието, за чие време личноста која бара информации за одредена тема ги наоѓа, ги чита – но често прескокнувајќи голем дел од понудениот материјал, сосредоточувајќи се само на најважните делови. Книгите бараат трпение, континуиран фокус на она што се наоѓа на страниците, како и чести паузи посветени на размислувањето, за смислата на она што ќе се прочита да се искристализира и да го постигне својот целосен ефект.

Колку љубители на книгите создаде интернетот меѓу младите? Според мене, многу помалку одошто тоа го сторија милионите библиотеки во текот на изминативе стотина години. Нивното постепено исчезнување е трагедија, не само за тие осиромашени градови и населби, туку и за секого, на кое било место, кој е ужаснат од помислата на земја без библиотеки.

Извор: The New York Review of Books

Слика: Јацек Јерка

ОкоБоли главаВицФото