Апсурдноста на еден кримен

22.09.2009 14:42
faces-on-computerscreens-Jens-Bonnke-artville.jpg

Белградски апсења: зошто чинот кој е директно предизвикан од српскиот национализам се третира како злосторство кое е полесно од чинот на мотивирана солидарност со политичкиот затвореник кој штрајкуваше со глад барајќи слобода?

Овој случај ни покажува дека „меѓународниот тероризам“, пред сè, повеќе е идеолошка флоскула отколку фиксен означувач, дека е гума за џвакање која лесно се растегнува.

Деновиве моите мисли беа најмногу зафатени со апсењата предизвикани од фрлањето два молотови коктели на грчката амбасада во Белград. Веднаш ќе ги отворам картите: не треба ни да споменувам колку ме трогна таа ситуација, бидејќи ги познавам уапсените и веќе со години сме блиски соработници. Од самиот почеток поминував многу време на интернет за да дознаам некои информации, но можеби најмногу се грижев како да им помогнам. Кога следниот ден прочитав дека обвинението е променето од „предизивикување општа опасност“ во „меѓународен тероризам“, се запрепастив. Меѓутоа, она што уште повеќе ми пречеше беше реакцијата на многу мои сонародници, пријатели и активисти (дотогаш веќе пратив е-пошта на сите што ги знам, известувајќи ги за ситуацијата). Ми пречеа две нешта – лесното преминување преку обвинението за меѓународен тероризам, и во врска со тоа, сведувањето на целиот проблем на прашањето за нивна вина или невиност (и она фамозното прашање: „А кажи ми, дали навистина го направиле тоа?“). За мене проблемот со ова обвинение, сепак, лежи во нешто сосем друго.

Покрај сите факти (кои досега се непознати) и шпекулирања кои во овој миг се сведуваат на чисто верување во вината и невиноста на осудените, сметам дека, во разгледувањето на овој случај, треба да излеземе од тие зададени (правни) рамки (вина/невиност, легално/илегално, правно/противзаконско). Во целиов случај не се работи толку за тоа дали се уапсените виновни или не, туку се работи за апсурдноста на државното и судското карактеризирање на случајот како дело на „меѓународен тероризам“. За да го изгради ова обвинение, на судството му требаше само да се повика на толку баналниот факт дека со молотови коктели била погодена меѓународна установа (па, според тоа и нејзиниот географски простор е меѓународен). Тој (географски) факт надвладеја над сите прашања за контекстот, значењето, пораката и средствата со кои беше сторен овој чин. Па така, судството воопшто не го разгледуваше најбитниот факт дека за време на акцијата ниту еден цивил не настрада, и дека чинот може да се опише како симболичен чин на протест. Тој симболички чин може да се сретне и во други земји, како и во други движења, т.е. толку често бидејќи е составен дел од разни (дури и граѓански) демонстрации (Франција, Германија, Грција и тн.). Како што стои во законот, овој симболичен чин се сместува во ист кош со „злосторството на геноцид, злосторство против човештвото, воени злосторства против цивилно население, организирање и поттикнување на вршење геноцид и воени злосторства, водење војна“ и сл.

Не треба да се биде правник за да се сфати дека овој чин не е ист како практиката на водење империјални војни (кои не престануваат ни денес), организирање етнички чистења или забивања на авиони, автомобили и сл. во згради полни со луѓе за да се постигне некоја цел или да се прати одредена порака.

На банално ниво, кажано со едноставен јазик, не може да се става знак на равенство меѓу оштетување зграда на некоја држава и човечки живот. Да не забораваме дека во случајов се работи за зградата на државата која својата бруталност ја покажа во декември минатата година, убивајќи млад панкер, со што го запали фитилот натопен во коктелот од економската криза, раст на невработеноста, цените за живот и станарина, оттуѓеноста и бесперспективноста на едно општество расцепено од класните односи и „евро-фашистичката“/анти-имигрантска политичка практика. Ако државата, како средиште на структуралната управувачка моќ, е метафора и чувар на овие односи, нападот врз нејзината симболика може да се гледа дури и со симпатии, и може однапред да се сфати.

Најбитно е тоа што ваквото дело не може да се става во ист ранг со акциите кои одземаат стотици човечки животи, или со невидливото структурално насилство на капитализмот. Прашањето е, всушност, политичко! Во случајов не треба ни да се навлегува толку длабоко во политичко-стратегиски и теориско-идејни расправи за да се покаже апсурдноста на овој случај. Конкретната практика на српската полиција укажува на тоа колку оваа одлука и класификација за меѓународен тероризам е политички мотивирана. Имено, адвокатот Драгољуб Тодоровиќ, наведе скорешен пример за тоа. Во февруари 2008, по масовните протести „Косово е Србија“, беше запалена американската амбасада, а во тој чин смртно настрада 20-годишно момче од Нови Сад. Меѓутоа, на едниот обвинет му беше изречено обвинението за „тешко дело против општата безбедност“ и му беше дозволено да се брани од слобода. Токму во ова лежи апсурдноста и дволичноста бидејќи се поставува логичното прашање кој, како и на кој начин дефинира како ќе се определи еден чин на овој или на оној начин. Зошто чинот директно предизвикан од српскиот национализам е третиран како полесно злосторство од оној кој е мотивиран од солидарноста со политичкиот затвореник кој штрајкува со глад, барајќи слобода? Го повлекува ли тоа стравот дека правната држава (како метафора за претпоставената рационалност и еднаквиот третман на граѓаните) е сепак идеолошка, и е јасно позиционирана на хиерархијата на моќ? Ако е така, кои се тие моќници?

Ако, од друга страна, го земеме предвид едноставниот факт дека секогаш треба да се биде сомничав спрема државата (ако ништо друго, тогаш поради целата концентрација на моќ што таа ја поседува), како и историските податоци за нејзините контролирачки практики и додворување на интересот на капиталот, сомнежите растат уште повеќе. Освен тоа, овој случај ни покажува дека „меѓународниот тероризам“, пред сè, повеќе е идеолошка флоскула отколку фиксен означувач, дека е гума за џвакање која лесно се растегнува. По нападот на 11 септември 2001, флуидноста на овој поим стана уште поприсутна, а со самото тоа и поидеолошка и лесна ознака против сите кои активно сакаат да се менува светот, понекогаш и со незаконски средства, но не нужно и нелегитимни.

Затоа во целиов случај не станува толку збор за уапсените анархисти (со кои јавноста лесно се заплашува, преку начинот на кој и’ се претставува анархизмот), колку што се работи за државата која тој симболичен чин го карактеризира како дело на тероризам. Понатаму, се работи и за бранењето на слободата за поединечен или колективен протест или отпор против искористувањето и угнетувањето во светот во кој разликите меѓу богатите и сиромашните на глобално ниво се продлабочуваат. А методите на отпорот (од правна гледна точка) понекогаш не се легални. Не зборувам за фрлањето молотови коктели, или методите на индивидуален тероризам, за кои имам скептичен став. Таквиот став го имам не затоа што во тие чинови се работи за уништување згради, туку бидејќи претставуваат погрешна стратегија на патот кон социјалната промена, од едноставна причина што динамитот не може да ги уништи угнетувачките општествени односи. Но затоа, доколку пројде ваквото обвинение, граѓаните на Србија ќе ризикуваат вовед во некоја нова државна угнетувачка практика и градење на општество со државна контрола. Ако се допушти ваквата логика, се заканува опасноста дека не само што коктелите ќе станат симбол за тероризам, туку многу лесно ќе станат и другите, сосем легитимни (но не и легални) методи – саботажите на работното место, непријавените протести, генералниот штрајк, итн.

На крај, се наметнува ставот кој го изнесоа членовите на Сојузот на полските синдикати на протестот за солидарност пред српската амбасада во Варшава: „Веруваме дека симболичниот напад на имотот на државите и капиталистите, како одговор на вистинските неправди, систематизираното насилство и тероризмот, не може да се спореди со убиствените облици на теророт над милионите луѓе кој им е наметнат од државата, нејзината војска и полиција, или искористувањето на робовладетелските капиталисти. Настојувањето на категоризации, како што беше нападот врз грчката амбасада, како ’тероризам’ е само уште еден пример во долгата листа на злоупотреби на овој збор од страна на државата.“

Извор: h-alter

Илустрации: Jens Bonnke