За пари ќе се гине!

15.11.2013 10:18
За пари ќе се гине!

Овие денови додека се дискутира за буџетот и за огромните фискални оптоварувања, за расипничкото трошење на власта, за криминалот и за корупцијата која е широко распространета, добро е да поразмислиме за нашиот однос кон парите, но и за нашето сфаќање на социјалната правда. Она што е многу интересно е што Македонија е историски гледано, постојано сиромашна, но никогаш порано разликите или нееднаквоста не биле поголеми, а во исто време нашиот однос кон парите не бил полош.

Денес кога можеме слободно да ја санкционираме потребата за бегство од едно општество кое го презираме, каде повеќе нема разбирање и љубов, каде постои само индиферентност, каде повеќе не се разговара, парите се мерило, мерка и метро кои одмеруваат сѐ во нашата земја.

Нашата политичка и бизнис класа денес манифестираат едно особено внимание кон парите, во неуморната потрага по сѐ поголемо влијание, моќ и бенефиции. Таа тесна и ограничена класа, не размислува повеќе на друг начин да стане сопственик над нешто, или да присвои нешто, освен со пари. И токму со пари ја генерираат и одржуваат својата моќ.

Манифестацијата е мошне евидентна, иако е досега добро медиумски маскирана во самиот животен стил на владините функционери кои се препуштија на еден луксуз без граници. Тоа е нешто што важи подеднакво и во нивниот приватен домен и во нивното политичко поведение, односно во јавниот домен.

Да одам по ред, од приватен аспект и порано постоеле ситни олигархии и бизниси блиски до власта, но денес самата власт има свои бизнисмени или самите политичари се паралелно бизнисмени. Сите веќе знаат за становите на Груевски и неговата мајка, за становите на Јанкулоска, за бизнисите и фирмите во странство на Мијалков, за десетиците бизниси на Камчев, за ранчевите на Радникот или на Кичеецот, за луксузниот мотор на Горан Трајкоски, за ергелите автомобили, за хотелите и вилите, за скапите патувања, за животниот стил на висока нога. Ова веќе на сите им е општопознато.

Дури и Груевски кој порано се носеше како клошар за да изгледа скромно, денес повеќе не се крие, ниту може да го сокрие скапиот стил на својата гардероба и гардеробата на сопругата и децата. И сепак, малку знаеме за нивното богатење, но интуицијата и нашата лична сиромаштија ни даваат чувство за пропорцијата. Овде се украдени милијарди врз милијарди, парите ја вртат и ја уништуваат Македонија.

Истото ова, без да набројувам до бескрај, се рефлектира и во нивниот однос кон јавното. ДПМНЕ мора да располага со најголем буџет, со расипнички буџет кој го осиромашува стопанството и граѓаните, за тие да можат да имаат скапи автомобилски придружби, за да шетаат по род-шоуа, за да градат преплатени и луксузни градби кои нивното владеење би го идентификувале со опулентност, раскош и со развој. Еден дел од таквото однесување и трошење на јавните пари е само пи-ар, а позадината е токму личното и приватно богатење преку перењето пари и несовесното трошење.

Луѓето не сфаќаат дека сме двојно оштетени од луксузот на ДПМНЕ. Прво, трошат јавни пари за глупости, немаат изградено ништо продуктивно или капитално, што утре би донело пари, а потоа и крадат и ставаат пари во џебови како луди. Како во маѓепсан круг, со нашите пари нѐ направија мизерни робови. Викаат наводни милијардери и богаташи, па наводни странски инвеститори, кои ги честат земјиште или им плаќаат бенефиции кои не ја оправдуваат инвестицијата, за преку нив да земаат провизии и пак да перат пари.

Самиот нивниот пи-ар и контролата врз медиумите започна и ден денес трае врз поткуп со народни пари. Самото нивно одржување на власт е преку полнење на јавната администрација која се плаќа со буџетски пари, односно, со наши, народни пари.

