Маргина #92

16.11.2020 18:08
Маргина #92

Оваа Маргина, како и минатата, е поврзана со книжевниот фестивал Друга приказна, кој годинава е посветен на книжевноста за деца, и се одржува по петти пат.

Јана Бауер од Словенија е добитничка на главната награда на фестивалот. Во нејзина чест Маргинава ја почнуваме со Грозовилата во страшната шума. Насловот на овогодинешниот фестивал е и наслов на најпознатата книга на Јана Бауер. Алузиите, се разбира, се обидуваат да ја дофатат и атмосферата на оваа чудна, несреќна пандемиска година, 2020. Еден од можните наслови на фестивалот ни беше: Изолирани поврзани. Така што, и фестивалот и оваа Маргина се обидуваат да ги артикулираат и освестат тие наизглед противречни тенденции: одвоеноста и поврзаноста, куќниот карантин и страшната шума, креативноста и немоќта...

Јана Бауер и нејзината Грозовила се само дел од атракциите во Маргина #92. Меѓу другото, овде одбележуваме неколку важни годишнини: Бистрица Миркуловска и Цане Андреевски, нашите исклучително важни автори за деца, годинава полнат 90 години. Присутен е и можеби најмаркантниот македонски писател за деца, Славко Јаневски, роден пред сто години (а починат пред 20 години). Застапени се и десетици други писатели и илустратори за деца, од С. Македонија, од регионот и од светот.

Регионалната книжевност за деца е претставена преку триесетина писател(к)и од Србија, Словенија, Хрватска и Бугарија.

Претставен е и еден од најголемите илустратори во историјата, Американецот Морис Сендак. Неговите цртежи се и на кориците на овој број.

Зошто книжевност за деца? Зашто кај нас е занемарена и потценета. Но, и зашто последниве години, сепак, и кај нас, нејзиното значење и квалитет растат, и во потесна текстуална смисла, и во поширока: ликовна, уредувачка, преведувачка, техничка... Од тие причини, ширејќи го полето на книжевноста, ловејќи ги современите тенденции на ово поле, и прикажувајќи низа вредни автор(к)и и овде, во списаниево, и на фестивалот - решивме книжевноста за деца годинава да биде наш главен фокус.

Се разбира, книгоиздателството Темплум не се занимава со детската книжевност само годинава туку од самите почетоци, во раните деведесетти (на пример, најславниот детски стрип, класикот од 19-иот век, Макс и Мориц /Плас и Плас, во нашето издание/, од Вилхелм Буш, го објавивме пред речиси 30 години, на почетоците на Темплум). Последниве години само го засиливме тој дел од нашата издавачка програма.

И на порталот Окно (кој исто така е дел од Темплум) мошне е присутна книжевноста за деца, од самите почетоци на Окно (2009), а посебно се инсистира на ликовниот аспект на таа книжевност (чија моќ секогаш и произлегувала, во значајна мера, од тој чудесен спој меѓу текстот и сликите; впрочем, Луис Керол, низ зборовите на Алиса, ги изрече незаборавните програмски зборови: „Каква е воопшто таа книга без слики и песни?!“).

Една од намерите ни е и да ги култивираме македонските читател(к)и, објавувајќи автор(к)и кои со своите дела (и текстуални и ликовни) го надминуваат понекогаш претесно сфатеното поле на „книжевноста за деца“. Делата што ние ги објавуваме подеднакво им се наменети и на децата и на возрасните, пред сè заради нивните уметнички квалитети.

Во тој дух, на афирмација на најдобрата книжевност за деца, го составивме овој број.

Почитувани читатели, уживајте во читањето!


Никола Гелевски,
главен уредник на Маргина

***
 

СОДРЖИНА на Маргина #92:
 
ЗА КНИЖЕВНОСТА ЗА ДЕЦА 
Никола Гелевски
 
ГРОЗОВИЛАТА ГО СКРОТУВА ДИВИЛОТО
Фросина Крушкаровска
 
ЈАНА БАУЕР – добитничка на наградата „Друга приказна“ за 2020
 
ФАНТАЗИЈАТА Е КЛУЧЕН ДЕЛ ОД РЕАЛНОСТА – интервју со Јана Бауер
Лидија Димковска
 
ДЕСЕТ ПЕСНИ И СЛИКИ ЗА СОНЦЕТО 
 
ПЕСНИ ОД ЧУДНАТА ШУМА 
 
НАЈКРАТКИТЕ СРПСКИ РАСКАЗИ ЗА ДЕЦА
 
ИЗБОР ОД БУГАРСКАТА КНИЖЕВНОСТ ЗА ДЕЦА
 
ИЗБОР ОД СЛОВЕНЕЧКАТА КНИЖЕВНОСТ ЗА ДЕЦА
 
СЛАВКО ЈАНЕВСКИ 1920 – 2000 – 2020
 
ЦАНЕ АНДРЕЕВСКИ – Пред огледалото
 
БИСТРИЦА МИРКУЛОВСКА - Работливо момиче, и други песни
 
ПАНДАЛФ ВУЛКАНСКИ – Мижи асан да ти бајам
 
МОРИС СЕНДАК – Книгата е за да е јаде