Слободен удар

07.05.2015 11:54
Слободен удар

На вчерашниот протест пред Владата бев присутна од 18 до некаде 21 часот, потоа пак дојдов негде околу 21.30 часот кога демонстрантите беа повлечени на раскрсницата блиску до Владата. Потоа си заминав. Она што го пропуштив, а потоа го видов на една видео снимка - некакви бесни демостранти кои со шипки и долги копја удираат по штитовите на полицајците, уште на самиот почеток на ескалацијата на нередите и бруталноста што следеше, пред зградата на Владата - ме изненади. Од каде ги најдоа тие шипки? Кои се тие соблечени дечки кои многу разгневено маваат по штитовите на полицајците? Воопшто немаше таква атмосфера пред тоа! Добро, фасадата се гаѓаше со јајца и патлиџани и со по некој камен, но таква агресија која „спонтано“ и неочекувано искрсна, не постоеше од страна на демонстрантите!

Оградата била отворена за да не навалиме како стампедо? Ви се молам! Па ние не бевме една таква безумна толпа за како бикови да се вдадеме во Владата! Смешни работи!

Можеби некој од провокаторите уништи и знаме? (Бидејќи на нас барабите знамето ништо не ни значело! Ајде де!) Знамињата беа спуштени од јаболите, но не и уништувани! Сите кои бевме блиску до јарболите бевме сведоци на тоа! А можеби некои од тие провокатори по однапред смислено сценарио започнаа да ја предизвикуваат полицијата, за овие да имаат оправдување да тргнат во акција? Не знам! Треба да се истражи и докаже овој инцидент. (Ете инцидент!)

А зошто никој од демонстрантите не им кажа, „Дечки, смирете се малку, не претерувајте!“ И кои беа тие многу гневни дечки ? Зарем братот на Нешковски, мајка му и неговите другари и роднини маваа со шипки по штитовите? Ви се молам! Сите ги кревавме високо раце во знак на мирни протести.

Денес во 18 часот пак ќе бидеме пред Владата, па ќе откриеме што точно се случуваше вчера!

Како и да е, од мојата гледна точка, и покрај инцидентот вчера, тврдам дека се случуваат многу убави промени во нашата земја, ПРОЛЕТ, како што известија сите светски весници, (баш духовни промени), поттикнати од овој наш повеќегодишен ДПМНЕ-овски кошмар. И, верувале или не, токму делата на оваа ДПМНЕ клика (да се разбереме, мислам на овие десетмина, стотина или максимум двесте криминалци. Нивните непосредни поддржувачи и клиентелата влегуваат во друга категорија) како перфидно зло олицетворено во ЛАГА, која спржи сè живо во оваа земја, па сега сите сме во една состојба на постатомска катаклизма, имаат токму радикално позитивен ефект, бидејќи ги разбудија најубавите чувства кај луѓето: љубовта кон вистината, правдата, единството, слободата. Тоа е нашата вистина, не мавање на полицајците со шипки, палење контејнери и создавање општ хаос.

А сите кои сè уште се сомневаат во оваа (духовна) промена доволно е само да излезат на улица кога се случуваат какви било мирни протести (дали на студентите, средношколците, новинарите, хонорарците, работниците, дали од разни други граѓански движења и отпор итн.), да се помешаат со тие луѓе со искрени намери, за да го доживеат ТОА. Од сета оваа мака што нè снајде, најголемата, трајната придобивка за сите нас е НЕПОСРЕДНАТА ДЕМОКРАТИЈА. Никогаш да не го заборавиме ова што се случува сега и како енергија и како инструмент за постигнување на нашите права и цели во иднина! Кога насушната потреба за слобода, мир, правда, хуманост, кога несебичноста и анти-алчноста стануваат реалност, тогаш таа состојба е духовност во широка културолошка смисла (како што сега јас ја разбирам и искажувам).

Горда сум на активистите кои постојано изнаоѓаат нови сили и редовно се на улица на сите протести и маршеви. Тие се нашите вистински херои! Од таа позитивна енергија, од нивниот силен ентузијазам ќе се роди новата македонска реалност. Ги повикувам сите граѓани да се обидат да се ослободат од своите стравови (и срамови) и да се солидаризираат со нив, да се здружат како фактор за посветла иднина на Македонија!

Случките од вчерашните протести се за памет, да не дозволиме да се инфилтрираат провокатори во нашите редови! Лекција за сите нас за да бидеме посвесни и совесни и мирољубиви на следните протести! Да не се повторат вакви бруталности и нередите на улиците на Скопје како вчера!

6 мај 2015

ОкоБоли главаВицФото