Демографски инженеринг

08.11.2012 12:22
Демографски инженеринг

Не смееме да дозволиме да престане расправата за вистинските прашања за жената, човекот и детето во Македонија, по стивнувањето на бурата реакции, по говорот на Премиерот за т.н. „демографска рецесија“ која ни се заканува. Не смее да се разводни темата на добрите и лоши одгласи и да стане поважно дали му се случил гаф или лоша проценка на моментот.

Затоа што по Скопје 2014, затворањето на медиумите, долгите и неправедни притвори, исценираните судења, заканите и прогоните на невините, влегуваме во НОВА ФАЗА, која преку божемното спасување на Македонецот од исчезнување, всушност почнува да се занимава со нашите лични животи и одлуки, за преку нашите временски и географски простори, веќе одземени, безпризорно да посегне и по нашите лични уточишта, нашите мисли и уверувања, сè до нашето најинтимно и неприкосновено „јас“. И за да го искористи и него како влог во насилно исцртување на вредносната карта на човекот и жената, на овие простори. Тоа е тешка манипулација со индивидуалното, самосвесно битие на човекот, систематски изложувано на постојана негацијата на самото себе и на неговото достоинство. До моментот кога насилството како единствено меродавно, на голема врата и сосема легитимно ќе влезе во сечие семејство и дом. И ќе стане норма.

Говорот на премиерот не беше гаф, ниту избегнување на важните теми, како што некои го протолкуваа, туку отворена и беспризорна најава на новата демографска фаза од комплексниот, добро обмислен проект на идентитески инжинеринг, кој подолго време го живееме, без да имаме претстава за неговите вистински димензии и дострел. Од обидите за менување на потеклото, рекомпонирањето на идентитетот, до последното планско и со „татковска“ загриженост окрупнување и умножување на тоа што СМЕ. Сè до губењето на чувството за себе на човекот-индивидуа на овие простори. Тоа е платформата на оваа фаза од проектот - да се самокорегираме и умножуваме, но само избраните, здрави, послушни, и лојални на идејата. Не и посилните, ослободените, самосвесните и различните. Зашто идејата е да бидеме што помали, поништожни и помалку важни, за да останеме трајно зависни. Од него, или неговата идеја, сеедно.

Затоа секогаш одново ќе мораме да се навраќаме на настаните, а ги има доста, и постојано да се потсетуваме, да не заборавиме низ што сè сме минувале и која е цената на понудата за спас на нацијата.

Да се потсетиме на традиционалните вредности на македонското семејство, кон кое божем треба да се стремиме, а кое всушност систематски и со сите средства се прекорува и санкционира за неизвршување на својата „најсвета“ задача, создавање на потомството. Наместо признание за прибирање на децата од улиците, за нивно одгледување и школување, за лекување на болните и немоќните, за солидарна борба со сиромаштијата, за згрижување на војската млади невработени и нивните партнери, а потоа и нивните деца, внуците, со три и четири генерации под ист покрив, на една плата или пензија, без никаква поддршка од државата, наместо признанија, ние треба да се засрамиме за неисполнување на обврската.

Да се потсетиме на јавното атакување и осуда на жената, претставена како убиец на сопственото фетус-дете, со истовременото ограничување на нејзиното право на информирање, преку ветените, а нереализирани училишни програми, замрените советувалишта за млади за сексуално и репродуктивно здравје, недостапноста на бесплатната контрацепција или на драматичниот недостиг од гинеколошки амбуланти и болници, на растечката смртност кај новороденчињата и кај родилките, на неисполнетите ветувања за ин-витро оплодување и на срамната понуда за второ дете, доколку првото е родено „со маана“.

Да не го заборавиме проектот, од истиот демографски дизајн, за трето и четврто дете, првично смислен за селективно пополнување на „празнините“, за потоа под силен меѓународен притисок и корегиран, но на крајот повторно изигран и прекршен преку грбот на жената и детето. Зошто излезе дека е „остварен“ исклучиво во сиромашните семејства, подлажани дека со ваквите „редовни“ приходи конечно ќе си ги нахранат и останатите прегладнети деца. Притоа, останува сосема неважно што жената-мајка инстинктивно жестоко се противи на уште пород при толкава сиромаштија, но никогаш нема да се спротивстави, зашто одамна веќе нема глас, ниту некој би можел да ја слушне, а и не си верува на себеси. Може ли човек повеќе од тоа да стане заложник и жртва на една манипулативно-агресивна, а божем позитивна популациона политика?

Да не ги заборавиме самохраните мајки или татковци, потполно препуштени на самите себе и на своите семејства, можеби затоа што веќе родиле, значи на тој план веќе завршиле работа, но се борат и мачат да ги одгледаат децата, и истовремено да работатат, и да ги школуваат, а притоа никогаш немале никаква помош во политиките, за домување, вработување, или за детска заштита и слични погодности, ниту сонуваат дека би можеле да имаат. Треба ли тука да ги ставиме детските болници, советувалиштата за родители и деца, установите за предучилишна возраст, кои ги НЕМА, или згаснуваат. Или одамна запуштените ученички и студентски домови, во кои живеат и растат живи деца?

Треба ли да ги спомнеме лажните стипендии за талентираните и најдобрите, доделени, а неисплатенини, затоа што пари нема, а повици за нови постојано се објавуваат? Или децата со посебни потреби чии семејства сами ги одгледуваат, со мизерниот додадок кој им следува, но и тој им се одзема кога детето ќе „се осмели“ да стапне во еден од ретките дневни центри, два пати неделно. Мизерија, измама, понижување, се основните претпоставки на кои се темели популационата политика на Македонија.

И не случајно, токму жената е столбот на проектот, во визијата на креаторот. Во неговата замисла таа е главниот адут, и инструмент за манипулација со човековото достоинство. Во сценариото за „спас на нацијата“ тој ѝ доделува главна улога, со преземање на сите натамошни акции, со сите средства и без прашање за цената за нејзино обликување и промоција. Ликот е јасен, со прецизно исцртан карактер од кој нема отстапувања. Таа мора да биде здрава и привлечна, но истовремено и прибрана, послушна, молчалива и плодна. Нејзиното учество е сосема маргинализирано и тоа отворено се искажува во описот на нејзината појава, надлежности и права. Токму затоа, лесно се исмеваат женските ретко извојувани позиции на рамноправност, во семејството или на работното место, во говорот на премиерот. Скромноста пак со која е благословена, не ѝ дава да забележи какви било неправилности во нејзината поставеност и очекувања, дури ни по повод ригорозното ограничување на нејзините права, за кои жената во Македонија сè уште нема доволно јасна претстава зошто служат и за кои ни т.н. женско лоби нема доволно капацитети да ѝ ги објасни, а уште помалку за нив да се избори.

Тешко дека во овие и вакви услови можеме да се спротивставиме на актуелните популациони идеи и политики, без претходно да ги разоткриеме и препознаеме како најсуптилна форма на системско насилство. И тоа мора да се направи и постојано да се прави, зашто ваквиот тип насилство, не само што влегува во сечиј дом, спална соба и кревет, туку и неказнето го задржува правото на условување и уцена, сè додека намерата на реформаторот не се исполни. И тоа не смееме да го дозволиме.

Не смееме да дозволиме популационите политики, засновани на дискриминација и неучество, да станат легитимен инструмент за просто пребројување на најслабите и сè позависни, од реформските идеи и решенија. Зашто со нив, не само жената и човекот, туку и детето и младите трајно остануваат на маргините, како мал, неважен детаљ од демографскиот дизајн. Сведени на бројки, децата и младите во Македонија немаат субјективитет, немаат свои автентични простори, физички и духовни, во кои ќе бидат и ќе делуваат суверено и свои. Тие сè помалку можат да сметаат на препознавање и чувствителност за сопствените индивидуални потреби и права. Ќе успеат ли некогаш да дојдат до она што им припаѓа, ако потекнуваат и растат во семејства и заедници со одамна изгубени достоинство и самопочит? На тоа треба најмногу да мислиме.

Извор: Глобус
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото