Груевски: Фотографијата е од кампот пред Собрание

23.07.2015 10:46
Груевски: Фотографијата е од кампот пред Собрание

Владата и премиерот Никола Груевски најостро ги демантираа написите во некои портали дека премиерот носел очила од 60.000 евра и се сончал во Израел. Во демантот се потврдува веродостојноста на фотографијата, но се појаснува дека таа е направена во Кампот за одбрана на демократијата спроти Собранието.

„Премиерот, по напорните преговори во Пржино, одлучи малку да се одмори и да се исонча. За таа цел, тој им се придружи на своите сопартијци и се оптегна на една од лежалките во кампот. Ако внимателно ја погледнете топлес фотографијата, ќе забележите дека зад Груевски има ѕид кој како да е од мермер, а не е од мермер, туку е од бетон што личи на мермер, што укажува на фактот дека истата е направена во непосредна близина на споменикот каде што исто така се сонча во топлес Прометеј. Што се однесува, пак, до очилата, најостро демантираме дека истите се купени за 60.000 евра. Некој намерно како да сака да премолчи дека премеирот за нив доби 10 отсто попуст,што и мали деца може да пресметаат дека е не повеќе од 54.000 евра, а таков џабалк не би пропуштиле ниту премиери на многу посиромашни земји од Македонија“, се вели во соопштението од Владата.

Погореспоменатите факти премиерот во лична изјава ги изнесе и за неколку израелски медиуми.

Извор: http://www.kozanostra.net/