Субрата Рој ќе организира антикорупциски фестивал

03.10.2013 08:43
Субрата Рој ќе организира антикорупциски фестивал

Скопје, 3 октомври 2013

Откако успешно го организираше фестивалот за мир, познатиот индиски бизнисмен Субрата Рој најави дека ќе организира и антикорупциски фестивал, кој ќе се одржи во старо-новиот театар на кејот на реката Вардар.

Рој ја добил идејата поради одличниот исход од фестивалот за мир, кој според него поминал исклучително успешно.

„Дојдов во Македонија за да ги истражам можностите за инвестирање. Кога видов дека е земја без корупција, не можев да се смирам од возбуда и морав да организирам фестивал за мир. Во чест на вашата некорумпирана древна земја, ќе организирам и антикорупциски фестивал“, изјави Субрата Рој за Пара вести.

Тој додава дека решил фестивалот да се одржи во еден од објектите од проектот Скопје 2014, кој е симбол за некорумпираност.

„Целиот проект Скопје 2014 е симбол за некорумпираност и чесност. Фасцинира тоа што за веќе изградени објекти се одвојуваат милиони со разни анекси; тоа што нема пресуда или кривична постапка против никој од одговорните само го потврдува фактот дека сѐ е чисто тука“, вели Рој.

Индискиот бизнисмен открива дека на фестивалот, наместо со билет, ќе се влегува со посебен фестивалски пасош кој посетителите ќе можат да го извадат на лице место по брза постапка, а почетокот ќе биде означен со песната „Се гледа каде одат парите“, во изведба на новинарскиот хор „Мега-фонија“, предводен од диригентот Влада Про.

Неофицијално, според нашите сознанија, Субрата Рој оценил дека бизнисот со спектакли и фестивали носи најмногу поволности во Македонија, па размислува за приватизација на фестивалите Макфест, Цветници, како и на вевчанскиот карневал и монополизација на сите маскенбали на 1 април.