Светски ден на театарот: Кризите се шанса за преобразба

27.03.2021 15:18
Светски ден на театарот: Кризите се шанса за преобразба

Храбри и освестувачки пораки стигнаа на Светскиот ден на театарот во оваа 2021 година, кога пандемијата на ковид-19 сѐ уште ја држи глобалната театарска сцена во заложништво, а театарџиите трагаат по нови форми на израз само да не запрат со својата работа. Македонскиот центар ИТИ/Продукција, како дел од глобалната иницијатива на ИТИ УНЕСКО, ги проследи светската порака по повод Денот на театарот, испратена од познатата британска сценска, филмска и ТВ актерка Хелен Мирен, како и македонската порака на актерката Сузан Акбелге.

„Кризите се секогаш шанса за преобразба. Промените се неминовни и нужни. Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина“, вели актерката Сузан Акбелге од Турскиот театар-Скопје во македонската порака по повод годинашното одбележување на Светскиот ден на театарот – 27 Март.

„Во 1606 година, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми „Кралот Лир“ и „Макбет“… Актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места. Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде нè демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој нè присили да се прибереме не само во своите домови туку, пред сè, во себеси… првпат по долго време какофонија… (пауза)… монолог“, напиша актерката Акбелге.

Авторка на меѓународната порака за Светскиот ден на театарот годинава е британската актерка Хелен Мирен, во која вели дека ова време е многу тешко за изведувачките уметности, за многуте уметници, техничари и занаетчии, за жените кои се борат за своето место во оваа професија која е обележена со несигурност.

„Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст. Нивната имагинација како самата да се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува. Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа“, напиша Мирен во годинашната порака за театарот.

Додава дека никогаш нема да биде потиснат креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчарите, актерите, музичарите, режисерите и дека во блиската иднина тој повторно ќе процвета со нова енергија и нови разбирања на светот.

Светскиот ден на театарот – 27 март денеска се одбележува дигитално, во организација на Интернационалниот театарски институт (ИТИ) на УНЕСКО, во чија мрежа е вклучен и Македонскиот центар на ИТИ.