Изградија клиентелистички систем, каде секој има добро одредена цена, секој може да се купи или да се поткупи, а оние најбројните, обичните граѓани и гласачи, се купуваат најевтино, повторно со наши пари. Пред секои избори, а ние само избори организираме, за неколку месеци трошат по 200-300 милиони евра. Само ДПМНЕ како партија по избори може да остане несанкционирана со долг од над 3 милиони евра.

Субвенциите со кои се фалат и кои одат кај локалните моќници, исто така се наши пари, некому подарени, додека земјоделците тонат во сиромаштија, а земјоделството крахира. Во секое министерство, од здравство до образование, ревизорските извештаи констатираат дупки од десетици и стотици милиони евра секоја година, и никому ништо. Пензискиот и здравствениот фонд сѐ повеќе тонат во дефицити доведувајќи ја во прашање исплатата и осигурувањето во иднина. Во исто време, сите дупки што ги прават краткорочно ги поклопуваат со милијарди евра кредити и заеми, кои идните генерации ќе мораат да ги враќаат. И во сето ова, и покрај популистичките и неодговорни зголемувања на плати и пензии, драматично е опаѓањето на реалните плати и пензии, куповната моќ е срозена, парите не вредат ни 50 проценти од тоа што вределе пред 7 години.

ДПМНЕ е режим и се одржува на власт благодарение на многу компоненти, од страв, партизација, до пропаганда и популизам, но ништо, повеќе не ја дефинира и одржува нивната моќ од самите пари, од нивното луксузирање и злоупотреба на буџетот. Затоа и пред една година беа подготвени комплетно да ја суспендираат демократијата, да тепаат новинари и пратеници, само да не се откажат од луксузот и за некој друг да не го контролира трошењето на пари.

Практичниот, оперативниот модел на македонската политика и моќ во апсолутна смисла е моделот на олигархиско-феудално владеење, со нишки на елитизам својствени за казахстанското или за азербејџанското општество. Да, луѓе, ова што ДПМНЕ го прави со нашите пари е луксузирање, врвен елитизам, тоа е градење на една толку тесна олигархија што ризикуваме и по политичката промена да не можеме да ги искорениме од моќта и власта.

Нивното богатење и луксузирање е строго врзано за олигархиско - авторитарниот режим кој го спроведуваат. Нема сила и контрола без пари, нема пари без сила и контрола. Затоа Груевски не размислува два пати пред да упати закана до опозицијата да не помисли да прави проблеми како на 24 декември.

Иронијата за Македонецот е што тој во оваа режимска епоха на материјализам станува сѐ посиромашен и сѐ помизерен. Стапката на сиромаштија е над 40 проценти, невработеноста над 40 проценти, кај младите достигнува дури и 65 проценти. Македонецот нема услови да биде материјалист во вистинска смисла на зборот, да ужива во материјалното, затоа што тој пред сѐ е егзистенцијалист. Напротив, Македонецот е само инструмент, неговата егзистенцијална мизерија е погонско гориво за опстојување на режимско - олигархиската елита на ДПМНЕ. Колку посиромашен, толку полесно поткуплив, толку полесен за манипулирање со идеолошки и пи-ар манипулации и заслепен пред приватно-јавниот луксуз на режимот.

Македонија денес е социјално буре барут, кое порано или подоцна ќе експлодира, но граѓаните сѐ уште не го разбираат тоа. Само кога ќе разбереме дека нѐ има многу, дека сме премногу сиромашни и мизерни, дека дозволуваме да нѐ купуваат со трошки, додека тесната олигархија на власт се луксузира, е тогаш ќе се запали фитиљот на незадоволството и бесот. Од стомакот на овој народ ќе дојде некој иден бунт или преврат, но прво мора да сфатиме дека сме робови на нашите пари и на режимот кој нив ги краде и ги троши за да остане на власт.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото